Бројки, симболи и браќата Јинг, Јанг и Јунг

Океј, постои забранет симбол. Не смее да се истакнува. Тој симбол уби милиони луѓе во 20 век. Се вика кукест крст. И тој сега е забранет со закон. Ама па и не може да го забранат целосно. Луѓе го тетовираат на себе. Го закачуваат во подруми, по гаражи. Се идентификуваат со него. Има и еден друг симбол што уби милиони луѓе. Уби дваесет пати повеќе луѓе од нацистичкиот симбол. Петокраката… комунистичкиот симбол

Додека го гледав, многу се смеев. Искрено се смеев. Потоа клипот заврши. А ми налета на Фејсбук. Некој лик прави анкета во Србија. Поставува блесаво прашање. Александар Вучиќ, поради бегалците од Сирија, вовел учење на арапски бројки во училиштата. Ликот ги прашува анкетираните дали е нормално децата да учат арапски бројки. Покрај сето она што веќе го учат. Има и потпрашања. Дали вие сте учеле арапски бројки? Знаете ли некој арапски број? Интервјуираните се млади луѓе. Меѓу 25 и 30 години. Само една жена беше приближно на моја возраст. Можеби нешто помлада. Јас слушав и не им верував на сопствените уши.
Каде е тука штосот? За оние што не знаат, броевите 0, 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9 се нарекуваат арапски броеви. Иако, реално потекнуваат од Индија. Таму изгледале малку поинаку и покомплексно. Со нив се користела затворена група луѓе… математичари. Тие броеви биле преземени од арапските математичари. Арапите ги модифицирале и ги поедноставиле. Така, тие броеви стигнуваат во Европа и денес ги користи речиси сиот свет. Освен Арапите. Тие користат различни броеви. Што е малку чудно, нели? Можеби најправедно е броевите да се нарекуваат хинду-арапски. Но, ете, останало само арапски. Значи, броевите што ние ги учиме и ги користиме се арапски броеви. Нема тука ништо со Вучиќ, Сиријците, воведувањето нови броеви за учење. Едноставно, речиси, бесмислено трик-прашање.

Какви само одговори чув, луѓе мои! Барем еден од тие млади луѓе да знаеше дека броевите што ги користиме се арапски броеви. Ма јок, ниту еден. Ај што никој не знаеше, ама какви само глупости тресеа. Боже, каква смешна неписменост! Ги слушаш и го доживуваш она чувство… те убива туѓиот срам. А сите убави, дотерани, брендирани. И што е најстрашно, ептен сигурни во себе. Надмено сигурни во себе. Убедени дека тоа што го зборуваат е неверојатно интелигентно. Вообразени во она што го судат. А реално, коментарите им се на раб на идиотизам. И тогаш престанав да се смеам. Ова е реалноста, си реков. Ова е свет на вообразени, неписмени и глупави луѓе. Тие владеат, судат, креираат деструктивност.
Јас знам дека ништо не знам. Така рекол Сократ. Не е срамота да не се знае. Уште помалку е срамота да се признае дека не се знае. Јас за себе можам да кажам дека илјадапати повеќе не знам, отколку што знам.

И не ми е срам, кога нешто не знам, да си прашам. Можеби ќе најдете грешки во колумнава, ќе ми посочите и јас ќе речам, извинете, не знаев. Нема ништо страшно во тоа. Така не мислат вообразените. Тие и незнаењето свое го доживуваат како генијалност. Затоа и се случуваат вакви будалаштини. Им кажуваш дека Вучиќ поради Сиријците вовел во училиште учење арапски бројки, а тие ти велат, срамота, глупак, што ќе им е на децата арапски бројки кога ние си имаме свои и плус, еве, ние не учевме такви глупости и што ни фали сега. Смешно и трагично. Така е во Србија, така е кај нас, така е во сиот свет. Вообразената, горделива неукост го диктира битисувањето. Затоа сме на ова дереџе.
Земете го примерот кај нас. Ова последното. Изјавата на господинот Десковски. Дека сите ние заедно треба да се откажеме од грчкиот симбол… шеснаесеткракото сонце. Тргнете ја настрана налудничавата политика. Заборавете до каде нè доведоа изопачената светска моќ, неонацистичката политика на Грција и на ЕУ и нашите дилетанти од политичари.

Гледајте на оваа изјава како на образовна, општествена појава. Сите ние да се откажеме од симбол. Ќе си речете, образован човек, интелектуалец, правник, водач на тимот на Груевски во судскиот спор против Грција. И одеднаш, сите ние да се откажеме од грчкиот симбол. Од каде им вакви идеи, боже мој? Како само ли им текнуваат? И не, не зборувам за политика.
Прво, шеснаесеткракото сонце не е грчки симбол. Тоа ќе ви го потврди секој историчар, секој проучувач на антиката. Од филозофот и оратор Демостен, до ден-денешен. Отворете интернет и побарајте грчки симболи. Сонцето со шеснаесет краци нема да го најдете. Да, тоа сонце е антички симбол. Симбол што го прославиле Филип и Александар Македонски. Војската го носела на штитови. Не, Хелените. Тие се плашеле од него, го презирале. Но тоа „сонце“ го има и во цветот на афионот. Ене, го користи и ЦИА како свој симбол.
Од друга страна, ние во секојдневието користиме многу хеленски симболи. Како нашата азбука, на пример. Иако, мислам, можеби грешам, потеклото е феникиско, но, преку Хелените, еве ги и кај нас. На сите аптеки имаме хеленски симбол. И многу други, да не набројувам сега. Ова околу образованието, општата култура и елементарните знаења.

Но има поголем проблем. Како тоа сите да се откажеме од симбол? Како се изведува тоа? Што би рекол на ова Јунг? Кој сега Јунг? Па еден од браќата Јинг, Јанг и Јунг. Цинизам на страна, како навистина цел народ да се откаже од симбол? Океј, постои забранет симбол. Не смее да се истакнува. Тој симбол уби милиони луѓе во 20 век. Се вика кукест крст. И тој сега е забранет со закон. Ама па и не може да го забранат целосно. Луѓе го тетовираат на себе. Го закачуваат во подруми, по гаражи. Се идентификуваат со него. Има и еден друг симбол што уби милиони луѓе. Уби дваесет пати повеќе луѓе од нацистичкиот симбол. Петокраката… комунистичкиот симбол. И двата симбола, кукестиот крст и петокраката се украдени симболи. Украдени и изопачени. Тоа е вообичаено за психопати, да крадат и да изопачуваат. Свастиката е древен симбол. Го има и во христијанството. Петокраката исто така е древен симбол. Симболизира човек. Но нацизмот и комунизмот, инаку брат и сестра што се мразат, ги извитоперија. Како што Грците денес сакаат да присвојат симбол што никогаш не им припаѓал. Само за себе, што е болно и изопачено.

Така тоа оди со бројките и симболите. Опкружени сме со интелектуалци што ни кажуваат како да мислиме и чувствуваме. Уште малку ќе почнат да ни се мешаат во соништа и симболи. Наскоро тоа ќе прејде во своите чисти форми, Гестапо и Гулаг. Се согласувам со Доминик Камингс, еден од главните фаци во референдумската БРЕГЗИТ-победа. Тој смета дека интелектуалците се меѓу најограничените луѓе. Ограничени се во сопствената рамка од стекнато знаење. И нема мрдање подалеку од тоа. Таквите каменуваат, распнуваат, креваат клади. Но опкружени сме и со вообразени неписмени. Горделиви, убави, брендирани, а елементарно неписмени. И такви има сè повеќе. Порано сакав да бидам интелектуалец. Денес кога гледам што се сервира за интелектуално и прогресивно, сакам да сум прост, едноставен и глуп.
Знаете каде е ерогената зона?
Е кој не го знае тоа? Онде близу зона Бунарџик.