Велика

Во септември 2018 година, во месецот определен за референдум, спроведов посебни истражни мерки против одредени јавни личности од светски и од домашен калибар. Станува збор за политичари, академици, разни експерти и новинари. Овие ПИМ-мерки ги спроведов заради основно сомневање за злосторничко здружување и политички тероризам против уставниот поредок на Република Македонија. Моите извештаи од спроведените ПИМ-мерки ги објавував јавно, но сега не е лошо да потсетам. Политичкиот тероризам против Македонија се одвиваше во неколку етапи. Првиот акт се случи во македонското собрание. По изведување химна на туѓа држава, со незаконско гласање надвор од процедура и со недоволно гласови беше избран нелегитимен претседател на Собранието. Потоа ликовите Зоран Заев и Никола Димитров спроведоа терористички напад врз Уставот на Република Македонија. Тие потпишаа договор со Грција, кој смее да го потпише само претседател. Во истиот тој договор, наместо името Македонија стоеше „другата страна“ што е ставање на државата во подредена положба спрема друга.

Се распиша референдум преку кој власта сакаше да го легитимира теророт како закон. На помош им дојдоа моќни странски поддржувачи на терор врз мали народи. Меркел, Хас, Матис, Робертсон и други спроведоа насилство врз македонскиот народ за да го присилат да излезе на гласање. Сепак, во понатамошните мои белешки може да се најде еден краток момент на пресврт. Две третини од македонскиот народ одлучија да се борат против овој терор. Антитерористичките акции беа дел од борбата за остварување на човековото право за самоидентификување. Оваа акција беше наречена „Бојкотирам“. Насилниците се вознемирија. И како што доликува на луѓе што се научени да шират терор врз други, така и се однесуваа. Почнаа да праќаат свои емисари, кои требаше да тероризираат народ подготвен да бојкотира. Се закануваа со апсења и затвор што е уште еден пример на тортура врз демократијата.
Да скратам. Народот ги победи политичките терористи. Референдумот пропадна. Затоа во Македонија дојде познатиот европски политички терорист, Јоханес Хан, и нарача балкански терор-методи за насилна промена на името. Сите други детали од спроведените ПИМ-мерки против светските и домашните политички терористи, кои ликвидираа постоење на цел еден народ, се изнесени како доказен материјал во моите колумни.

Океј, одма да ви кажам, јас стварно немам никаков проблем што удбашиве на власт прислушувале. И тоа со ПИМ-мерки одобрени од нивниот трас трас суд. Да, ви пишувам за операцијата со глупо име „Атлантик“, во која судот дозволил да се прислушуваат луѓе што пропагираа бојкот на референдум. И тоа пазете ваму, под сомнеж за тероризам. И тоа ми е сосем океј. Оти оној што со терор стигнува до целта логично е насекаде околу себе да гледа тероризам. Како што и криминалецот мисли дека сите други се криминалци.
Може и мене ме прислушувале, оти и јас заговарав бојкот. Баш ми е гајле. Чест е човек да се бори за основното човеково право на самоидентификација, да крене глас против политички терор. Чест е да се биде апсен, тормозен од прекиот суд и ликвидиран од оние што спроведуваат насилство, терор и идентитетски геноцид, оти така ќе се знае дека си пострадал од злосторници против човештвото.
Океј, избори. Во минатата колумна ви пишав зошто е бесмислено да се заговара бојкот на парламентарни избори. Од друга страна, ако некој сака да го прави тоа, го има сето право за такво нешто. Јас нема да бојкотирам. Убеден сум, имам аргументи и стекнато животно искуство, дека СДСМ повторно на власт ќе значи уште еден чекор кон целосно ликвидирање на Македонија. Како што знаев што ќе сторат пред да дојдат на власт, а тие негираа, ама сторија, така знам и сега.

Ама пак од друга страна, не сакам веќе да објаснувам зошто е најдобро за Македонија, сегашнава власт да замине на буништето на историјата. Оти ми здодеа да се тепам со ветерници. На моменти ме фаќаат црни мисли, кои ми велат дека ја заслуживме приказната на Хазарите. Оти сами ја повикуваме таа судбина. Со нашата меѓусебна поделеност, закрвеност, злорадост, суетна потреба да ги наметнеме сопственото мислење и став како единствени праведни и правилни. Така само им го олеснуваме патот на сите оние однадвор и нивните слуги по дома, мирно да ја тераат својата политичка терористичка агенда за наше целосно бришење од мапата на светот.
Затоа јас на овие избори ќе гласам за сето она што ретко се наоѓа во последно време низ Македонија. Скромност, едноставност и посветеност.

Не сакам зборови, туку дела, рекол Христос. Сите ние сме многу силни на вилица и тастатура. Врескаме гласно, врескаме едни на други, покажуваме со прст, први фрламе камен, бараме одговорност кај секого, освен кај себе, а можеме ли да се пофалиме со дела кои ја извадиле приказната за Македонија надвор од карантинов на суети и предавства? Почнувам од себе. А додека ние само врескаме преку тастатура, некој отишол во УНЕСКО и успеал да запише нематеријално македонско наследство среде свет, кој не ни признава идентитет. Па уште успеал и Грци да убеди да гласаат за такво нешто. Веќе утре или по десет години кога ќе тргне еден процес на докажување дека нè ништеле како идентитет, нема да бидат доказ и аргумент нашите хистерични и суетни фејсбук-статуси, туку нешто што е заведено како факт во аналите на светските институции. Некои идни нормални луѓе низ светот ќе прашаат како тоа нема Македонија и Македонци кога читаме дека постои македонско културно наследство заведено во архивите на светските институции.

Знам, немате поим за што ви зборувам. Затоа што скромноста, љубовта и посветеноста не врескаат. Јас познавам жена што низ годините на ништење на македонизмот успеала да нè заведе како постоење во светските архиви и веќе утре нејзиниот труд ќе биде наш реален доказ во борбата за правда. Се вика Велика Стојкова Серафимовска. Никогаш не се расфрлала со своите конкретни успеси. Затоа и не сте чуле за неа, иако знаете за купишта фејсбук-патриоти без дела зад себе. Зборувам за дела надвор од границите на Македонија, дела запишани и заведени како факт. Е неа ја има на една од партиските листи и јас викнав од радост кога ја прочитав. Иако познавам голем број други квалитетни и остварени луѓе околу неа, овој пат, таа е мојот прв избор и пример за тоа како со дела се бориш за Македонија.