Бела буржоазија, генеза

Драги мои, да се пишува за иднината кога секој од нас е преокупиран со сегашноста, навистина е предизвик и за оној што ги составува овие редови, но и за оние што ќе ги читаат. Но воинот, тиранин и филозоф (колку различни нешта во една личност, а?) Марко Аврелиј бил во право кога тврдел дека само оној што си го познава минатото може да ја поднесе сегашноста, но и да ја предвиди иднината! Но ние сме, за жал, заробеници на една мала, но моќна и однадвор поддржана олигархија, која го тврди сосема спротивното од она во што веруваат и со што живеат нивните спонзори, наследниците на Аврелиј, творецот на идеите за светот таков каков што го живееме денес! Но зошто го кажувам сето ова? Затоа што намерата на црвената буржоазија да ве натера да се откажете од сопственото извесно минато во име на неизвесната иднина е со крајна цел да ја прекине идентификацијата со вашите предци, а подоцна со принципот на интервенција во сегашноста да воспостави нова, хибридна заедница, која нема минато, а ниту иднина, туку само неподнослива сегашност.

Нивната крајна цел е тој хибрид, кој не може да се реоплодува и размножува, да се самоизеде и да престане да постои! Сѐ спротивно од идеите на погорецитираниот римски патрициј, кој е основа на современата западна цивилизација. Затоа, денешното пишување за следниот голем проблем што стои како слон во продавницата за стакла на нашата сегашност, а со тоа и во излогот на нашата иднина, е таканаречената бела буржоазија и нејзината генеза, развојот, нападот врз неа, стигматизирањето, етикетирањето и на крајот заземањето на нејзиното место од страна на црвената и портокаловата буржоазија, за кои кажавме и утврдивме кои се и како настанале. Ќе започнам навраќајќи се назад во времето, оти, нели, така пишува во хрестоматијата на светот – кога тргнуваш на пат кон иднината, погледни назад кон минатото и не заборавај каде си сега. Па, да одиме!

Македонската „бела“ буржоазија не би имало потреба да се „обојувa“ ако не постоеја оние другите две буржоазии. Тогаш би се нарекувала само буржоазија. Е таа бела, „нормална“ буржоазија настанала по природен пат, со акумулација на капитал со сите методи што го подразбираат тоа. Чесни и нечесни. Етички и неетички. Со саможртва, но и со жртви на конкурентската страна. Белата буржоазија се раѓа на средината на деветнаесеттиот век, кога по реформите на султанот Абдул Меџит од 1856 година во Отоманската Империја немуслиманите меѓу другите добиваат и еднакви трговски права, па еден похрабар дел од македонското христијанско население почнува да се враќа во предградијата на градовите што нивните предци ги напуштиле пред четири века. И до крајот на векот, тие новодојдени веќе се дел од новоформираната градска елита на мали и средни трговци и занаетчии што преминот од феудализам во капитализам го прифаќаат како предизвик од кој излегуваат како победници.

На ист онаков начин на кој се развивала европската буржоазија наспроти аристократијата, се поставила и македонската новосоздадена бела буржоазија во односите со турската феудална аристократија, па сакале да се одделат од неа самоидентификувајќи се како различни по вера, по цивилизација, а подоцна и по национална определба не само со турската туку и со околните христијански нации. И откако нивните деца ќе се вратат од европските универзитети, каде што биле испратени на образование, ќе се роди и потребата од национална самоидентификација по примерот на француската, италијанската и германската буржоазија, која имала потреба од создавање славно минато на своите предци, за да си создаде корења што ќе ги држат плодовите на новостекнатото богатство.

Така настанале заедниците што си создале митови и верувања за нивната современа врска со ликови и настани од минатото. И откако тие групи, подоцна дефинирани како нации, ќе си создадат и национални држави, тоа обожавање од устен наратив и преданија ќе се претвори во духовна и социјална рефлексија преку сликарство, вајарство, архитектура, литература, драма, театар, опера и балет. Младите македонски буржуи одеднаш биле исправени пред потребата да се споредуваат со своите европски сокласници, афирмирајќи се себеси преку славното минато на сопствените предци. И така се родил македонскиот национален романтизам како потреба за себеидентификација и сопствена проекција во минатото.

Таа буржоазија станала свесна за потребата од градење нација не заради нацијата, туку заради личната проекција како најдоброто од таа нација, што е природен пат во цела Европа на крајот од деветнаесеттиот век. И ете ги првите запишувачи на народни умотворби, првите поети, драматурзи, сликари, филозофи, политичари и општественици. Ете ги првите учители и првите ученици, ете го раѓањето на нацијата, идеја по идеја, чекор по чекор, форма по форма. Земете ги сите преродбеници од Џинот, преку Миладиновци до Рацин, и ќе утврдите дека или самите тие се буржуи или деца на буржуи. Знаењето е скапоцен дар и моќно оружје, кое тие го користат за лично, но и за пожртвувано безусловно облагородување на сопствениот народ.

Но само за дваесетина години, до крајот на Првата светска војна и поделбата на Македонија, огромниот дел од кремот на нацијата што не се родила ќе биде уништен во неколкуте војни и меѓусебни пресметки, кои ќе бидат водени од интересите на околните веќе утврдени нации. И така, по крајот од голема војна во 1919 година, македонската бела буржоазија е осакатена организациски, финансиски, пазарно, но и идејно и духовно! Земјата е поделена на три и трговските и производствени врски помеѓу Битола, Мелник и Солун повеќе не постојат. Уништени се цели индустрии и запрени се производството и извозот на стратегиските земјоделски култури. Македонија го губи приматот во производството на афион, памук, тутун, сончоглед, свила и жито. Изгубени се трговските претставништва во Солун, Истанбул, Каиро и во Виена. Но онаа што е најстрашно, македонската бела буржоазија од Првата светска војна ќе излезе обездетена! Синовите на најуспешните и најбогатите Македонци гинат по фронтовите од Едрене до Солун и Битола.

Оние што ќе преживеат ќе влезат во меѓусебни крвави пресметки, обвинувајќи се едни со други како виновни за пропаста на идејата за градење нација и држава. И во такви околности се развива, овој пат од пепел, како феникс, новата македонска бела буржоазија. Ако ги анализираме настаните од 1919 до 1941 година во Вардарска Македонија, која била под српска окупација, ќе утврдиме дека сето она што денес е основата на нашите градови е создадено буквално, ама буквално од пепелта на она што некогаш биле Скопје, Битола, Прилеп, Струмица, Велес и другите поголеми градови. И во таа изградба на целосната урбана и социјална инфраструктура, јавниот простор, институциите, училиштата, културните и спортските организации, мотор, генератор на сѐ била македонската бела буржоазија, која веќе на првите демократски избори јасно се определила и политички како левичарска (што е апсурдно, но повторно е последица на специфичните историски околности на Македонија и Македонците) и прогресивна.

Но, и покрај огромниот притисок и нескриената присилна асимилација, таа македонска бела буржоазија на почетокот од 1930-тите години ќе ги произведе, ќе ги изнедри од самата себеси и финансиски и морално ќе ги поддржи преродбениците Крле, Иљоски, Панов, Рацин, Марковски, Личеноски, повторно застанувајќи во одбрана на сопствените национални вредности како потреба за себеидентификација како различни од српската буржоазија во тогашна кралска Југославија. Таа македонска бела буржоазија ќе ги испрати своите синови повторно по европските универзитети и ќе ги врати назад во татковината за да бидат првите доктори, професори, економисти, адвокати, уметници и општественици што ќе застанат во одбрана на својот народ и негово повторно безусловно образование и еманципација!

Таа македонска бела буржоазија ќе загосподари со македонските градови и ќе стане доминантен економски фактор во трговијата, земјоделското индустриско производство и мануфактурата. Тие, сепак, сѐ уште нивни кревки компании ќе бидат основата од која подоцна ќе се градат големите гиганти на македонската повоена индустрија. Но како се случија судирот и пресметката помеѓу македонската бела буржоазија и протитоистичкото мнозинство во 1946 година и конечната пропаст на македонската бела буржоазија ќе пишувам во наредната колумна.
Ве оставам во надеж и страв дека деновите пред нас ќе нѐ променат и направат подобри и похрабри за големите предизвици што ќе дојдат одеднаш и без најави и фанфари.

Авторот е режисер