Брегзит – политички хорор во продолженија

Кога ќе го читате овој коментар ќе бидат познати резултатите, од новото продолжение на политичкиот хорор, од првото гласање на парламентот на Велика Британија, од среда навечер, кога ќе треба да се одлучи за излез од ЕУ без договор

Пред два дена парламентот на Велика Британија, вторпат го отфрли договорот за брегзит, на само две недели од 29 март, од рокот за брегзит. Овој пораз не е со толку голема разлика, со 242 гласа за и 391 против, како претходниот историски пораз, најголем пораз во сто години, но е значителен и се надоврзува во серијата порази на владата на Тереза Меј во парламентот. Доколку историскиот пораз пред неполни два месеца, отвори многу прашања во британската и во европската политика, и се закануваше брегзит да се претвори во политички хорор, и за Британија и за ЕУ, сега е јасно дека тоа ќе биде политички хорор во продолженија, бидејќи опциите за решение се нови и нови гласања, кои не можат ги надминат јазовите, расцепите и поделеноста во британската политика и општество.

Пример за тоа е и ова последното гласање. Во периодот меѓу двете гласања, ЕУ и Велика Британија постигнаа заедничка изјава за бекстоп-прашањето на границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска (Велика Британија). Бекстоп е точката на раскол меѓу поборниците на мек и тврд брегзит. Брегзит имаше две основни опции, брегзит без договор и брегзит со договор, а оваа последната со две подопции – тврд брегзит и мек брегзит, каде што централни точки се единствениот пазар и царинската унија и Европскиот суд. Тереза Меј се одлучи за договор помеѓу тврд и мек брегзит.

Политички би требало тоа да биде разумен компромис, во кој има елементи што ги бараат поборниците на мекиот брегзит, и на оние што ги бараат поборниците на тврдиот брегзит. За границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска, тоа значи очекување дека нема да се постават физичка граница и бариери меѓу двете земји, очекување на повеќе политички фактори, вклучувајќи го и коалицискиот партнер на Тереза Меј. Од друга страна за да се постигне тоа ЕУ и Велика Британија се посветени на бекстоп дека ќе најдат решение, вклучувајќи и технолошко, кое ќе овозможи контрола, вклучувајќи и царинско на границата. Тврдите брегзитери сметаат дека бекстоп-решението може да ја држи Велика Британија во неограничено долг однос со ЕУ. Заедничката изјава, како и унилатерална изјава на Велика Британија, која потврдува дека двете страни имаат добра волја да најдат решение во одреден период, не била доволна за тврдите брегзитери. Во длабоко поларизирана и поделена земја меѓу таборите за напуштање и за останување се чини, дека барањето разумен компромис, значи дека на крајот сите се толку незадоволни што се подготвени да го отфрлат компромисот и да ја исечат гранката на која седат.

Така, од јули 2016 година „Од играчка плачка“, стигнавме до март 2019 година и политички хорор. Политички хорор заснован на колосалната неодговорност на политичките лидери. Тереза Меј е резултат на таа политичка неодговорност, пред сѐ на Дејвид Камерун и Борис Џонсон, и обид на Конзервативната партија да го спаси сопственото единство и себеси како партија од можно распаѓање.

Што може да се очекува понатаму, кои се опциите, особено соочени со временскиот рок до 29 март, датумот за излез? Од решенијата пред два месеца Тереза Меј го избра најбезболното – повторно гласање и надеж во чудо дека парламентот ќе се премисли. Тогашните опции за предвремени избори или нов референдум, веќе не се опции, без одложување на датумот за излез од ЕУ. Излезот ќе се бара во нови гласања и нова неодговорност. Кога ќе го читате овој коментар ќе бидат познати резултатите, од новото продолжение на политичкиот хорор, од првото гласање на парламентот на Велика Британија, од среда навечер, кога ќе треба да се одлучи за излез од ЕУ без договор. Тврдите брегзитери, како Борис Џонсон, сметаат дека отстапувањето од брегзит е многу полошо отколку брегзит без договор. Владата веќе подготвува планови за брегзит без договор, вклучувајќи и не само царински прашања. Многумина предупредуваат на ризикот од брегзит без договор, и за Велика Британија и за ЕУ, на пример според неодамнешни истражувања една третина од фирмите во Велика Британија ќе бараат опции надвор од земјата.

Откако парламентот ќе одлучи меѓу излез од ЕУ без договор или не, ќе треба одлука за што понатаму, односно за одложувањето на денот за излез од ЕУ. ЕУ предупреди дека рокот за одложување е два месеца 22 мај, бидејќи доколку Велика Британија остане членка на ЕУ по тој датум, ќе мора да ги спроведе изборите за Европскиот парламент. Исто така ЕУ е против одложување, ако не е јасно што се очекувањата од таквото одложување, земајќи предвид дека ЕУ тврди дека не може да има нов договор.

Дополнително прашање е колкав фокус може ЕУ да обезбеди на брегзит, во предизборен период. И што различно може да се постигне во тој период, и тоа што ќе се постигне како ќе ги задоволи очекувањата на длабоко поделената Британија. Повеќемина во Велика Британија предлагаат одложување на брегзит на подолг период, кој би бил посветен на надминување на длабоката поделеност на земјата. Подолго одложување, пак, е неприфатливо за тврдите брегзитери, а пократко е прашање што ќе се смени. Тоа нѐ враќа на првото гласање за брегзит без договор, што ќе одлучи во која насока ќе тече брегзит.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #Брегзит #Brexit #ЕУ