Балкански котел

В среда ме очекува уште еден вебинар, повторно со неколку колеги од врвни западни универзитети. Сегашната тема е „Преосмислување на меѓународната безбедност во новите услови“. Таа ми се чини многу полесна за дискусија од онаа за нуклеарното оружје, иако е навидум покомплексна (од милитаризацијата на вселената до онаа на миграциите). Овде би требало да сум како риба во вода, затоа што тој „меѓународен поредок“ што треба да го преосмислуваме е всушност оној што беше зачнат токму на подрачјето на бивша Југославија, а потоа славен како нов. На овие простори си ги испробуваа постстуденовоените инструменти за творење на мир, превенцијата на конфликти, менаџирањето и „олеснувањето“, хуманитарните интервенции со бомби и осиромашен ураниум, окротираните мировни договори и устави, прецртувањето граници и менувањето идентитети, „градењето држави/нации“, транзициската правда, помирувањето и политика на сеќавање (или заборав) на воените случувања, амнестиите, меѓународните трибунали со селективна правда за воени злосторства, приватните воени компании (како на пример заборавената МПРИ), реформата на безбедносните сектори на новите држави заедно со нивно модернизирање заради влез во НАТО, испраќањето војници во нивните интервенционистички походи во Авганистан и Ирак, па сè до помошта за подобро менаџирање мигрантски кризи (со бодликава жица и за нивна сметка)… Тешко дека сето ова може да се објасни за петнаесетина минути, а особено последиците од сите колосални промашувања, грешки или намерни геостратегиски игранки.

А овде, во регионот, ова била „година на јубилеи“: триесет години од независноста на бившите југословенски републики платена со крв, од донесувањето устави препишани од Запад или наметнати од таму, дваесет години од македонската крвава приказна, која сега е зашеќерена и вградена во Уставот како големо историско постигнување, нешто повеќе од четврт век од Дејтонскиот мир… Наскоро ќе минат и првите три години од Преспанска Македонија (стигнаа првите генерации првачиња што знаат само за оваа Северната, а ако се оствари очекувањето на потпретседателот на најголемата опозициска партија, Преспанскиот договор ќе важи сто години, подолго и од Букурешкиот). Прашањето е има ли што да се слави, бидејќи и површниот поглед на балканските состојби зборува за ремилитаризација и пораст на нетрпеливоста, за величање на воените злосторници (или и само команданти, кои останале заштитени од раката на правдата), проследено со голема смртност од пандемијата, заканувачка долга зима без енергенти и систематско осиромашување.
Во прв миг, човек ќе помисли дека овој циклус од триесет години и затворањето на кругот, со доаѓање на почетната точка, е нешто што го паметиме само ние постарите. Можеби е така, но сега протагонисти се некои „нови дечки“, пораснати низ овој процес на божемна транзиција. Нас нè учеа дека живееме во преоден период од социјализам во комунизам, денес ги лажат дека е преоден период од почеток на преговори со ЕУ до влез во рајот на Земјата. Која е разликата во ова идеологизирање на стварноста? Конфликтите немаат точка на почеток и на крај, без оглед што ви кажуваат разни експерти и политички аналитичари. Тие имаат циклична природа, и најчесто не се знае кога точно започнала контрадикцијата што довела до насилство, а и крајот може да биде само примирје. Секоја страна во конфликтот има своја приказна не само за виновникот туку и за хронологијата на настаните. Се разбира, зборувам за насилните конфликти, бидејќи сите оние други општествени контрадикции и судири на интереси би требало да се нормална појава. Велат „тотален мир“, односно целосно отсуство на судири има само во тоталитарните системи.

Погледот врз регионот (т.е. моментот кога човек ќе излезе од својата национална орбита) носи речиси неверица: кога мислиш дека не може полошо, сфаќаш дека работите одамна ја преминале границата на лошото и се приближуваат до лудоста. Не, не станува веќе (само) збор за пустината на посткомунизмот и на неолибералните економски операции на живо, за презадолжените протекторатни квазидемократии, за корумпирани и/или киднапирани држави, за изгубени елити што се однесуваат како макроа распродавајќи ги националните добра на корпорации за грст долари и за систем на какистократија (владеење на најнеспособните, најнекомпетентните и најбескрупулозните) или клептократија (одберете што сакате, а можете и да ги споите – на исто излегува). Она што е на прв поглед резултат на нашиот колективен неуспех, т.е. тоа што дозволивме вакви вождови да дојдат на власт, е само (погрда) рефлексија на она што се случува со демократијата на глобален план. Но нашиот проблем е што ова парче земја што го нарекуваме регион како да доаѓа на почетната точка, како ништо да не е научено за триесет години, туку само препакувано и мутирано до непрепознатливост. Кругот на насилството е затворен: од физичкото (воено) до структурално насилство (вградување на социјалната неправда и масовно осиромашување преку експлоатација) и конечно процутот (повампирувањето) на културното насилство, т.е. глорификацијата на војните, сонување за некаква воена слава и оплакување на своите (неоплакани) жртви. Ова веќе не се маргинални изданоци на крајна десница (усташтво, четништво, балисти и слични) ниту само за навивачки групи… Она што се навидум мурали на Ратко Младиќ во Србија или на хрватски злосторници во Херцеговина или Хрватска се само модерен израз на акумулирана колективна фрустрација, која наоѓа израз низ патриотизам заснован на крвави успеси.

Хрватски медиум известува дека повторно се пребришани со бела боја усташките пароли и пораки на национална омраза („убиј го Србинот“), во Чапљина (Херцеговина) осамнуваат мурали на секоја втора зграда, ама сиромаштијата прави луѓето и да не ги забележуваат, дигаат раменици пред камерите на Ал џезира. Луѓето што се сметаат за поколенија наследници на учесниците од војните и конфликтите од 1991-2001 не знаат ништо за бивша Југославија, не знаат ништо ни за причините за нејзиниот распад – освен дека виновни се Другите. Не, ова не се дрти старци на 60, 70 или 80 години – ова се нивните деца и внуци, кои за целиот свој живот немале можност да видат личности за почит, на кои идоли им се итри типови што се збогатиле набрзина (во Горњи Милановац, на пример) или оние што се прикажани како маченици од Хаг. Ајде што нашите генерации се виновни (криви смо ми што смо их пустили, пееше Балашевиќ, додека не сфати дека дошло време на „дно дна“) за овој пустош што го нарекуваме демократија, туку сме виновни и што дозволивме младите генерации за наоѓаат идоли во луѓе со војнички униформи и кариери стекнати на бојно поле или во криминални зделки.
Ја гледам Наташа Кандиќ како очајнички, речиси сама, лепи некакви летоци во Белград на кои пишува дека Ратко Младиќ е воен злосторник осуден од Хашкиот трибунал. Само што не доби ќотек, слично како една нејзина соборка во Босна. Летоците се веќе извадени, муралот го чува полицијата. Бидејќи и самата бев дел на Иницијативата за РЕКОМ, се прашувам зошто идејата не успеа. Дали сме и самите виновни за таквиот пристап кон минатото, во кое политички коректно беше да се покажува со прст само кон злосторниците од „своите“ народи, а да се мижи пред преостанатите за да не се биде националист? Всушност, Македонија е и надвор од таа приказна, бидејќи соочувањето со минатото е табу-тема, молкот е услов за функционирање на владата (која и да е). Инаку!!!!! Се знае како ќе завршиш. Кандиќ и некои активисти се обидуваат да ја разбудат јавноста, но и самата таа заклучува дека Белград останал нем и пасивен.

Можеби на некои им е чудно што доби одликување за мир од еден Харадинај пред три години? (Впрочем, тој е и личен другар на нашиот Зоки, зар не? Фин некој човек.) Бев вџашена кога разбрав дека таа го поканила Заев на годинашниот Форум за транзициска правда, како почесен говорник (заедно со Иво Јосиповиќ), од агол на политичарот, да каже нешто за националното и регионалното помирување. Зарем е можно само една граница понатаму некој да верува дека Заев донел помирување во Македонија и регионот со Преспанскиот договор (дури и ако ѝ е „колега“ по номинација за Нобелова награда за мир)? Тоа е човекот што овде отворено нè по/дели на зли и добри, кој го вгради семето на раздорот во македонската заедница, кој е неразделен пријател на Ахмети, но и на Харадинај, човекот што ја фалсификува историјата на партизанското движење и вели дека Југославија е виновна што нè поделила од браќата Бугари, тоа е човекот што за окупација употребува збор администрација, а за холокаустот рече дека е еврејска традиција.

Да, нештата се толку компликувани, така што и самата се фаќам во замката на барање на апсолутно Добро и Зло во политичка и морална смисла. Тоа е најпогубната работа што може да ни се случи (а се случува), и тоа поради луѓе какистократи, кои се повеќе глупави одошто зли. А целата работа е само во еднаквата примена на законот и на принципите на правдата, без селективност, без мижење за едни и врескање за други. Звучи толку едноставно и се прашуваш зошто не функционира. И тогаш се сеќаваш на Асанж, на прогонот на оној што разоткри воени злосторства, и глорификацијата на оние што убиваа(т) за хуманитарни цели. Да, в среда ќе им кажам дека Балканот е повторно буре барут, а тие имаат и тоа каков удел во сето ова. Империјата во одрекување нема да го прифати тоа од некој „неблагодарен локалец“, бидејќи за да бидеш добредојден таму, треба постојано да се посипуваш со пепел и да ги мразиш сопствената национална некадарност и примитивизам.