Безобразование

Зборот „пес“ не лае (Жарар Женет)

Понижено знаење (1)

Слушам пред некој ден на телевизија сто пати: ни требаат „едуцирани луѓе“, ни треба „едуцирање“, ни треба „едукација“. Лингвистите знаат дека употребата на „странски“ наместо наш збор не е само помодарство, туку остава и сериозни семантички, социолошки и идеолошки последици. Не постојат истозначни зборови во различни јазици. Англиското „stream“, иако најчесто го преведуваме со нашето „поток“, може да значи и „водена струја“, дури и „рекичка“, зашто има пошироко значенско поле од нашето „поток“. Секој јазик не само што создава „свои“ зборови за „нештата“ туку различно ја крои и поимната слика за светот. Различни јазици поинаку ги „гледаат“ дури и универзалиите, на пример боите: Ескимите имаат неколку збора за она што за нас е само „бело“. Затоа, професорите по странски јазици знаат дека нивните студенти научиле јазик не кога ќе ги научат речникот и граматиката, туку кога ќе почнат да „мислат“ на тој јазик.
Така е и со зборот „едукација“, кој во последно време се фаворизира до толку, што не би ме изненадило некој да предложи Министерството за образование да се преименува во Министерство за едукација. Но тој збор кај нас, особено во последно време, не значи исто што и во англискиот јазик: во англискиот „education“ се користи за класично образование. Нашите политички помодари, пак, упорно се обидуваат англиското „training“ (обична обука) да го прогласат за едукација (education) и со тоа да го израмнат со „образование“, заборавајќи дека обуката е само блед сурогат за класичното образование. Во биографиите на младите луѓе често читаме дека завршил „едукација“ за педагог (а не дипломирал педагогија), дека се стекнал со „сертификат“ (не со диплома) за графички дизајн, или дека „бил едуциран“ на некој летен политички камп за препознавање говор на омраза, а притоа не му предавал ниеден класичен лингвист или реторичар, туку некои сомнителни „едукатори“.

Младите луѓе денес се колекционери на такви сертификати, лиценци и разни други потврди што ги докажуваат ВЕШТИНИТЕ (англиски: „skills“) на кандидатот, зашто мислат дека со тие „сертификати“ ќе имаат предност при вработување, пред дипломираните. Нашето време, според тоа, бара вештини, skills, а не образование. Тоа значи – едуцираниот (во наша, македонска смисла) е обучен МЕХАНИЧКИ беспрекорно да изведе операции како делче од еден процес во кој, иако е интелектуалец, е вклучен какo работник на фабричка лента. Наспроти тоа, ОБРАЗОВАН човек е оној што знае да МИСЛИ: него го интересира целината. Критичкото мислење е обмислување на целината, зашто само кога се гледа целината се гледаат и нејзината смисла (цел) и фалинките на деловите. Едуцираниот го гледа само својот дел од задачата; затоа и може да му се случи да биде изманипулиран, па дури, без да биде свесен, да биде вклучен во процес со нехумани цели. Да речеме, ако архитектот што ги проектирал бараките на „Аушвиц“ во кои се „туширале“ Евреите (а всушност од тушевите истекувал смртоносен гас) ја наѕирал целината (што значи – ако бил образован), тој можел (за да не учествува во злосторството) да каже дека не умее да проектира објекти со толку тушеви. Ако напротив, бил само обучен, тој ќе имал доволно архитектонски skills да смести и 500 туша во 50 квадратни метри, без да му ја мисли за целината. Тоа се крупни разлики меѓу „образование“ и „едукација“.

Според тоа, образованиот ја мисли целината, а едуцираниот има доволно вештина да го реализира делот. „Дел“ на латински е pars, partis, а од таму доаѓа и „партија“, па не е чудно што партиите бегаат од образовани луѓе како ѓавол од крст, а милуваат само „едуцирани“. Има и други причини зошто политиката бега од образовани луѓе: во словенскиот збор „образование“ се крие зборот – „образ“ (лик). Тоа е она што нашиот народ го вика „намуз“, чест, а кај Хелените се викало arete (доблест). Тоа значи дека образован човек не е само оној што знае, туку и оној што е воспитан во совршен морален лик: оној што „има образ“. Впрочем, не е никаква тајна дека низ историјата знаењето (како „едукација“) често се ставало на погрешна морална страна, па така од ОБРАЗ-ова-ни-е станувало само skill: вештина за убивање или уништување. Оној што знае да смета, може да пресмета во милиметар каде да слета ракета на Марс, но и кој прозорец во некој кварт на Скопје да биде погоден, дури и од друг континент.
Денес, за жал, сѐ почесто добиваме луѓе што поседуваат вештини, ама немаат образ, па затоа и живееме во хронична состојба на БЕЗОБРАЗОВАНИЕ. Тоа е состојба на безобразна надуеност, која вештината ја прогласува за омнисцентност (сезнајност). И интересно: колку помалку некој знае, толку станува побезобразен и посамоуверен. Тоа го отвора прашањето за ВОСПИТАНИЕТО, кое до скоро одеше рака под рака со поимот образование, сѐ додека не крахираа семејството и школите, па децата останаа без никакво морално воспитание. Дури и спортот, сфатен не само како мускул, туку како ЧИСТО морално воспитание (етички однос кон победникот, кому му честиташ, а самокритички однос кон себе кога си загубил), ја изгуби својата функција. Сѐ помалку млади луѓе спортуваат, а физичката и моралната obesitas (здебеленост) е сѐ пораширена. За религијата нема ни да зборувам: таа не е дел од државата и не е должна да нуди морално воспитание „на тезга“: таа е слободен избор.

И затоа што ги раздвоивме воспитанието и образованието, затоа што го издвоивме моралот од знаењето, затоа и добивме – луѓе слепи за целината, сконцентрирани на делчиња, откршоци, синегдохи. Не е далеку денот кога ќе почнеме да едуцираме одделни специјалисти за лево и за десно око, а може и супспецијалисти за зелено, сино и црно око, за секое посебно. Личи на карикирање, ама не е далеку од вистината. Погледнете: зошто денес нема вистинска витешка полемика за ниедно општествено, камоли уметничко прашање? Затоа што никој не ја гледа целината: секој си го гледа и си го обработува со „скилс“ своето дворче. А ако некому му влезеш во дворчето – ете кавга. Така и полемиката, како витешки жанр на знаењето, честа и надмудрувањето за целината – ѝ го отстапи местото на простачката кавга за делови, која од улица и кафеана се пресели во медиумите.
И уште ова: едуцираниот – не се сомнева во своите стекнати skills и лесно се возгордејува. Образованиот секогаш се сомнева во она што го знае. Тоа се доволно причини власта (секоја наша власт досега) повеќе да сака едуцирани од образовани. Образованите создаваат проблеми: мислат и затоа се сомневаат. Затоа и целата академска и научна заедница е редовно заобиколена при сите стратегиски одлуки во државава. И тоа треба јасно и гласно да им се каже на младите. Па нека избираат: образование или само „едукација“.