Бела буржоазија, кулминација, расплет и крај

Во почетокот од триесеттите години на дваесеттиот век македонската бела буржоазија во Вардарска Македонија е клучниот играч во сите сфери на општественото живеење. Сите градови се во втората фаза на урбанизација со електрификација и градење артерии на водоводи, канализации и локални патни мрежи. Полека, освен во трговијата и услугите, Македонци почнуваат да инвестираат и да успеваат во производството, но и во извозот кон странство, особено на земјоделски индустриски производи. Повторно се обновуваат прекинатите врски со Виена, Рим, Берлин и Париз. Втората повоена генерација веќе студира на универзитетите по Европа. Е, тие млади луѓе ќе се соочат со својот идентитет не во татковината, туку во странство. Одеднаш откако ќе се најдат во слободни средини, почнуваат да се препознаваат меѓу себеси и да создаваат групи што ќе си постават националромантични цели: кога ќе се вратат дома да работат на национална и социјална еманципација на својот народ.

И тоа и се случува. Во почетокот на триесеттите години врие од жив живот во образованието, културата и уметноста во сите македонски градови и паланки. Се формираат училишта, клубови, фолклорни групи, музички оркестри, спортски друштва, книжевни братства и, полека но сигурно, се одделува општествена елита што бара сопствена национална афирмација преку уметноста и културата. И ете ги преродбенците во театарот, литературата, музиката и сликарството. И не е тоа ад хок настан, туку состојба создадена и управувана од образовани и самосознаени индивидуалци што имале и интелектуални капацитети на филозофи, каков што во суштина бил Коста Рацин, на пример. Речиси во сите градови градоначалници се Македонци буржуи, кои балансираат помеѓу притисокот на централната администрација управувана од доселеници Срби и реалните потреби на домицилното мнозинско население за самоидентификација во сите сфери на општественото живеење.

Власта е сосема начисто дека тој притисок мора да се контролира со оставање простор за самоизразување на Македонците што активно ќе учествуваат и во политичкиот живот. Да не заборавиме дека Скопје станува главен град на Вардарска Бановина и од средината на триесеттите години почнува да се развива и како политички центар на југот од тогашното Југословенско Кралство. Трговскиот и финансискиот простор во голема мера е управуван од Македонци буржуи, кои стануваат и најголемите акционери во локалните банки. И тој исклучително брз развој е прекинат во 1941 година, со Втората светска војна, кога се случува окупација на Вардарска Македонија од страна на бугарските фашистички војски и администрација.

Иако е факт дека голем дел од македонската буржоазија не ја прифаќал србизацијата и имал дури и отворени симпатии и поддршка кон Бугарија како идеал за слобода, веќе со првите месеци од доаѓањето на новата бугарска администрација во Македонија почнал и јавниот отпор, затоа што очекуваната слобода била заменета со нова потчинетост. И кога партизанското движење, навистина, сепак иницирано од комунистичката партија, ќе создаде сознание дека единствениот начин за стекнување национална и социјална слобода е оружена борба, таа бела буржоазија станува отворен поддржувач на движењето, а од 1943 година и активен учесник.

Никој не може да го негира фактот дека раководниот и командниот кадар, кој од неколку партизански одреди ќе формира организирана војска, која, освен диверзии и партизанско војување, ќе почне и да извојува тактички воени победи, е составен од буржуи, кои биле единствени со образование и интелектуални капацитети за таков потфат. И круна на сѐ е Заседанието на АСНОМ од 2 август 1944 година, организирано и составено од македонски буржуи на извесна возраст, кои дома ги оставиле стокмените семејства и етаблираните бизниси и се одметнале во планина да се борат во првите редови за национална и социјална слобода на својот народ! Почнувајќи од претседателот на Заседанието на АСНОМ, Методи Андонов-Ченто, па до остатокот од поголемиот дел делегати биле имотни буржуи.

Во голем дел и првата македонска влада од 1946 година ја сочинуваат буржуи или деца на буржуи, почнувајќи од претседателот Лазар Колишевски. Но сѐ ќе се промени во моментот кога станува јасно дека победата над фашизмот, лажно експонирана како уникатно достигнување на комунистите, води кон социјалистичко општествено уредување, во кое приватната сопственост ќе се национализира. Огромен дел од македонската буржоазија со неприфаќање и отпор возвраќа на таа намера на новата власт. Во сите сфери. Системот на задругарство копиран од Советскиот Сојуз во кој буржоазијата треба да го отстапи својот капитал, средства за работа и имот, македонската бела буржоазија го дочекува на нож.

И почнува отворен конфликт и борба во која на едната страна е буржоазијата, а на другата страна штотуку формираното макeдонско комунистичко болшинство, предводено од довчерашните момоци, чираци и калфи на најбогатите Македонци! Одеднаш, целата таа идеја се претовара во одмазда на работниците кон работодавците. Во тоа лудило не само што почнала постапка на еуфорична, одмаздничка, општа национализација на стопанските објекти и селскостопански имоти туку и заземање и на личните куќи во кои живееле довчерашните буржуи со нивните повеќедетни семејства. Новата квазипролетерска класа се населува во салоните на домовите во кои до вчера не можеле ниту да пристапат. Почнал процес на стигматизирање и етикетирање на буржоазијата како антинародна и антидржавна. Се организирале јавни понижувања и судења, за кои освен вербални искази не постоеле ниту правни обвиненија, а уште помалку релевантни докази.

Голем дел од предвоената буржоазија до крајот на четириесеттите години бил обезимотен, обесчестен, осрамотен и прогонет од помалите градови кон Скопје, Белград, Европа и преку морињата и океаните! И така, со оружјето на политичкиот преврат и силата, довчерашните момоци, чираци и калфи, главно селски деца што работеле како наемници за плата на имотите и во работилниците и фабриките на македонската буржоазија, стануваат раководители, управители, директори и тотални господари на стопанскиот, образовниот, културниот, спортскиот и целиот јавен живот во сега веќе социјалистичка Македонија.

Кои се тие нови господари? Веќе кажавме, тоа се селани што комунизмот го сфаќаат како можност за свој успех во општеството и се согласуваат на сѐ ако тоа им нуди можност за брзо искачување по скалите на успехот. Тие стануваат џелати на своите довчерашни работодавци и со примена на безмилосна сила и тортура ги истураат сиот бес и јад што ги собирале во годините поминати во градовите, каде што несомнено живееле живот на новодојдени лумперпролетери! Со скудно образование, голем дел од нив и неписмени, станале началници, директори, управители, полициски и воени офицери, градоначалници, пратеници и општественици. И во следните неколку децении од педесеттите, преку седумдесеттите и осумдесеттите години од дваесеттиот век, нивните деца ќе ги заземат сите општествени позиции преку кои ќе го контролираат целото општество, на крајот претворајќи се во најлошата проекција на буржоазијата, која тие ја уништиле претворајќи се во конформисти и новобуржуи, кои поради комунистичкото потекло ќе ги наречеме црвена буржоазија.

Тие – црвените буржуи, нивните деца, внуци и трабанти ќе ги заземат сите сфери на современото живеење, кое ќе кулминира со распадот на социјализмот во Македонија на кој тие ќе бидат егзекутори и во еден ден ќе конвертираат од комунисти во демократи. Тие, нивните деца, внуци и трабанти на почетокот од 1990-тите години, ќе го изведат најголемиот грабеж во историјата на Македонија, креирајќи ја таканаречената општествена и економска транзиција, во која ќе го приграбат најрепрезентативниот дел од националното богатство создавано од сите граѓани на Македонија. Богатство што во својата основа се темели на идеите, потфатите, капиталот и имотот на македонската бела буржоазија, која црвената буржоазија ќе ја урниса и уништи речиси до темел.

Што направи црвената буржоазија? По Втората светска војна, кога се утврдуваше на општествената сцена, таа изврши напад врз материјалните вредности за да ги приграби и заради камуфлажа го стигматизира богатството како зло од кое треба да се срами секој човек! Но кога за време на таканаречената транзиција требаше по вторпат да го приграби општественото богатство, сега грабежот и криминалот ги глорификува како екстраординирана способност, која треба да биде општествен образец на однесување со кое секој треба да се гордее!
Што е белата буржоазија? Таа денес не постои како организирана сила. Постојат нови невлијателни зародоци и стари остатоци расфрлани по светот. Тоа е општествена класа што некогаш го афирмирала своето минато и која по примерот на европската буржоазија градела идентификација со нацијата и имала цел да ја афирмира и глорификува својата национална припадност како различна од другите, а себеси како најдоброто од таа нација.

Што е црвената буржоазија? Тоа е општествена класа што се срами од сопственото минато, кое го смета за просто и примитивно. Нивните деца, прводонесени или првородени во град, денес се (северно)македонската општествена, политичка, образовна и културна елита, која од сопственото сеќавање го има избришано селското потекло на своите татковци и дедовци и заради камуфлажа себеси се проектира како фундамент на градот, градскиот начин на живот и градските вредности.
Што е портокаловата буржоазија? Тоа е најлошото од двете. Нема никаква врска со белата, а ја имитира црвената буржоазија, создавајќи епистемологија, јавен привид и лага дека е заштитник на нацијата и нејзините интереси, а во суштина е отпадот од црвената буржоазија предводена од олигарси.
Драги мои, со оваа последна колумна за една од основите на либералниот капитализам и демократијата – буржоазијата и моите размислувања за тоа која е таа и зошто е важна за развојот на нашата земја и општество, ве оставам со желби за добро здравје вам и на вашите најблиски.

Авторот е режисер