Бугарски ретуш на сопственото минато и ревизија на нашето

Еден мој пријател вели дека Бугарите во минатото сакаа „општа“ иднина со Македонците, а во сегашноста го сакаат „општото“ минато со Македонците. Затоа прават обиди за ревизија на историјата, ретуширајќи го сопственото минато, а ревидирајќи го нашето минато, бидејќи историските факти за нив се навистина непријатни!

Едно време цензорската должност во Царска Русија ја извршувал Константин Леонтиев, кој ревносно ги извршувал државните укажувања. Кога во ракописот на некој автор ќе прочитал реченица: „И генералите примаат мито“, веднаш ја видоизменувал во: „И либералите примаат мито“. Но апсурдот не завршувал тука. Некој писател долго време го чекал цензорот за да му го одобри текстот и на крајот бил известен дека цензорската оцена доцни затоа што лакејот Феѓка не стигнал да го прочита. Леонтиев го оставал лакејот да ги проверува текстовите за широката публика, а цензорската проверка се состоела во тоа што Леонтиев го прашувал Феѓка, кога му го поднесувал извештајот, дали во текстот има нешто против Бог и против царот. Доколку Феѓка кажел дека има, тогаш писателот не го добивал цензорскиот благослов. Ако кажел дека нема, добивал одобрение за објавување на книгата.
Денес Бугарија речиси на идентичен начин се однесува како цензорот Константин Леонтиев и неговиот лакеј Феѓка. Пред околу десетина години, благодарение на дигитализацијата што беше спроведена од страна на бугарските институции, со помош на европските фондови, многу лесно можеше да се дојде до податоци од „нашето“ минато. На мое изненадување, беа достапни голем број оригинални бугарски весници, списанија и документи, кои автентично ги илустрираат самобитноста на Македонците и нивните национално-политички стремежи.

Меѓу овие веродостојни сведоштва се наоѓа и една интересна статија со наслов „Пред двата гроба“, напишана од Пејо Јаворов и објавена во весникот „Прапорец“, на 8 декември 1907 година. Според авторот, весниците пишувале дека причините за убиството на Борис Сарафов и на Иван Гарванов се наоѓаат во поделбата на револуционерната организација помеѓу двете групации, кои се именуваат како „интернационална“ и „национална“. Меѓу другото, Јаворов во статијата ја обвинува Македонската револуционерна организација дека во последните десетина години фабрикувала само шпиони и предавници, а веќе и „уништувањето на бугарштината е дело интернационално!“ Со други зборови, ги обвинува Јане Сандански и серчани дека со својата дејност ја уништувале бугарштината во Македонија.
За да им биде појасно на читателите, убиствата на Борис Сарафов и на Иван Гарванов беа наредени од македонскиот легендарен водач Сандански, а извршени од Тодор Паница – Бугарин по потекло, но вистински борец на македонската кауза. Сарафов и Иван Гарванов беа убиени затоа што добиваа финансиски „подароци“ од бугарската влада (што беше спротивно од одлуките на Рилскиот конгрес од 1905 година) и се стремеа кон преземање на револуционерната организација со насилни средства и интриги. Што се однесува, пак, до двете групации што се именуваат како „интернационална“ и „национална“, всушност станува збор за македонска и пробугарска група, последната беше предводена од стружанецот Христо Матов – менторот на Тодор Александров.
За да не предизвикаме погрешно сфаќање и забуна, ќе цитираме дел од извештајот на Второто политичко одделение при Министерството за надворешни работи на Бугарија, од 25 март 1906 година. Во него, меѓу другото, се вели: „Интернационалноста во организацијата не ќе рече прекинување на сите врски и одрекување од нашата (бугарска б.н.) народност како што проповедаат некои диви социјалисти од типот на Сандански и Чернопеев… Училиштата (бугарската пропаганда б.н.) го создадоа бугарскиот народ… Луѓето кои навистина ја оцрнуваат автономијата и предизвикуваат сомневања во нивните чувства кон народното (бугарско б.н.) единство за жал постојат во Организацијата… тие се одрекуваат од политичката целина со Бугарија и претпочитаат да образуваат од Македонија одделна политичка единица, која ќе послужела барем како јатка на идната Балканска федерација… Луѓето од таа група се вдахновуваат од мислата дека живеат за Македонија и само за Македонија…“.
Искажаното јасно потврдува дека Македонците се стремеле кон создавање македонска држава, прекинување на сите врски со Бугарија и одрекување од бугарската народност, но да се навратиме на цензурата што ја споменавме.

За жал, денес оригиналните бугарски весници, списанија и документи „мистериозно“ исчезнаа и повеќе не се достапни за пошироката јавност. Најверојатно бугарскиот Константин Леонтиев не ги прочитал содржините (кои ги побиваат квазиисториски тези за македонската историја) и дозволил нивно објавување. На крајот ја согледал својата грешка и ги цензурирал овие историски сведоштва.
Еден мој пријател вели дека Бугарите во минатото сакаа „општа“ иднина со Македонците, а во сегашноста го сакаат „општото“ минато со Македонците. Затоа и ги цензурираат сопственото минато и нашето минато, бидејќи историските факти за нив се непријатни.