Вархеи и Форест Гамп

Балканските Гампови можеби не се добродушни како што изгледаат кога ќе стават рака на срце и почнат да се колнат во бога, деца, жена и сл., но оној првиот квалитет дефинитивно го имаат. Во ист дух настапуваат и оние од ергелата на конфекциски
произведени адвокати. Дури и да знаат, нема да кажат дека ЕУ повторно нуди мачка во вреќа

Секој нов 11 Октомври е потемен и понеизвесен од претходниот. Над празникот, оној за кој мене ме учеа дека е почеток на Народноослободителната војна во Македонија со првите герилски акции против бугарскиот окупатор во Прилеп и Куманово, сега виси Дамокловиот меч на Софија. Прашање на време е кога ќе го забранат неговото одбележување. Но зарем ние веќе одамна не капитулиравме и со духот и со умот поради некакви „повисоки интереси“? Секоја нова генерација како да е сè поотуѓена од историјата на својот народ, што не е ни чудо кога таа историја е паричка за поткусурување на влади, меѓународна заедница, комисии, лобисти.
Впрочем, секоја година се прашувам дали ние воопшто и заслужуваме да го славиме почетокот на борбата на партизаните. Со кого тоа се бореле партизаните? Зошто се фатиле за оружје? За што биле подготвени да загинат и гинеле? Сето тоа се чини толку бесмислено во светлина на уцената на Софија, која нашиве (гарант!) ќе ја прифатат како кленови. „Договорот за добрососедство, пријателство и соработка“ со Бугарија и божемниот почеток на преговори за влез во ЕУ се гумичката со која се брише (насилно) историската меморија и се вградува нова, фабрикувана, по пат на сила. Несфатливо е каква е таа генерација (и држава) што за проѕирни ветувања и за (ветени) пари прифаќа да жртвува сè што со саможртва постигнале претходните генерации! На чело на влада ви е човек што раскрчми сè што не стекнал, со цел да стекне поголем личен ќар. Тоа е човек што, без око да му трепне, вели: „Размислуваме да го ставиме на продажба целото државно земјиште, народот потоа ќе прави фарми и оранжерии, до тоа да легализираме марихуана.“ Тоа е Македонија денес.

Посетата на комесарот Вархеи не се разликува од посетите на бившиот комесар Хан (духот на Австро-Унгарија лебди над Балканот како историска константа, заедно со уште неколку духови на големи сили). Оној бившиот промовираше „балкански методи“ за спроведување на Преспа, овој нешто мантра и како папагал повторува одамна слушнати фрази: „Скопје да се посвети на дијалог со Софија, планирани 9 милијарди евра инвестиции на Западниот Балкан. Работиме рака под рака со бугарските и македонските власти, ги примив министерот за надворешни работи и вицепремиерот минатата недела и ги охрабрив да се ангажираат со нивниот сосед, бидејќи станува збор за заемен интерес да се најде решение што е прифатливо решение за двете страни“. Како што заклучува и париски „Фигаро“, ЕУ ја повикува С. Македонија да ги реши историските спорови со Софија, кои се поврзани со јазикот и историјата. Наводно, било во заемен интерес да се најде „заемно прифатливо решение“. Среде Скопје, Вархеи изјави нешто што досега го кажуваа во стилот „тие се внатре, а вие сте надвор“: Ако овие прашања не се решат, ќе биде многу тешко да се движиме напред. Свесен сум за сензитивноста на ситуацијата, но молам за трпение затоа што дипломатијата дава резултати, како што веќе видовме со Преспанскиот договор од 2018 година. Колкупати треба да ги искусиме истата ситуација, истото газење и понижување, за да научиме нешто? Велат, првиот пат е инцидент, вториот е случајност, ама третиот веќе станува навика. Навиката на оваа колонијална и марионетска власт е одамна прифатена како нешто природно.
Вархеи дојде со божемен економски пакет. Некои се сетија на еден стар виц, кој почнува така што Мујо го прашува Хасо: „Хасо, је л’ би се ти је*о ако ти неко да 1.000 долара?“ Душегрижниците и чуварите на јавниот морал ќе се вознемират од овие редови, бидејќи за нив е поприфатливо ако некој те онаквува во здрав разум отколку да раскажеш виц. Нејсе! Срамот го изгубивме, на вакво колосално бесрамие редно е нештата да ги кажеме со вистинското име. Кажувањето на вистината е револуционерен чин, а славиме востание, нели? Презентацијата на Вархеи низ регионот најдобро ја опиша еден пријател од Германија: Вархеи и Форест Гамп. Познатата сентенца од филмот е онаа во која Форест ја цитира мајка му, која го научила дека животот е како затворена чоколадна бонбониера; никогаш однапред не знаеш што ќе најдеш внатре, и дали си избрал добро или лошо. Форест Гамп генерално е синоним за приглуп, но добродушен човек, кој случајно станува инволвиран во некои историски настани. Тој е симбол и на конзервативизмот и аполитичноста, вејка на ветерот којашто по игра на случајности станува богат и славен. Балканските Гампови можеби не се добродушни како што изгледаат кога ќе стават рака на срце и почнат да се колнат во бога, деца, жена и сл., но оној првиот квалитет дефинитивно го имаат. Во ист дух настапуваат и оние од ергелата на конфекциски произведени адвокати. Дури и да знаат, нема да кажат дека ЕУ повторно нуди мачка во вреќа. Ветувањето е радување за лудиот, вели една српска поговорка.

Ама, на овие народи умот не им доаѓа. ЕУ нуди божемен божиќен подарок од 9 милијарди евра за шест држави и нивните 18 милиони граѓани (Хрватска сама добива 20 милијарди евра, само за споредба колку се ова „кикиритки“ за кои ќе се тепаат овие од Западен Балкан, ако се воопшто и способни да грабнат нешто). Кваката 22 е во тоа што, прво, не се знае како ќе се распределат парите и колку од нив се во вид на грантови, а колку се кредити, и второ, економскиот дефицит со ЕУ со ваквите мерки само расте, не се намалува. ЕУ не е ниту волна, ниту способна да спроведе т.н. Маршалов план во регионот, но го држи и доволно блиску и доволно далеку од себе. Европската комисија се занимава повеќе со политичка економија отколку со реална помош на регионот, вели германскиот експерт Душан Рељиќ, но впечатокот е дека ЕУ повеќе се грижи за геополитиката отколку за нешто посуштински важно за овие земји.
Затоа, сета оваа драма со „пронаоѓање заемно прифатливо решение со Бугарија“ (ви текнува, нели?) е бесмислена. Таа „решава“ националистички фантазии на една периферна држава-членка, исто како што и Преспа го постигна истото тоа со другата членка, но никако не ѝ помага на Македонија да се стабилизира внатрешно, ниту да се интегрира и чувствува европски. Повторно добиваме понижувачки предлог, а кој, колку и да е непристоен, Заев го прифаќа со екстаза, затоа што умот му е во марихуаната и другите бизниси. Тоа е неговата вистинска „Европска Унија“.
Но во пресрет на овој 11 Октомври, токму по аберите од Брисел, стигна надежен герилски одговор во знакот на Зоро (црвената буква Z) на сите табли на кои пишува дека спомениците (и кичерајот заедно со нив) се дел на еленската цивилизација. Симболичен чин, би рекле, но нели и нападите на участокот во Прилеп и во Куманово биле такви. Тие само навестиле, охрабриле, движењето расте и се надоврзува на нив. Некој треба да покаже дека во ова зачмаено општество, сепак, тлее и бунтовен дух. Ќе се согласам, иднината на оваа земја не зависи (само) од одбраната на историјата, јазикот и идентитетот, но од таа одбрана зависи почетокот на една долга и макотрпна битка за социјална правда и економски прогрес што нема да биде во интерес на домашните компрадори. Сакав да завршам во борбен дух, како што прилега на празник.

Но доаѓа до нов удар на човечката слобода. Власта решила од авторитарна демократура да стане тоталитарна карикатура. Ќе броела колкумина гости ќе примиме дома (веројатно ќе го активира проектот „балкански шпион“, комшиите што ќе се активираат во следење и известување, бидејќи полицајците или претепуваат или биваат истепани среде полициска станица). А и маски ќе носиме кога сме сами, во парк или во природа. За тоа ни измислија детски постер, кој повеќе личи на евтина нацистичка пропагандна порака, нешто за чадорчето и дождот, лиценцето со маска небаре од небото врне вирусот. Истовремено, тренираат строгост со проширување на овластувањата на инспекциите што ќе казнуваат – ама само таму каде што има граѓани. На другите места не се осмелуваат ни носот да си го покажат. Ова е толку забегано и бесмислено, што ми останува само да кажам: среќна ковид-нова 1984!