Вавилонска кула во практика

Залагајќи се за подигнување на албанскиот јазик на ниво на втор службен јазик, пред речиси десет години Теута Арифи се послужи со библиската легенда за Вавилонската кула. И тоа сосема погрешно! Според нејзиното разбирање, внесувањето на мноштвото јазици меѓу градителите на кулата била благородна божја промисла; наводно, Бог сакал да ги мотивира луѓето да вложат повеќе труд во меѓусебното разбирање. Тогаш, како одговор напишав колумна со сличен наслов на денешниот.

Оттогаш до денес, по ова прашање, настапи огромна разлика: вавилонската приказна стана стварност, ама без цивилизациски вредности. За почеток, да потсетам на вистинската верзија на библиската легенда за Вавилонската кула. Имено, според Книгата на постанокот, на почетокот сите луѓе говореле ист јазик, јазикот на Адам. Поучени од потопот одлучиле да изградат кула, која би им била заеднички дом, а која би се извишувала високо до небото (до Бога?). Грандиозната градба се заканувала да стане симбол на единството меѓу луѓето и потврда на моќта на човековата волја.

Бидејќи не била замислена како дело што ќе го велича Бог или како светилиште, ами во слава на човекот, Бог се налутил. За да ја казни човековата дрскост, го расчленил единствениот јазик на многу различни, по што градителите веќе не биле во состојба да се разберат ни за наједноставни нешта. Била внесена јазична забуна (confusio linguarum). Во книгата на постанокот пишува: „Ако луѓе што говорат ист јазик го имаат започнато ова, тогаш ништо што ќе замислат нема да биде невозможно за нив“. Со други зборови, таквиот човек не би бил веќе покорен и ќе се одметнел од божјата поука. Нерелигиозното толкување би можело да се состои во тезата дека луѓето му припаѓаат на еден род, тие се генерички суштества, но нивната (социјална) суштина е „замаскирана“ во мноштвото културни, јазични, верски, политички и други разлики и идентитети, кои под влијанието на либералниот поглед на свет добиваат на тежина насекаде во светот за сметка на она што ги обединува.

Состојбата во која се наоѓа македонската држава може да се спореди со неуспешниот вавилонски проект: луѓето што живеат заедно на една трошка земја, а кои се помалку од два милиони (што би рекле, населението е како на еден поголем европски град), одлучија да не се разбираат СО ЦЕЛ заедничкиот дом да пропадне. Сцените што се нижат се монтипајтоновски и не се добројуваат; секој ден носи нова епизода на „изгубени во преводот“ или „изгубени во вселената“. Премиерот нашол волшебно решение: „ставиш слушалице и причаш“. Но што да правиме ние што немаме слушалки во секојдневниот живот? Јавното обвинителство молчи како риба во врска со кривичното дело извршено од претседателот на Собранието и директорот на „Службен весник“ (и многу други кривични дела што се случуваат среде бел ден); Иванов пропадна вземи. Никој ни го видел, ни го слушнал, дури и по повод промената на Уставот или барем „тајната седница“ на која идните амбасадори ги презентираа своите тези (а кои тој треба да ги назначи). Уставниот суд заспана убавица, молчи сега како и по предметот на неуставното инсталирање на СЈО (чекаат да се вметне во уставни рамки со нов закон, па кога неуставноста ќе стане уставност ќе дознае со бакнеж на принцот/владетелот). Додека судот мижи, државата и општеството чекорат кон неповратна или непоправливо штетна состојба. Дури и на владините апологети, професори по право со докажано дебела кожа, им станува по малку непријатно кога треба да признаат дека законот навистина има срцева мана, а и не е во согласност со Уставот.

Патетичното протестирање на велешкиот градоначалник пред министерот за образование е само најбенигната епизода од она што следува допрва. Член на Судскиот совет веќе побара услови да комуницира со колегите на својот јазик, иако досега не му пречел јазикот на мнозинството, во вршењето на должноста. Во повеќе државни институции припадниците на албанската заедница инсистираат на двојазичност. Се сеќавате на пратеникот (претставник на народот) што одржа прес-конференција само на албански јазик, па на негодувањето на новинарите (пренесувачи на неговата порака!), дрско им рече во иднина да си носат преведувачи?

Тоа не е ништо во споредба со една вистинска случка, која ме натера да се смеам до солзи, иако не е смешна… Имено, тргнува човек на пат и го запира полиција поради сторен помал сообраќаен прекршок. За негова беља, му се „паднал“ полицаец од албанска националност. За да се реши банална работа, им биле потребни четири часа затоа што полицаецот барал службен преведувач за да го казни возачот! Замислете, закон за кој се тврдеше дека е во служба на обичните граѓани, за да им се олеснела комуникацијата со државните органи, сега станува средство за „олеснување“ на вршењето на работата на државните органи, почнувајќи од претседателот на Собранието, па до полицаецот и секој ситен службеник на шалтер! За тоа време граѓаните не само што се подложени на малтретирање (како возачов, бидејќи полицаецот тврдел дека не знае македонски, иако е должен да го знае според Законот за македонски јазик) туку и од сопствен џеб ќе плаќаат огромни трошоци за растурената вавилонска кула. Владата никогаш не кажа колкави буџетски трошоци ќе повлече имплементацијата на законот. Сега очекувам некој од моите студенти да побара да полага на мајчин јазик, па ќе треба да најдам начин да го испрашувам со посредник, ако е тоа воопшто можно!

За трагикомедијата да биде комплетна, истражувањата покажуваат дека младите генерации (од сите етнички групи) што стигнуваат пред портите на универзитетот се речиси неписмени, односно не знаат дури ни да ги набројат буквите на азбуката/абецедата. Новинари не разликуваат „зошто“ од „затоа што“, „некој“ од „некои“ итн. Уште полошо, тоа се среќава и кај професорскиот кадар. Доволно е да им ги прочитате (нелекторираните) колумни на порталите или фејсбук-постовите. На пример, познатиот професор од Правниот факултет на УКИМ – уставотворец или уставоубиец, одберете сами – кој деновиве направи добро платен трансфер на приватен универзитет, се посрами на социјалните мрежи со својата неписменост (на пример, „неможе“ наместо „не може“), покрај суштинските небулози во обидот за одбрана на неправото. Конечно, како шлаг на торта, имаме премиер што не само што е антиталент и за мајчиниот јазик, туку додека ги зацврстува јазикот и идентитетот нема поим дека Кирил и Методиј не ја измислиле кирилицата. На една босанска телевизија повторно се гаѓаше со падежи, но и со недоучени англицизми, па можевте да чуете: „Кирил и Методи, кои су донели кирилицу, су заеднички. Радили у Охрид, радили у Софију, свугда оцелирали, у Моравијо, свугада су биле“; или „Оно ко је вечино мора да покажати џенересити“. Барем македонски (и незацврстен) да зборуваше правилно, овој есперанто ќе му го простевме! Барем да знаеше кои биле Кирил и Методиј!

Барем… Многу барам! Ми раскажува колешка професорка како своевремено Заев ѝ се јавил да ја убедува со зборовите: „Еве, јас и ти како врвни интелектуалци…“ Што да кажеш а да не заплачеш, бидејќи идиотизмот го наоѓате од дното до врвот, и обратно. Неписменоста, јавашлакот, некадарноста, неодговорноста се наградуваат, се легализира сѐ што е дивоградба (и градежна и правна), се стимулира неказнивост за „граѓаните од прв ред“, додека сите други се магариња (кои дури и плаќаат струја и данок). Способните се третираат како плевел. За крај, ќе потсетам на изјавата на лекарот откако пациентка почина од обично слепо црево: „Секој има право да умре“.

Апсолутно точно! Братучед ми беше официјално мртов, со издадена валидна посмртница цели 24 часа (ова му доаѓа како сценарио за американски филм, знаете од оние што лажираат смрт, итн.). Службеничката изгубена во – не знам во што – наместо за неговиот починат татко, му издала документ на живиот син. Така, во оваа разурната вавилонско-северномакедонска кула можете да умрете и од црн хумор. Никој нема да ви забрани.