#Бојкотирам и правото на бојкот

Јас ќе #Бојкоритам. И знам зошто. Со кое право Грција и оваа влада сакаат да ми го одземат идентитетот што сум го негувала цел живот? Личноста со која сум живеела, личноста во која моите родители вложиле љубов и правдина и ми ја оставиле како аманет. Живот што моите родители го живееле со нивните родители и така наназад. Живот и аманети што и јас сакам на мојот син да му ги оставам како вредност.
Многу мои пријатели најверојатно ќе гласаат за… Ама не ми е важно, ќе бојкотирам со непознати пријатели на Фејсбук и анонимни #Бојкотирам пријатели на Твитер. #Бојкотирам стана израз на непокорот и слободата што ги плаши режисерите на ова наше политичко реално шоу. Па потоа тие нѐ плашат нас со увоз на експерти и нивните „тарот-карти“. #Бојкотирам е произлезено од анонимни твитерџии, прифатено од помалите политички партии и засилено со нас граѓаните, кои со име и презиме учествуваме во оваа инфовојна.

Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година, и за воспоставување стратегиско партнерство меѓу страните, е предложен како закон за усогласување со правото на Европската Унија и е изгласан со просто мнозинство. Ова е првата од низата манипулации. Клучен елемент на спогодбата е името на Република Македонија и елементите: историја; јазик; државјанство; употреба на придавките македонски; потоа малцинствата, употребата на симболите, дестимулирање и санкционирање на иредентизам и говор на омраза, дистинкција на дефинициите за придавката македонски… Сите овие клучни елементи претставуваат уставна категорија од која не може да се потврди употребата на европското знаменце на предлог-законот.
Апологетите на спогодбата потпишана на „излет“, не штедат на своите кариери и професионален имиџ, кога во медиумите изнесуваат свои пораки за „опцијата“ бојкот на референдумот. Министерот за надворешни работи изјави дека „да се бојкотира својата иднина, својата држава, својата Македонија (м.з. клучен збор), е кукавичлук“. Ова е индиректна навреда на неистомислениците, кои ги знаат своите граѓански права и одговорности и проекција на страв од етикетирање кај неинформираните, кои не ги знаат своите граѓански можности и должности.

Академик Владо Камбовски изјавил: „Секој може јавно да го каже своето мислење дали е ’за’ или ’против’ поставеното референдумско прашање, или е за бојкот на референдумот, но никако не смее да ги организира граѓаните да не излезат да гласаат, зашто спречува спроведување законска одлука“. Организирањето на бојкот било казниво според членот 387 од Кривичниот законик. Ајде сега да се враќаме чекор по чекор наназад: органите на правдата ќе го гонат оној што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган. Законитата одлука, која би ја „оневозможил“ организаторот на бојкот на референдумот е одлуката на Собранието за спроведување референдум. Според одлуката за спроведување на референдум, граѓаните на Република Македонија на 30 септември 2018 г. треба да се изјаснат за прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ Двата предвидени одговори на комплексното и неединствено по содржината, прашање се: ЗА и ПРОТИВ. Трета можна опција, како граѓанска слобода е апстиненцијата од гласање или БОЈКОТ. Впрочем и затоа се утврдува цензус, бидејќи е извесно дека нема сите да излезат на гласање.

Според членот 387 од важечкиот Кривичен законик прекршок се прави само во случај некој да организира агитирање пред избирачките места и ги одвраќа оние што тргнале да гласаат од нивната одлука, организирано врши друг криминал поврзан со изборите (крадење избирачки материјал пред или по гласањето, попречување на работата на избирачките одбори со присила и закана, и др.). Бојкотот не е наведен како кривично дело.

Венецијанската комисија го појаснува неучеството на референдум како став во прилог на изјаснување против, односно отфрлување на предлогот ставен на референдумско изјаснување, без оглед дали е тоа формулирано во негативен или позитивен контекст. Неучеството на гласачот има помоќен глас отколку гласот против, бидејќи со гласот против се дава легитимитет на поставеното прашање, додека со свесно бојкотирање на референдумското прашање се изразува недоверба во легитимитетот на референдумот. Венецијанската комисија го објавува своето двоумење во врска со консултативните референдуми и дали тие се воопшто соодветни, од причина што можат да создадат повеќе незадоволство ако тие не се уважени од страна на законодавните власти а можат да послужат и како претекст за законодавецот да ја префрли одговорноста, и во секој случај да ја замагли политичката одговорност.

Секое прашање до електоратот мора да биде јасно, не треба да биде збунувачко, не треба да сугерира одговор, гласачите мора да одговорат на поставеното прашање со да, не или со „празен глас“. Материјата што се регулира со референдумско изјаснување никогаш не треба да биде премногу непрецизна или нејасна, и нацрт-легислативата прифатена на овој начин не треба да остава важни прашања да бидат регулирани со идни закони. Треба да се избегнува барањето граѓаните да учествуваат во вакво „слепо гласање“. Оваа препорака на Венецијанската комисија не е испочитувана во случајот на референдумот закажан на 30 септември. Владата ги нема доставено на увид сите уставни измени, кои би произлегле од потпишувањето на договорот со Грција. Неизвесно е дали со нашето исполнување на обврските, кои ги презема нашата страна со оваа спогодба ќе се случи и ратификување на истата спогодба во грчкиот парламент. Договорот предвидува процедурата да помине прво во нашиот законодавен систем па потоа да се стави на дневен ред во Грција. Тогаш би се случило она што го изјавува Коѕијас: „Тоа ќе биде невозвратена љубов“.

Авторката е истражувачка, магистрантка на Општествен развој – ИСППИ