Баење против светски уплав од македонски уроци

При вакви ненормални работи, сосема е нормално Владата да го прогласи лубрикантот за лек. Ние сме друга планета, северноцрпната планета. На оваа планета животот не е создаден, животот дојде. Граѓаните дишат ајро, пијат нафта, јадат живи луѓе…

Триесетти септември. Затрепери времето, се изврте просторот, се измести постоењето, па се поклони вечноста. Моќта што го тормози светот почувствува остра болка, некој ја пронајде Ахиловата петица на злото.
Пред две недели македонскиот народ го затвори прашањето околу промената на сопственото име. Мнозинството на референдум потврди дека името на оваа држава останува Република Македонија. Може кој сака да одрекува, ама направивме планетарен потрес. Сеедно што врз Македонија се истури изопачената моќ на „меѓународната“ заедница. Сеедно што бевме живи сведоци на организиран криминал и злосторничко здружување за убиство на македонскиот идентитет. Сеедно што бевме киднапирани од странски и од домашни политички рекетари. Сеедно што истурија милиони евра, ја впрегнаа сета медиумска машинерија, се расфрлаа со лажни ветувања, уцени и закани. Сеедно. Македонците рекоа НЕ.

А потоа го посведочивме безумното однесување на светската и на домашната изопачена моќ. Владејачката хунта си прогласи победа бришејќи две третини од македонскиот народ. Столтенберг од бес заигра брек денс. И Јоханес Хан фати беснило. Европската Унија заборави на каталонскиот референдум и којзнае по кој пат го покажа своето лицемерство. Ги порази еден мал, но достоинствен народ. А злото не прифаќа порази.

Затоа продолжи теророт врз нас. Не почитувајќи ја волјата на мнозинството тргнаа уште во една криминална операција. Следуваат уставните промени. Законот и правото веќе не важат во Република Македонија. Сиот овој криминал има амин од ЕУ и од НАТО. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се ставени во машина за мелење месо. Забеганата власт и нејзините збеснати „меѓународни“ пријатели мртви ладни зборуваат за поткуп на пратеници. Се вртат суми од 250.000 до 2,5 милиони евра. Како во 1913 година така и денес, светската моќ падна на испитот по човечност, правда и цивилизациски вредности токму во Македонија. Еднаш варвари, секогаш варвари.

Но, вистината мора да се посведочи. Сеедно што на хунтата ѝ е дозволено ама баш сè. Сеедно што можат да прават што сакаат против оние што го креваат гласот во одбрана на слободата, правдата и правото на самоидентификување. Сеедно што изопачените од лаги и двојни стандарди, ЕУ и НАТО, не само што ќе го премолчат, туку и ќе ги поздрават тоталитаризмот, теророт, тортурата и затворањето на оние што се борат против нивните нецивилизирани методи. А тоа им е намерата. Ќе се закануваат, ќе бркаат од работа, ќе затвораат. Ама не знаат дека мачеништвото за правда е благословено. Мачеништвото за правда ги прави душата и телото силни пред секакво зло. Затоа, само напред, тероризирајте, малтретирајте, затворајте, Македонија е свето име, ние сме тука да ги сведочиме вашите злосторства.

А вистината е едноставна како закон. Вистината вели дека, заради неуспешниот референдум, договорот со Грција е мртов и нема сила, освен насилство, што може да ја смени. Уставните измени се незаконски, против волјата на мнозинството народ, против Уставот. Што ако добиете двотретинско мнозинство во Собрание кога ние имаме двотретинско мнозинство во Македонија? И сто и дваесетмина да гласате уставни промени тоа е злосторничко здружување против мнозинскиот македонски народ, терористичко загрозување на уставниот поредок и суверенитетот, окупација на Македонија. Ете го вистинскиот збор, окупација. Затоа што по 30 септември и конечната одлука на македонскиот народ неговата држава да се вика Република Македонија со што го потврди референдумот од 1991 година, секое надворешно и внатрешно дејство против оваа одлука ќе биде окупација. За две третини македонски народ, окупација. Каква што била и фашистичката окупација. А во окупација картите се отворени и сè е дозволено.

Но, безумието си продолжува по својот сосема нормален македонски тек. Само што разбравме дека Грците имале уплав од АСНОМ, па затоа ќе требало да сме го исфрлале од Уставот. Фрчковски ни пренесе. Е па, ај ако не да направиме мешовита комисија за баење против грчки уплав од асномски уроци. Баталете уставни, дајте да тераме „уплавни“ промени. Изгледа навистина сме еден страшно невоспитан народ. Напишав и на Фејсбук, ама му се имаме накачено на календаров, паника да те фати. На 2 август славиме АСНОМ, а ете Грците уплав имале од него. Веднаш потоа е 8 септември, Денот на нашата независност и уплав за светската изопачена моќ. Во меѓувреме го освоивме и 30 септември. Референдумски го отфрливме антимакедонскиот велепредавнички и неуставен договор со Грција. Сега од тој 30 септември уплав имаат нашата октроирана власт и нејзините странски ментори. Веднаш потоа следува 11 октомври, почеток на македонската антифашистичка борба, ден од кој уплав имаат Бугарите. Кај и да е, чекам да се јават пингвините. Веројатно ќе ни соопштат дека ги фаќа уплав кога Македонците слават Нова година. И потоа ќе излезе Фрчковски да ни соопшти дека треба да направиме уставни промени со кои зимата ќе ја исфрлиме од списокот на годишни времиња. Заради пингвините.

При вакви ненормални работи, сосема е нормално Владата да го прогласи лубрикантот за лек. Ние сме друга планета, северноцрпната планета. На оваа планета животот не е создаден, животот дојде. Граѓаните дишат ајро, пијат нафта, јадат живи луѓе. Северноцрпнатата планета се врти околу Сонцето за време на три полугодија. Главна религија е камшикарен дуализам, северноцрпнатите граѓани веруваат во две божества, ЕУ и НАТО. Неприкосновен владетел е царот Џес Бејли. Негов вазал е Црпко Први, кој не дојде на власт, ниту беше избран, туку божествата ЕУ и НАТО го црпнаа од нива. Политичкиот систем се нарекува амбасадорска демократија. Царски пресуди се спроведуваат преку Кацарски законик. Извршната власт ја спроведуваат извршители. Со планетата владее мнозинството малцинства според правилата на северноцрпнатата логика. А таа логика вели дека една третина е повеќе од две третини. Како општествено уредување воведен е поткупизам. Народната парола гласи братство – тендерство.

Основна валута е едно евро за Вицето. Една третина мнозинство го сочинуваат северноцрпнатите граѓани, малцинствата и лажните профили, а другите две третини не постојат. Просечниот коефициент на интелигенција е 33. Традиционален спорт, полнење гласачки кутии. Рекордот е 6 секунди, односно на секои 6 секунди гласа по еден човек. Најголемо научно достигнување е квантен скок од три кубни квадратни метри остварен во базата Зајконур. И така, имам јас уште многу иронија, уплав да ве фати, ама дојдовте до крајот на колумната.