Бегство меѓу „се договориле“ и „неспособни се“

Доколку е „се договориле“ во рамките на „амнестија за име“, но и доколку е „неспособни се“, станува јасно дека власта не сака или не е способна да обезбеди правда и да ја прекине неказнивоста, со што ја поткопува поддршката меѓу своите симпатизери и меѓу граѓаните

Со позајмен твит на симпатизер на власта ја насловувам колумната за бегството на Никола Груевски во Унгарија, кое одекна како ретко која вест, а многу добро ги опишува гледиштата на јавноста.
По неколкудневна потрага и исчекување, поранешниот премиер Никола Груевски објави на Фејсбук дека поради закани по неговиот живот, се наоѓа во Будимпешта и дека бара политички азил. Веста ги фрли во сенка сите други вести и ја преокупира целата јавност. Првите политички анализи говорат дека бегството ќе се одрази негативно по Никола Груевски и по ВМРО-ДПМНЕ, но и по власта. Дали е тоа така?

Анализите дека бегството ќе се одрази негативно по Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не ја земаат во обѕир длабоката поделеност и поларизираност на граѓаните. За илустрација, постот на Фејсбук во кој Никола Груевски го објавува својот престој во Будимпешта, за помалку од 24 часа имаше 12.000 лајка, над 1.000 споделувања и околу 3.700 коментари. Со брз преглед на коментарите може да се заклучи дека над половина се со поддршка на Никола Груевски, а другите се со осуда или тролање. Покрај одекот, тоа е показател на поделеноста на јавноста на најмалку два табора, за поддржувачите Никола Груевски бара заштита од политички прогон во земја-членка на НАТО и ЕУ, дури има и идеализирања на бегството на Груевски од типот на „Призон брејк“, а за тие што осудуваат бегството е кукавички акт на избегнување на правдата и признавање вина.

Последиците по ВМРО-ДПМНЕ, чиј почесен претседател е Никола Груевски, сѐ уште тешко може да се предвидат, и ќе зависат како ќе постапува партијата во вака поделената и поларизирана јавност. Но едно може да се предвиди – дека влијанието на Никола Груевски, и во партијата и во јавноста, ќе опаѓа.

Во регионот имаме различни искуства како врвни политичари реагираат во ситуации на судски постапки. Јанез Јанша, поранешен премиер на Словенија, осуден за корупција на две години во случајот „Патриа“, се јави за издржување на казната во 2014 г., придружуван од околу 3.000 симпатизери. Во 2015 година Уставниот суд ја укинува пресудата и ја враќа на првостепениот суд. Јанез Јанша ја продолжува својата политичка кариера, но иако победник на изборите во 2018 година, не успева да формира влада. Иво Санадер, поранешниот премиер на Хрватска, за разлика од Јанез Јанша, по одземањето на пратеничкиот имунитет, пребегна со семејството во Австрија во 2010 година, но по повеќе месеци Австрија го депортира во Хрватска, каде што се соочи со судења, кои не престануваат досега, а последната пресуда е во 2018 година за воено профитерство. Во Македонија се познати случаите на Владо Димов, поранешен министер за здравство, кој десет години живееше во Бугарија, за годинава да се врати, како и на Драган Даравелски, поранешен директор на Царина, кој исто така десетина години живее во Србија. И во двата случаи, избегнувањето на правдата е со прием во странско државјанство.

Последиците по Никола Груевски понатаму многу ќе зависат од постапувањето на властите во Унгарија. Во чаршијата одамна се зборуваше дека најмалку две земји, Унгарија и Турција, односно Орбан и Ердоган, му понудиле заштита на Груевски. Многу малку е веројатно дека барањето за политички азил не е однапред разговарано помеѓу Никола Груевски и Виктор Орбан. Секако, Унгарија како членка на НАТО и ЕУ ќе се соочи со притисок од Брисел, Берлин и Вашингтон, како што се соочи Австрија во случајот со Санадер. Може Унгарија да не додели политички азил за да ги избегне критиките, но исто така може да го одолжува процесот, со што ќе му обезбеди време на Груевски за следните чекори.

И додека постои поделеност во реакциите за бегството на Никола Груевски, реакциите во однос на Владата и во случај на „се договориле“ и „неспособни се“ се негативни.

Дека „се договориле“ се појавија медиумски шпекулации уште во летото дека во замена за гласање на уставните амандмани, власта ќе му допушти бегство на Груевски. Во прилог на тоа говори и тоа што Груевски како обвинет во повеќе случаи најверојатно е следен, а секако како поранешен премиер има повеќебројно полициско обезбедување. Евентуалното одобрување политички азил во Унгарија ќе говори во прилог на меѓународен договор во рамките на „амнестија за име“. Но и доколку не е точна хипотезата „се договориле“, останува хипотезата „неспособни се“. Точно е дека и Санадер пребегна, но во неговиот случај стануваше збор за почеток, а не крај на судските постапки. Во случајот на Груевски, како и претходните бегства во Грција на лица барани од СЈО, доколку не е договор, укажува на неспособност на МВР, но и целата власт.

Доколку е „се договориле“ во рамките на „амнестија за име“, но и доколку е „неспособни се“, станува јасно дека власта не сака или не е способна да обезбеди правда и да ја прекине неказнивоста, со што ја поткопува поддршката меѓу своите симпатизери и меѓу граѓаните. Таборот „Шутка не ти гине, Никола“ е целосно разочаран и од двете опции. Како ќе се справи власта со тоа, во пресрет на разговорите за амнестија за 27 април и донесување на уставните амандмани, останува да се види.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek