Библиска Македонија

Животот на секој православен христијанин треба да претставува едно постојано општење со Господ, како што вели светиот апостол Павле: … служете му на Господа. Бидете радосни во надежта, во маката бидете трпеливи, во молитвата постојани

Ставре Џиков

Велигденски воскресенски празници на православните христијани. Деновиве ми се наметнуваат зборовите „празноверие“ и „правоверие“, зборови за мудрување. Празноверието и правоверието се два мисловни збора што си противречат како лицето и опачината. Со првиот збор празноверие се обележуваат политичарите и нивните следбеници политиканти, кои многу ветуваат за подобар живот, светла иднина на граѓаните, а од тоа кога ќе се одмери на кантарот на времето, секојдневието, остануваат куп лаги и безнадежност. Политичарите и политикантите везден се колнат во своите ветувања, се колнат во партиските програми, во законите и, најсетне, во Уставот и во името на нашата татковина Република Македонија. И тоа го прават секогаш на редовни, вонредни парламентарни избори, локални избори и на избор на претседател на Републиката. Политичкиот карусел на лажната демократија го вози граѓанинот во безнадежност и некоја утешна порака – утре ќе биде подобро!
Со зборот правоверие мислата и душата ни се свртуваат кон Бога, кон Господ Исус Христос, божјиот син. Денови на негово распетие, и воскресение и вознес на душите и мислите на христијанските верници. Се потсетувам на Велигден, Велипеток април 2014 година. Со отец Никодим Царкњас се најдовме во манастирот „Јован Продром“.

Грчките монаси срдечно нѐ пречекаа во манастирот. Се поклонивме пред моштите – главата на свети Климент, патронот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Манастирот втемелен во шумовитите планини, каде што под нив тече реката Бистра и се наоѓа градот Бер (Верија, Грција). Дел од моштите на свети Климент се чуваат во манастирот „Свети Пантелејмон“ во Плаошник, Охрид. Отец Никодим Царкњас живее во Сбтско (Аридеја, Грција). Во црквата што ја изгради света Злата Мегленска тој служи проповед на македонски и грчки јазик. Тој е Македонец свештеник на Македонската православна црква. Во рацете го имам македонското издание „Поменик“, или на руски изворно кажано „Помјаник“, на „Сретенскиот манастир“ од Русија. Молитвеникот на што нѐ упатува: „Молитвата, како што вели монахот Евагриј е разговор на умот со Бога. Тоа е разговор во кој ние се сретнуваме со Живиот Бог, со Бога Личност, или како што пишува митрополитот волоколамски, Иларион: како и секој друг разговор, молитвата е дијалог; нејзината цел не е толку да се искажеш самиот, колку да го услишаш другиот. За тоа, животот на секој православен христијанин треба да претставува едно постојано општење со Господ, како што вели светиот апостол Павле:… служете му на Господа. Бидете радосни во надежта, во маката бидете трпеливи, во молитвата постојани (Рим 12, 11-12).

Молитвите ме потсетија на моите незаборавни средби и искрено пријателство со упокоениот владика Кирил. Во една пригода ми рече: „Господ ни даде разум, дали ќе владееме со добрина или со зло, треба да внимаваме, оти одговори за нашето поведение и дела ги даваме пред божјиот суд!“ На 12 јули 1967 година, во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје бил хиротоносан архимандритот Кирил, за епископ тивериополски, кој набрзо потоа бил назначен за митрополит на Македонската православна епархија за Америка, Канада и Австралија. Со петтемина архијереи биле задоволени потребите на постојните епархии на Македонската православна црква, и во татковината и меѓу иселениците Македонци. Овој петточлен Архијерејски синод на Македонската православна црква на 17 јули 1967 година донел историска одлука за возобновување на автокефалноста на Охридската архиепископија како Македонска православна црква, Одлука што била едногласно и еднодушно прифатена од членовите на Третиот црковнонароден собор, одржан во Охрид на 17 и 18 јули 1967 година. Со владиката Агатангел сме рецензенти на монографијата „Митрополит Кирил“ од авторот Славе Николовски-Катин. Во Библијата, Светото писмо, во глава Петта Мојсеева книга-Второзаконие, Мојсеј беседи му се обраќа на сиот Израел, со Завет и ДЕСЕТ заповеди: – Да немаш други богови покрај Мене!; Не земај го празно името на Господа, својот Бог!; Да го пазиш саботниот ден!; Почитувај ги татка си и мајка си што Господ, твојот Бог ти заповеда!; Не убивај!; Не прељубодејствувај!; Не кради!; Не сведочи лажно против својот ближен!; Не посакувај ја жената на својот ближен!; Не лакоми за куќата на својот ближен, за неговата нива, за неговиот слуга, за неговата слугинка, за неговиот вол, за неговото осле, ниту за нешто што е на твојот ближен.

Мојсеј преку божјите заповеди на народот му го означува патот на битисувањето во животот и на нивните поколенија. Заповедите се зборови што ја градат моралната вертикала на животот на секој верник од негово раѓање, животот со искушенија, смртта и воскресение. Тоа е патот на Исус Назарецот, човечки еднороден син на Бога. За спасение, верниците треба да се со силна вера во воскреснувањето на господ Исус Христос, да се крстат ќе бидат спасени, а кој не поверува, ќе биде осуден. Господ Исус се вознесе на небото и седна оддесно до Бога. Патот по кој секој христијанин треба да врви запазувајќи ги божјите заповеди за да стигне Божјото Царство. Камбаните онемеа од тага, распетие на Исус Христос на крстот, погребение! При Исусовиот крст стоеја мајка му Марија и сестрата на неговата мајка, Марија Клопина, и Марија Магдалена. Камбаните радосно химнично бијат, гласници се на веста Исус Христос воскресна! Надеж на нов живот, на нов ден! За нас грешниците покајание, просветление да се најде патот на бесмртните со помош на ангелите и светците, да се патува од земното кон небесната порта, кон бога.

Авторот е адвокат (поранешен судија и државен обвинител)