Бронхитис – честа причина за барање медицинска помош во зимскиот период!

Ризикот од појава на бронхитис е најголем во зимскиот период, кога времето е студено и влажно, во комбинација со загадениот воздух и долгиот престој во затворени (честопати и зачадени) простории, што предизвикува пад на локалниот имунитетот на слузницата на респираторните органи. Затоа, во превентивна смисла, најважно е да бидеме соодветно облечени и да ги заштитиме влезните точки за респираторните инфекции

Есенско-зимскиот период е т.н. сезона на респираторни инфекции. Притоа една од почестите дијагнози е т.н. бронхитис – воспаление на големите дишни цевки (бронхи) во белите дробови. Бронхитисот се карактеризира со зголемена бронхијална секреција и силна кашлица, најпрвин сува, а по неколку дена кашлицата станува продуктивна и особено изразена во ноќниот период.

Други препознатливи симптоми се: покачена телесна температура, но не повеќе од 38°С, која трае до три дена, течење на носот, конјунктивитис, болно и засипнато грло, општа слабост, треска и потење, болки во главата, мускулите и во зглобовите. Важно е да имаме предвид дека акутниот бронхитис многу често е последица на несоодветно третирани лесни вирусни заболувања на горните дишни патишта, кои го ослабуваат имунитетот и стануваме подложни на напад од бактериски патогени (мораксела катаралис, хемофилус инфлуенца, микоплазма пневмонија, кламидија пневмонија итн.), кои понатаму се спуштаат во бронхите. Ризикот од појава на бронхитис е најголем во зимскиот период, кога времето е студено и влажно, во комбинација со загадениот воздух и долгиот престој во затворени (честопати и зачадени) простории, што предизвикува пад на локалниот имунитетот на слузницата на респираторните органи. Затоа, во превентивна смисла, најважно е да бидеме соодветно облечени и да ги заштитиме влезните точки за респираторните инфекции (уста, нос). Физички активности на отворено во услови на ветер, студен и/или загаден воздух треба да се избегнуваат, а истото тоа важи и за простории во кои се пуши. Бронхитисот, како и другите респираторни инфекции, брзо и лесно се шири и затоа треба да се избегнува контакт со заболени лица, како и посети на лекарски ординации доколку нема реална потреба за тоа.

Другата група превентивни мерки подразбира водење добра хигиена на рацете, забите и респираторните слузници, како и соодветно засилување на имунитетот. Ова подразбира темелно миење на рацете со антибактериски сапуни, редовни стоматолошки посети и санација на кариесни заби, редовно измивање на носната слузница со хипотоничен солен раствор, исхрана богата со свежо сезонско овошје и зеленчук и најмалку тримесечно внесување имуностимуланси (пробиотици, бетаглукани, цинк и витамин Ц).

Во случај на појава на први симптоми на акутен бронхитис, одморајте и зголемете го внесот на течности до три литри на ден, како и на витамин Ц (до еден грам на ден) и цинк (10 мг/ден). Двапати на ден треба да се прават инхалации со хипертоничен солен раствор и муколитик (ацетил цистеин), за да се разреди густата слуз во дишните патишта, да се олесни дишењето, да се намали воспалението, да се олесни искашлувањето и да се спречи налепување бактерии на слузницата.

Воздухот во просторијата во која престојува болниот не смее да биде сув, па корисно е да користите навлажнувач за воздух. Болното грло и кашлицата може да се стабилизира со топли (но не врели) хербални чаеви, мед и прополис, а во случај на покачена температура над 38 Целзиусови степени и треска, може да се користат антипиретици (парацетамол, ибупрофен и нивни комбинации). Во случај на перзистирање или влошување на симптомите, како и при позитивен брис од грло и/или нос, вашиот матичен лекар може да ви пропише антибиотик, кој треба да се пие во точно одредените интервали и до завршувањето на терапијата, која обично трае до десет дена.

Авторот е м-р по фармација и топедукатор