(Без)значајноста на локалната самоуправа

Колумната ја пишувам на ден што заслужува внимание: 24 октомври се смета за Ден на ООН, односно тоа е денот кога во 1945 година стапи во сила Повелбата на Обединетите нации, откако ја ратификуваа најголемиот број држави (меѓу кои и поранешна Југославија, па би рекле и ние, како Македонија, сме основачи на Организацијата). Гледано од денешна перспектива, кога и професори по меѓународно право преферираат реал-политика и политика на моќ, а за своевидниот устав на меѓународниот систем сметаат дека е само свечена повелба и ништо друго, малку повод остана за славеничка атмосфера. Македонија е од една страна фрустрирана поради фактот што нејзиниот официјален прием како независна држава беше под знакот на кршењето на одредбите на Повелбата (наводно, поради зачувување на мирот и безбедноста во регионот и како привремен компромис), а од друга страна, како членка на НАТО како да е на „онаа страна на правото“, т.е. над моралот и правото, а на страна на силата и моќта (без оглед колку е смешно и да се помисли дека лилипутанска држава може да биде рамноправна со „Гуливер“). Би пишувала многу повеќе и порадо на оваа тема, особено за иницијативите за ревитализација на Повелбата како сламка за спас на еден свет што тргнал кон самоуништување, но секојдневието ме притиска и мене, како и вас.

Затоа, да се симнеме на земја, без илузии и без патетика. На глобалниот поредок му требаат владеење на правото, морал и принципи, но зарем сето тоа не (треба да) почнува одоздола, од локалните заедници, таму каде што живееме и работиме? Јас верувам дека корените на демократската организација на општеството (национално или меѓународно) треба да се бараат локално, а оттука да растат и да се шират, да се спојуваат во заедничка крошна на светското дрво на Животот и Развојот. Каде стоиме ние среде два круга на локалните избори (во делот на градоначалниците)? Да потсетам: не случајно, локалната самоуправа е една од темелните вредности на уставниот поредок (наведени во членот 8 од Уставот). Таа е рамо до рамо со принципот/вредноста на поделбата на власта и владеењето на правото. Како политичка заедница можеме да се пофалиме дека во континуитет принципот на општинско организирање, односно децентрализација и локална (комунална) организација, биле присутни меѓу нашите граѓани од далечната 1955 година (од време кога и јас не сум била родена). Со подеми и падови, со безбројни реформи, таа е сепак тука – далеку од идеална, далеку и од демократска (во смисла на негување на принципите на локалната демократија), но присутна и оптоварена со безброј ингеренции со кои едвај и да може да се справи.
За жал, и без научно истражување, само со прошетка низ градот Скопје и низ другите општини, можеме да посведочиме на системската сиромаштија, запуштеност, загаденост (на воздухот, водата и почвата) итн. Се чини, единственото што цвета е корупцијата на елитите, кои се во спрега – оние од локално со тие од централно ниво. Локалната самоуправа е одамна „киднапирана“ и одземена од нас, главните нејзини чинители и ползувачи. Ја окупираа и грабнаа партиско-политичките, а потоа и политичко-етничките центри на моќ. Оваа година се чинеше дека пркнале граѓански иницијативи (главно „зелено“ ориентирани), што беше некаков знак на будење и опирање на партиските стеги на големите партии, кои традиционално го делат „колачот“. Успехот, очекувано, многу скромен – бидејќи нештата не се менуваат прекуноќ, а и граѓаните излажани безброј пати од божем независни акции и револуции, веќе дуваат и на кисело млеко, па гласаат за познатите „неранимајковци“ од своите средини.

Во пресрет на финалната пресметка помеѓу кандидатите за градоначалници атмосферата е циркуска, нема никаква врска со стварноста, а ветувањата за бесплатни градинки, училишни оброци, инфраструктурни објекти, паркови и слично звучат како подбивање со нашиот разум и свест дека се давиме во сиромаштија. А кога некој од позиција на актуелен премиер на предизборен митинг во еден од најголемите градови (Куманово, каде што парадоксално СДСМ се бори против СДСМ) јавно ветува дека централната власт, Владата (т.е. извршната власт на државата) стои зад сите ветувања на нивниот партиски кандидат, па уште и се фали дека (повторно) игра коцкарски (all in) – тогаш сфаќате каков лом настанал во членот 8 од Уставот. (Да, да, не сум заборавила дека Уставот е одамна безвредно парче хартија, и „смоквин лист“ со кој се крие фактичката авторитарна матрица и структуралното насилство вградено во институциите и неправедните закони!) Локалната самоуправа е марионета во рацете на оние што одозгора ја водат власта, а пораката на премиерот всушност кажува: ако не гласате за нашите, тогаш ние како централна власт ќе ви ги закочиме сите проекти што ќе ги започнат градоначалниците и советите што не се блиски на власта. Тоа е отворена закана, отворен притисок, па ако сакате – и своевидно нудење поткуп во политичка кампања. И не е само премиерот: се наредиле сите министри и се растрчале по села и градови, наместо да си ја вршат работата за која се избрани и платени, ама и одговорни за ресорите (на пример, оној за здравство не понесе ама никаква одговорност за пожарот во Тетово, а ако не се случи будење – градоначалничката ќе остане истата). Не, не мислам дека опозициската понуда е нешто особено вредно и различно. Но оваа „заразна“ атмосфера на одмерување на силите, кај секој од нас, буди инстинкт на барање правда, па и одмазда – дури и за нешта што немаат врска со локалната самоуправа. Казна за целокупниот начин на владеење на гарнитурата, која и сега игра all in. Одредени гласови повикуваат на бојкот на вториот круг (демек, немаме вистински избор), но што од тоа? Градоначалник (за жал, жените пак се бројат на прсти) ќе се избере. Лично сум решена да гласам, ако треба и со затнат нос, „голтање жаба“ и подзамижување – ако ништо друго, барем да го артикулирам насобраното незадоволство. Локалните избори се само предигра за главната игранка… зошто вака веќе не се може, на сите фронтови Ѓорѓи сардисан.

Состојбата во која се наоѓа земјата се опишува само со зборот метастаза, во поодминат степен. „Револуцијата“ што евентуално може да доведе до пресрет не може да се одвива чекор по чекор, прво на локално, а потоа на централно ниво. Ако веќе централната власт, без срам и образ, го води орото на локалните пиони, тогаш еве шанса да им се покаже што мислиме за нивните коцкарски потфати. Во време на општа сиромаштија, зголемување на цените на базичните производи, еколошка деградација, урбана мафија – и волшебник да избереме за градоначалник, фајде ќе нема. Освен ако в раце ја држи Аладиновата ламба… Затоа, наместо илузии дека локалната самоуправа е независна од централната владејачка матрица, потребно е гледање на вистината в очи: рибата е одамна усмрдена, од главата до опашката и назад (преку утробата). Оваа „риба“ тешко да се освежи, но барем не мора да се трпат смрдеата, ароганцијата и некадарноста.