Бугарската хиена

Насловот на нашата денешна колумна, драг читателу, можеби звучи малку сурово, но таков е затоа што е дијагностички. Пар екселанс. А секоjа дијагноза по дефиниција е сурова кога открива неизлечива болест, било да се работи за индивидуално или за колективно битие, каков што е сега случајот со Бугарите. Дијагноза. Оти не само индивидуата туку и душата на едно племе, народ, или пошироко дури и раса има свои специфични карактеристики, специфична ментална слика, нагон и опсесии. Со таквиот антрополошки феномен и длабинската слика на колективната психа се занимавале и некои сериозни антрополози, психолози и психијатри. Јас би ги спомнал во овој контекст тука К.Г. Јунг и Иполит Тен. Така Јунг во еден свој психоаналитички есеј во таа смисла прави рендгенска снимка на темните слоеви на германската ариевска психа. И самиот Германец. Швајцарски.
Но сега станува збор за нашите, драг читателу, „братски“ соседи од кои никогаш не нѐ огреало сонцето, иако се на источната страна од нас. Напротив, од кај нив врз нас паѓа сенката на Каин. Да. Оти ако го имаме предвид библискиот праархетип за браќа Каин и Авел во аналогонот Бугари/Македонци, ние во таа „братска“ врска секогаш сме го извлекувале подебелиот крај. Низ долгите столетија. И денес. Можеби денес, во таканаречената либерална епоха на „демократија“ и „хуманизам“ на западната евроамериканска супрематистичка цивилизација, и најсурово. Секогаш во математичката равенка на архетипот Каин/Авел со Бугарите ние без исклучок, драг читателу, сме биле Авел убиен од Каин. За што? Од лакомост за имот, иако целата земја на двајцата им била на располагање. Каин го убил од лакомост Авел, чија крв, како што е запишано во Светото писмо, се искачила на небото и од таму го колне убиецот.

Е, не знам дали доволно јасно, служејќи се со митската приказна, со оваа архимитема ти ја опишав сега егзистенцијалната, психолошката и историска „братска“ ситуација меѓу Бугарите и Македонците, драг читателу. И надвор од оној геноциден по однос на нас договор на Заев и неговата квислиншка влада кон нас. Колку, пак, е залегната сега психологијата на хиена во бугарската психа кажува и нивниот со декрет и државен печат неодамнешен општ грабеж на славните солунски браќа само како бугарски. Ајде што досега ги грабаа од Македонците, ами сега без остаток, ни срам ни перде, ги грабаат од целиот словенски свет сосе глаголицата и кирилицата. Браќата што со специјална енциклика папата Јован Павле Втори ги прогласи за заштитници на Европа. Сега нив екстремно лакомите за туѓ културно-цивилизациски имот Бугари ексклузивно со декрет на Владата и парламентот, смешно, ги прогласуваат само за нивен имот. За ничиј друг. Тие со нивниот глупав декрет веќе не се сесловенски, туку бугарски просветители, иако словенскиот свет многу добро е упатен во целокупната патолошка мегаломанија и историски фалсификати на Бугарите.
А со своите фалсификати, честопати истите тие не сообразувајќи ги со хронолошките и други факти, Бугарите самите се во ситуација да ја доведуваат во прашање сликата посебно на својот словенски идентитет. Се доведуваат во ситуација на идентитетска збрка, и тоа страшна, што не би можел никој жив историчар, таква каква што е, да ја оправи и исправи. Не знам дали се тие свесни за тоа. Речено фројдовски, со јазикот на психоанализата, свесни се и повеќе од тоа, но на еден поинаков начин. Свесни се во потсвеста. Токму и затоа во едно делириумско лудило се прават наудрени и тераат понатаму. Го прават глупав целиот словенски свет и здравата славистичка наука. А ја прават, како нејзина членка, глупава и Европа, која ги поддржува нивните шизофрени тези од страста конечно да им се стави крај на Македонија и Македонците.

Не знам што зборува со Бугарите македонската (на Заев) преговарачка група. Доаѓа понекоја штура, пелтечава информација од неа кај нас. Се разговара главно врз основа на бугарските велефалсификати, а целосно е занемарен контекстот, на кој инсистира еден од корифеите на модерната историја А. Тојнби, ставајќи ја така настрана латинската максима „пред фактите и боговите молчат“. Или, на нашите преговарачи, политисторичари, не им е јасен поимот контекст, па не знаат да се служат со него како со Аладинова ламба за да ги разголат бугарските велефалсификати, за кои Бугарите се свесни не во свеста, туку во потсвеста. Да ги знаеше навреме нив Андре Бретон, сигурно и пред Достоевски и Пикасо ќе ги зачленеше во клубот на надреалистите.
Доволно. Сега да се позанимаваме кроки, драг читателу, со бугарските историски фалсификати, кои говорат за нивната лакомост за грабеж на туѓ културно-цивилизациски имот. Македонскиот, оти е тој пребогат и носи историска слава за секој што ќе го поседува. In medias res, првин јазикот, кој Бугарите на глупавата и импотентна Европа, заглавена во живиот песок на Содом и Гомор, ѝ го претставуваат, сега и меморандумски, како дијалект на бугарскиот јазик. И само затоа што е тоа обратно. Пак фројдовска ситуација на збрканото бугарско колективно битие. Оти, имено, како што е добро познато, а за што говорат и познати бугарски историчари и академици, Бугарите немаат словенска, туку татаромонголска генеза. Како моќно варварско племе, тие од Татаристан на Волга под водство на кан Аспарух доаѓаат на Балканот и ја основаат бугарската држава. Морам да кажам, драг читателу, и за наша македонска несреќа. Од тоа, пак, логички, произлегува дека протобугарскиот јазик не е словенски, или македонски. Сеедно. Лидија Славеска во „Македонската генеза“ во таа смисла го цитира бугарскиот учен Р. Сефтерски, кој вели дека тој јазик се задржал речиси до XII век на дворот на цар Симеон.

Тоа е вистината. А работите за нејзино осветлување се врзуваат алка за алка во долг историски синџир. Сега, како стојат работите со светите солунски браќа Кирил и Методиј, кои нашиот лаком источен сосед ги прогласи со државна тапија за асли Бугари. Интересно, ама и смешно, да не е трагично. Просветители само бугарски и ничии други. Да. Ама што велат фактите за кои Бугарите се држат како слепец за стап. Па, ако тие речиси до XII век на дворот зборувале татаристански, кај е тука мисијата на солунските браќа цели две столетија пред тоа!? Плус и крунскиот факт со едниот од нив – Методиј. Имено, добро е познато дека тој, како добар стратег и човек од акција, бил испратен од византискиот цар Михаил Трети на границата на Византија со варварска Бугарија, некаде на изворот на Брегалница (и денес е таму македонската граница со нив, каква коинциденција) во мојата родна Малешевија, каде што во Равен била создадена божествената глаголица. Бил испратен таму да го организира месното население за заштита на Византија од агресивните Бугари, чија варварска крв сѐ уште вриела и требало да се скроти. Е, сега, драг читателу, дали по ова не е глупаво Методиј и Кирил да се сметаат за Бугари. А истовремено се прашувам дали ги знае тие факти нашата политисторичарска преговарачка група на Заев со Бугарите. Или се плаши да им ги изнесе на виделина?! Потоа, познато е дека во 862 г. Бугарите склучиле сојуз со Германците. По милениум и половина и со Хитлер. Чудни се патиштата на генот и сензибилитетот на колективната душа. Па и се лутат дека биле фашисти. Во напад на шизофренија, бугарскиот ЕУ-пратеник Ковачев побара ние Македонците да го симнеме тој нивни тежок товар од нашата меморија. Ама не можеме, бидејќи ќе ги навредиме младинците во Ваташа варварски стрелани од нив. А со нивниот однос сега кон нас тие се исто така во улога на фашистички стрелачки вод, а ние, целиот македонски колектив, реинкарнираните ваташки младинци за стрелање. И тоа пред лицето на „хуманистичка“ и „демократска“ Европа. Боже мил! Да полудиш. Ама нас од лудило нѐ доведоа до нешто пострашно. До апатија.
Беше неопходна оваа дигресија, драг читателу. Но да се вратиме на 862 г. и на бугарскиот сојуз со Германците. Тогаш всушност и се одвива германизацијата на Словените во Моравија, причина за моравскиот кнез Растислав да побара помош од византискиот цар Михаил Трети. И тој експресно одговара. Ги назначува за Моравската мисија Кирил и Методиј, кои седнуваат, деноноќно работат и ја преведуваат Библијата за потребите на нивната сесловенска (не само бугарска, а Бугарите исто така со нив имале среќа да се описменат) и културно-цивилизациска мисија. А за својот превод на Библијата солунските браќа нормално го користат јазикот што го вцицале во себе со мајчиното млеко, јазикот на солунскиот и околните говори. Да. Е, сега, пак, историски факт е, драг читателу, дека бугарска нога, макар со малото прсте, никогаш не стапнала во Солун. Со ханот Пресијан еднаш тие се доближиле само на дваесетина километри до него. И толку. Финито, браќа Бугари, па и наша преговарачка Заева полиисторичарска комисијо! Оти вистина е дека Бугарите и тоа како се заслужни за сесловенската културно-цивилизациска мисија на Кирил и Методиј, ама во обратна смисла. Тие неа ја поттикнале и забрзале како сојузници на Германците. А, рековме, по милениум и половина, како фашисти, пак се со нив. Со Хитлер. Се лутеле, не се лутеле, тоа е вистината за нив. Па, и на Париската мировна конференција во 1946 година, кога се прави класификација, тие се ставени во графата на сојузници на фашизмот. За разлика од Македонците и асномските херои, на кои маме им расплака тој од Муртино.

Потоа уште еден крунски факт, драг читателу, кој ја разголува мизеријата на бугарската хиена лакома за туѓ културно-цивилизациски имот. Тие ја усвојуваат кирилицата, која сега глупаво и пак со државен декрет (тоа ли е меморија?) ја прогласуваат за бугарски изум. Богами подобри се и од Никола Тесла. Ама во струјата на лагата. Тие со царски печат на Симеон кирилицата ја усвојуваат во Преслав во 893 година. Да, ама цели три децении по Моравската мисија и преводот на Библијата од светите, та пресвети, божествени солунски браќа. И, кажи ти, драг читателу, дали е тука потребен посебен коментар за бугарскиот велефалсификат. Па и за јазикот на кој е преведено маестрално од нив Светото писмо, а кој тие смешно го нарекуваат старобугарски, за разлика од сите други словенски нации и култури, кои него го нарекуваат старословенски. Вклучително и ние Македонците, космополити по ген и менталитет уште од антиката, за што и денес плаќаме скапа цена пред модерното варварство на оваа цивилизација. Ние се срамиме, за разлика од Бугарите, да го именуваме него, каков и што е, како старомакедонски. Бев шокиран на една дебата за Климент Охридски организирана од руското министерство за култура, на која од Москва добив покана и јас, кога една претставничка на Институтот за македонски јазик рече дека ние сме млада нација и нашиот јазик во неа го кодифицирал, задоцнето зад другите словенски нации (моја забелешка), Блаже Конески. Не знаев кај да погледнам од срам. Природно, домашното воспитание не ми дозволуваше да реагирам со навреда. Премолчев. Фактички го премолчев македонскиот синдром на самопонижение, кое и сега ни го зголемува духовно и морално импотентна Европа.

Тоа, драг читателу, оти вистината е поинаква. Имено, првата кодификација на македонскиот јазик е залегната во преводот на Библијата на солунските браќа Кирил и Методиј. И тоа не е тешко од научен лингвистички аспект да се докаже. Како што го докажува тоа и францускиот славист од светски глас Андре Вајан, а и Андре Мазон, дефинирајќи го него како старомакедонски. Добро. Па, зошто нашите лингвисти се срамат од таа дефиниција и секогаш наспроти Бугарите пасивно се бранат, иако немаат причина за никаква одбрана. Па, ако ја погледнеме и енциклопедијата Британика од 1932 година, и во неа стои дека македонскиот јазик е меѓу петте најстари јазици на светот, и со графикон на кој е прикажано дека тој е извор, без остаток, на сите други словенски јазици. Вклучувајќи и на бугарскиот, од што логички произлегува дека тој е дијалект на македонскиот, а не обратно! Така, Каинови браќа Бугари. Имате ли забелешка на тоа? Истото тоа го повторува и енциклопедијата Вебстер од 1967 г., исто така британска. Ама глеј чудо, драг читателу, во нејзините изданија потоа наеднаш исчезнува македонскиот јазик. Го нема никаде. А што значи тоа. Ништо друго, туку на еден поширок план на западната „цивилизација“, она што се вика меѓународен заговор, е подготвен план за целосно ликвидирање на македонското име, идентитет и меморија. Ништо друго. И, имено, затоа е толку гласна сега бугарската хиена што го растргнува мршојадно трупот на Македонија и Македонците, заедно и со Грците и тиранската платформа на ЦИА на која забораваме, а таа однатре ги јаде атомите на преостанатото здраво македонско ткиво.

И бескрајна е оваа тага. Бескрајна е оваа болка, и јас и ти, драг читателу, го прашуваме Господ како може да се надмине и преболи таа. Дали има делотворен лек за неа, или е тоа само раната на Исус и Голгота. Оти, ние сѐ уште го прашуваме Него со што сме ја заслужиле таа и таквата судбина. Но за тоа во следната колумна, драг читателу, со наслов: „Македонија и Македонците како старозаветниот Јов“. Те поздравувам до следната наша средба, со поздрав поголем од бескрајот.