Валкано: уметност на негативната политичка кампања

„Сигурен сум дека оваа изборна кампања ќе биде една од највалканите во историјата на земјата. Сигурен сум дека лажните вести и медиумската пропаганда ќе бидат секојдневие за време на изборите“, изјави техничкиот премиер на Владата, Спасовски. Си знае човекот како дојде на власт. И дека во текот на годините на нивната „револуција на лаги“ во Македонија умре вистината, а со неа и довербата на гласачите во она што го говорат и ќе го презентираат како политичка понуда во изборната кампања.

Валкана – да. Но ни збор за убиецот на Нешковски, за малата Тамара и погибијата на Никола Младенов. Се виде и слушна манипулацијата. Молк од владејачката партија. Молк за колнењето во непроменливост на името на државата, за македонската жица што стана растеглива како лагите на лидерот на СДСМ и поранешен премиер Заев.
Македонските избори секогаш биле, повеќе или помалку, валкани. Почнувајќи од бугарскитe летоци, преку прекројување на изборните единици, големото уво, до „бомбите“ на Заев. Што би била политичката кампања без валканите трикови на ребрендираните комунисти? Но, без оглед колку е валкана политиката, застрашувачки за владејачката партија е што пред секои избори го воскреснува сеништето на насилство. Политичкото зло што ја обвива оваа партија е старо колку и нејзината историја. Како и насилството. Само како потсетување за веќе подзаборавениот случај на „Хард рок“. Се има своја историја и почеток.

И повторно се игра на истата карта. „Бомбите“ се компромитирани, но затоа е тука новосоздадениот фетиш: Европската Унија и НАТО. Па, техничкиот премиер воскликна: „Претстојните избори ќе бидат соочување помеѓу проевропските и националистичките сили“. Улогите се поделени. Валканите чаршафи што ребрендираните комунисти ги распослаа низ македонската политика треба да ги разбудат стереотипите, да ги подбуцнат луѓето едни против други и се калкулирани да предизвикаат омраза, аверзија и презир и сомнеж кон спротивставената политичка опција.
Умре времето кога во ерата на претсоцијалните медиуми пиар-оперативците се трудеа да имаат што подобри односи со оние што можеа да влијаат на природата на новинарското покривање на изборите, преку комбинација на добри односи, креативни идеи за политички наратив и врамување аргументи. Но денес повеќе не е доволно преку директни односи со новинарите од мејнстрим-медиумите да се управува со политичките пораки.

Денес политичките измамници треба подобро да се погрижат јавноста да не ги види лагите и дезинформациите што ги пласираат. Политичката измама донесе нов пресврт во ерата на медиумското покривање. Социјалните медиуми станаа доминантен извор на известувањето на новинарите.
Големите дебати на Твитер и на Фејсбук се корисна храна за пишување статии и ТВ-вести; различни перспективи за прашањата се (и секогаш биле) основа на новинарството. Начин како вашата страна на политичкиот наратив да добие проветрување. Но на социјалните медиуми им недостига мислењето. А и лесно се манипулативни и податливи за корумпираност. Што го видовме и консумиравме со оваа власт.
Видовме колку инвестираше власта во социјалните медиуми последниве години и колку истите тие одработија за неа. Лагата мора да се одржува. Особено сега, пред избори.

Доцна е за изборен ремонт низ кој ќе ја заштитиме демократијата од политичари што лажат без усул. И социјални медиуми без одговорност и етика во известувањето. Социјалните медиуми во Македонија станаа токсичен расадник на дезинформации, полувистини и чисти лаги. Допрва ќе гледаме до каде може да се оди со манипулација на социјалните медиуми и корупција на традиционалните и колку тоа ќе го афектира јавниот натпревар за политичка моќ во државава оваа пролет.
Веќе слушаме за руско влијание на изборите, за инфузирани сомнителни пари во одредени медиуми (нормално, опозициски ориентирани), за опструирање на добивањето датум за ЕУ и пристапувањето во НАТО: реално, лажни вести и спинувани (не)вистини. Празни обвинувања без аргументи. Нема веќе проверка на фактите. Има лажење без граници. Како во времето на информбирото. Владејачката партија може да си дозволи да прави што сака во поглед на начинот и социјалните медиуми низ кои ќе ја циркулира политичката порака, притоа вознемирувајќи ги консументите на овие медиуми. Барем лагите се трејдмарк на оваа власт. Не им личи улогата на борци против лагите и дезинформациите

Има многу политичари што се пристојни и чесни луѓе, но се прашувам колку ќе бидат професионални во кампањата што претстои. Кога имате лидер што веќе го изгуби чувството за обемот на лагите што ги пласира во јавноста, тешко е да очекувате дека неговите следбеници ќе може да кажат што е лага а што вистина. Што е правилно а што погрешно. Зашто влогот е премногу голем.
Во држава што живее во фингирана демократија и неправо, социјалните медиуми ќе ја одредат иднината на земјата по изборите во април. Социјалните медиуми стануваат моќна алатка низ која власта ќе се обиде да посее конфузија во политичкиот спектрум пред изборите. Ќе се обиде да ја замолчи критичката мисла. Што би рекле: цензура преку секој шум.

Затоа, што може да очекуваме за изборите? Најобемна дезинформациска кампања во историјата на оваа држава. Која веќе започна. Без разлика дали ќе успее власта на изборите, она што ќе го остави зад себе може да биде непоправливо. По демократијата и слободата во Македонија.