Бебешки грчеви – честа причина за непроспиени ноќи кај родителите!

Грчевите не се болест, туку симптом, и се појавуваат кај 30-40 проценти од децата. Може да се разликуваат од други состојби по тоа што бебето плаче долготрајно, интензивно и неутешно и притоа се појавуваат грчеви на лицето и на нозете и испуштање гасови. Вообичаено, плачењето настапува веднаш по хранењето, а најинтензивно е од шест часот попладне до полноќ

Бебешкиот плач е една од најчестите причини за непроспиени ноќи и последователни нервозни утра кај родителите. Плачењето е нормална појава кај малите бебиња, со која остваруваат комуникација со мајката и искажуваат глад, болка, незадоволство, но и го развиваат белодробниот систем. Сепак, една од најчестите причини за плач и вознемиреност во првите 3-6 месеци од животот на бебињата се цревните грчеви или т.н. инфантилни колики. Бебешките грчеви се дефинирани како плачење, кај здраво бебе, по три часа дневно, повеќе од три дена неделно, во период од три недели.
Грчевите не се болест, туку симптом, и се појавуваат кај 30-40 проценти од децата. Може да се разликуваат од други состојби по тоа што бебето плаче долготрајно, интензивно и неутешно и притоа се појавуваат грчеви на лицето и на нозете и испуштање гасови. Вообичаено, плачењето настапува веднаш по хранењето, а најинтензивно е од 18 часот до полноќ. Во ваква ситуација треба да му се помогне на детето да го отстрани воздухот од стомачето со стимулација на подригнување (нежно тапкање по пелените и грбот), масажа на стомакот и млаки облоги, како и со движење на нозете (велосипед), со што се поттикнува испуштањето гасови.

Причините за појава на инфантилните колики може да ги класифицираме во неколку групи: неправилно хранење, при кое бебето голта многу воздух, несоодветна исхрана на мајката (која дои), богата со сувомесни производи, газирани пијалаци, грав, зелка и друга тешка храна, потоа интолеранција на лактоза, меѓутоа пред сѐ неразвиеност на ензимскиот систем за варење на храната кај бебињата.
Соодветно на причините, може да се преземат повеќе превентивни мерки за да се ублажи проблемот со бебешките грчеви, најпрвин бебето да се храни пред да огладни и пред да почне да плаче, бидејќи ако е гладно, ќе јаде пребрзо, а со плачењето ќе проголта повеќе воздух. Мајката што дои треба да внесува големи количества вода, овошје и зеленчук, како и супи од зеленчук и месо, а да избегнува тешка и конзервирана храна, мешункасти плодови (грав, грашок, леќа), како и сувомесни производи. Во случај на интолеранција на лактоза, да се користи безлактозно млеко и/или капки што го содржат ензимот лактаза.

Со оглед на потврдената важност од постоење на здрава микрофлора за правилно варење на храната и добар метаболизам, употребата на пробиотици кај грчеви добива сѐ поголем замав. Голем број студии го потврдуваат корисниот ефект на пробиотиците во третманот на инфантилни колики. Затоа, капки со пробиотската култура лактобацилиус реутери редовно се препорачуваат за употреба во првите четири месеци од животот на детето. Со употреба на овој пробиотик се развива метаболизмот и се поттикнува цревниот имунитет. Благодарение на ова, се намалуваат симптомите на грчеви веќе во првата недела од употребата, а со континуирана употреба во период од четири недели се намалува времетраењето на плачење на помалку од три часа месечно. Доколку бебето прима истовремено антибиотици, пробиотските капки треба да се даваат најмалку три часа пред или по земањето на антибиотикот.

Авторот е м-р по фармација и топедукатор