Болки во долниот дел на грбот

Движејќи се низ градските улици неретко ќе забележиме луѓе што одат кривејќи, држејќи се за половината, укочени, со израз на непријатност или гримаси на лицата. Ако се тоа луѓе во години, некако и не се возбудуваме, мислиме дека тоа е поврзано со возраста. Но, за жал, опишаното сѐ повеќе го забележуваме кај млади луѓе дури и кај адолесценти. Сето тоа е одраз на сѐ понаметнатиот седечки стил на живот.

Особено за младите карактеристично е седењето пред компјутерите, таблетите или искривени над мобилните телефони со саати, неподвижни, без вербална комуникација, занесени во пораките или игричките… Ретко ќе сретнете млади луѓе да шетаат низ парковите, да трчаат или да спортуваат во текот на неделата. Тоа некако се практикува само стихијно, во неделите, или кога има организирана масовна манифестација, како што беше минатонеделниот маратон.

Синдромот на болка во долниот дел на грбот е проблем што е извонредно актуелен и од кој страдаат многу луѓе во светот. Според некои статистики, околу 540 милиони луѓе трпат од овој проблем. Тој има свое место и шифра во современите класификации на болестите. Собраните најнови статии во познатото медицинско списание „Ланцет“ укажуваат дека овој, навидум лесен проблем, практично не е ефективно лекуван со современите тераписки пристапи, а притоа манипулацијата со ’рбетот и медикаментозните опции заземаат значајно место.

Според некои познати доктори, болката во долниот дел на ’рбетниот столб претставува глобален проблем на јавното здравство. Најголемиот број од препораките е да се остане активен (да не се лежи во кревет). Исто така, битно е да се биде едуциран за проблемот – да се научи што е добро, а што не е, преку консултирање со валидни медицински извори. Спиналните масажи, манипулации и акупунтурата се најчестите методи што нашироко се препорачуваат.

Веднаш подолу, по редоследот на препораките следува пропишувањето нестероидни антиинфламаторни лекарства (од типот „диклофен“, „кетонал“ и сл.), а најпосле се препорачуваат лекови против болка (но, само ако таа е неиздржлива).
Во споменатото списание „Ланцет“ неодамна излегоа две серии од статии што го заслужуваат вниманието на пошироката јавност.

Емпириските показатели потврдуваат дека со децении луѓето што страдале од болки во долниот дел на грбот најпрвин подлежеле на многубројни рендгенски иследувања, почнувајќи од обична РТГ-снимка па сѐ до магнетна резонанца, компјутерска томографија итн. Импресивен е податокот дека кај најголемиот број од овие испитувања, наодот бил негативен. Имено, освен некои дегенеративни промени на ’рбетот карактеристични за повозрасната популација, кај сите други клиенти не е најден никаков индикативен наод. Тоа значи дека напразно се трошени многу пари и време за реализирање на овие испитувања.

Следно што е извлечено како искуство е дека кај сите „страдалници“ било советувано лежење, строго мирување, поштеда од работа. Истото ова се покажало како несоодветно. Искуството покажува дека со лежењето само се зголемува можноста за создавање инвалидност и неспособност за работа.

Разните хируршки интервенции што биле преземани, исто така се покажале како несоодветни и неефектни. Значи, при синдром на болка во долниот дел на грбот, хирургијата не треба да биде опција од прв ред. Хирургија и снимање на ’рбетот се нужни само во случај на трауми, повреди на ’рбетот, или при сомнение за експанзивни процеси, но тие имаат сосема друга клиничка презентација.

Тони и тони лекарства се пропишувани, особено разни аналгетици или дури тешки морфиумски препарати. Некои луѓе станале вистински зависници од лековите.
Поради сето ова ќе ги наведам најновите препораки што се цитирани во најпознатите специјализирани списанија, а се дадени од врвни светски специјалисти во оваа област.

Наведни се три битни препораки при синдромот на болка во долниот дел на грбот:
1) Продолжете со движење! ’Рбетот не трпи мирување, тој наложува движење. Се разбира, кога болката е многу силна треба да се избегнува спортување, но движењето не треба да се сопре. Треба да се пешачи до работното место, да се прават паузи во текот на седечката работа со лесни движења или со соодветни вежби. Во секој случај, лежењето во кревет не се препорачува во никој случај зашто води до потешки последици, до инвалидитет и работна неспособност.

2) Очекувај дека ќе биде подобро! Болката во долниот дел на грбот вообичаено трае две-три недели и за тоа време луѓето ги обзема паника дека нешто страшно се случува, губат надеж дека ќе оздрават, престануваат да се движат и започнуваат со разни парамедицински методи. Надежта дека ќе им биде подобро е најважна и мотивирачка. Тоа е доказ дека и овој синдром има психосоматска основа, или барем дека емоционалната состојба влегува во кругот на причинско-последична зависност.
3) За болка што трае помалку од 6 недели се препорачуваат физиотерапија, масажа и други мануелни третмани како суплементарни. Исто така, мали дози антиинфламаторни лекови не пречат. Затоа, најдобра препорака е практикување специјални лесни вежби, јога, медитација и особено психотерапија што ќе ја намали анксиозноста кај страдалниците.

Екстензивната употреба на нестероидните антиинфламаторни лекови покажала многу негативни ефекти на срцето, гастроинтестиналниот систем и бубрезите. Од друга страна, наместо оваа група лекарства извонредно поволни се режимите на исхрана во кои се смалени омега 6 мастите, а се зголемени омега 3 масните киселини особено оние содржани во рибите. Посебно се препорачува консумирање лосос (вид риба), која најмногу ги содржи наведените масни киселини, но и супстанцијата наречена астаксантин, која има силен антиинфламаторен потенцијал. Во растителниот свет растенијата куркума и гингер (женшен) имаат силни антиинфламаторни својства и се препорачуваат како замена за антиинфламаторните лекарства.
Со наведените препораки би требало самите да си помогнеме многу повеќе одошто да трошиме време и пари за непотребни, неефектни лекарства или операции, кои, ете, документирано се покажале непотребни кај поголемиот број луѓе со овој синдром.

(Авторката е педијатарка и психолог)