Бугарска туристичка љубовна парада

Артан Груби се закани. А кога тој се заканува, нема заебанции. Ќе ја бомбардира Венеција. Градот на вода наскоро ќе ја доживее судбината на Атлантида. Тоа го знаат сите. Штом Груби се заканува, следува потоп. Првата арачиновска ескадрила е подготвена за бомбардирање. Пилотите се на штрек. Се чека на урбаната шарена герила од граџанството луѓенца. Тие се една од најопасните светски пешадии. Во моментов се на воена вежба „Залапај го ГТЦ“. Тоа е втора фаза од вежбата „Гушни го ГТЦ“. Нејзина милитаристичка надградба, откако некој се дрзна на нивното светилиште да изгради чир. А шарените се познати по многу акции каде што сериозно „залапале“ ко клен дудинка. Инаку, „ко клен дудинка“ е воен термин во обоените револуции низ светот. Нашиве залапаа ко клен дудинка прислушувани разговори, Мартин Нешковски, Смилковско Езеро, реплики од типот „промена на име, устав, идентитет, историја е само во главите на небањатите“, митот за СЈО, кралот Боки Тринаесетти и дузина други успешни акции на залапување дудинка. Сега и тие ќе тргнат на венецијанските бедеми. Од Холандија дојде да ги предводи оберШТРУМФфирер Најче фон Северна. Таму беше на прославата по повод промената на името Холандија во Недерланд. Таа ќе ја предводи акцијата „Балерина на гондола“, штом ќе биде бомбардирана и со пешадија опседната Венеција.

Светот е во исчекување. Сара Џесика Паркер напиша твит. Во него пиша: „Страшната армија на Северџанистан се крена на нозе. Предводена од 300 пилоти, како 300 Спартанци, ќе удри на Венеција“. Потоа следуваа реакции под твитот. Некоја урбана девојка од граџанството луѓенца праша дали Сара би сакала да сними серија „Сексот и градот во Северџанистан“. Под нејзиното прашање доби одговор од некој потпишан како Македонец. За тебе, гуско, само „Сексот и гравот“. Сара Џесика Паркер ги исклучи коментарите.

Ние сме гротеска. Не сме држава. Оттука, јазикот на гротеската ми изгледа како единствен нормален систем преку кој може навистина да се разбереме. Арачиновци го употребија јазикот на гротеската. Сеедно што власта се вади дека тоа не биле пилоти, туку пилот-проекти. Сега сакаат да ги направат и глупави. Не разбираат дека арачиновци на предизборната гротеска им вратија со сопствена гротеска. Ветувањето 300 пилот-проекти за да им ги купат гласовите, денес изгледа како ветување за 300 пилоти. Луѓето немаат канализација, овие пилот-проекти ветувале. На следните избори, ако не ги укинат со европско знаменце, гласовите на Арачиновци ќе одлетаат пробивајќи звук.

Во меѓувреме стигна абер од Бугарија. Нацистичкиот план за ЕУтаназија на Македонија ги добива своите последни грозоморни облици. Бугарија постави услов. Ако сакаме датум од ЕУ, мора да се откажеме од македонскиот јазик. Или ако некаде морало да се спомене, тогаш да има фуснота. Еве, важи, јас имам предлог-фуснота. Службениот јазик преку кој се описменија неписмени племиња дојдени од Кавказ. И ќе добиеме датум, така?

Тоа е оној ист датум што ЕУ треба да си го даде сама на себе, зашто севернава зомби-творба е нивни проект. Пилот-проект, ај така да кажеме. И сама на себе ќе мора да си даде условен датум. Ама ете, Бугарите повторно имаат што да кажат. Оти остана само уште македонскиот јазик како последен остров на македонизмот. Другото веќе ги помина гасните комори на модерниот идентитетски холокауст. Холокауст спонзориран од американската длабока држава и Европската Унија. И што бараат Бугарите? Ако сакаме условен датум за датум кога најверојатно ќе ни го дадат датумот што ќе посочи иден датум за условен датум до датумот за крајниот датум по кој ќе дојде и датумот за почеток на преговори, ние мора да се откажеме од македонскиот јазик. Да го преименуваме во службен јазик на Северна Македонија. И што мислите, што ќе се случи? Што да очекуваме од октроирана влада со наци-капацитети? Па, тие генерално чувствуваат омраза кон Македонија и сè што е македонско.

Од друга страна, никако да им ја најдам логиката на потомциве на Аспарух. Дојаваа тука, се описменија, ја открија Христовата наука и сега сакаат да го збришат јазикот на оние што ги цивилизираа. Сè ми се чини дека логикава не е сосема нивна, туку на спонзорите од 1913 година. Кои во меѓувреме малку се изменија. Се ребрендираа. Ко Холандија што се ребрендира во Недерланд. Политичарите и медиумите ги нарекуваат меѓународна заедница, за мене се изопачена моќ. Сега, за да се заокружи геноциднава гротеска, фали уште да се јави интелектуалната бижутерија по социјални мрежи и да нè праша дали македонскиот јазик ни ги плаќа сметките. Како што нè прашуваа дали името ни ги плаќа сметките. Оти нив Северна Македонија не само што им ги плаќа сметките туку и коефициентот на интелигенција им го подигна. Сега коефициентот им изгледа како да качиле малку повисока температура при настинка.

Туку јас уште ја немам довршено реченицата од последниот пасус, кога еве ги Бугарите со ново барање. Во Втората светска војна немало бугарски фашистички окупатор. И тоа спроти 11 Октомври. Па, нормално дека немало. Тогаш дојдоа како туристичка атракција. Сосема случајно се поклопи со Втората светска војна, нацизмот и фашизмот. Немаа тие никаква врска со Хитлер и Мусолини. Тоа се зли јазици на небањати мрсници и шумкари. А на секој нормален му е јасно дека станува збор за туризам. Особено на оние денес кај чии баби преноќувале бугарски туристи што сакале да се маскираат во војнички униформи. Една група такви новинари, потомци на баби што љубеле бугарски туристи, разбираат на пример дека Гоце Делчев бил Бугарин и му порачуваат на Зоќи Датумо да им го даде. Затоа веднаш да се брише бугарски фашистички окупатор и да се преименува во бугарска туристичка љубовна парада. Во која не сакале да учествуваат закоравените Евреи, па побегнале накај Аушвиц и Треблинка. И да се каже дека таа љубовна парада ја растуриле едни злобни небањати мажи и жени што не ги примале во љубовта, па се фатиле за оружје. Така треба да учат северните дечиња од југот на Европа. Чии родители со ново име и добивање условен датум за датум кога најверојатно ќе ни дадат датум што ќе посочи иден датум за условен датум до датумот за краен датум по кој ќе дојде и датумот за почеток на преговори, беа наградени со огромни плати и коефициент интелигенција како да добиле малку повисока температура.

Со оваа колумна се навршуваат точно 10 години како Александар Русјаков пишува за „Нова Македонија“. На нашиот соработник му го честитаме јубилејот
и му посакуваме уште многу успешни текстови во неговиот препознатлив стил на страниците на весникот.