Архитекти на економски чуда

Немам намера да пишувам за генијалните научници (Џејмс Ват, Никола Тесла, Томас Едисон, Михајло Пупин, Александар Бел и други), кои ги пронајдоа големите научнотехнички откритија од огромно значење за целото човештво. Значајно би било да се нагласи дека научнотехничките откритија сега не се резултат на поединци, туку на тимови предводени од способни менаџери. Научнотехничките иновации се развиваат мошне брзо, што најдобро може да се види од брзината со која се развива информатичката технологија. Написов ќе им биде посветен на политичарите што се творци на национални проекти, кои овозможија импресивен економски и сестран развој на своите земји.

Људвиг Ерхард е архитект на германското економско чудо. Во текот на Втората светска војна Германија беше поразена, целосно разрушена и поделена.
Љ. Ерхард, кој од 1949 до 1963 година беше министер за економија, а од 1963 до 1966 година и канцелар на Западна Германија, алијас Сојузна Република Германија, го промовира концептот за социјална пазарна економија, кој придонесе не само за обнова, туку и за економски бум на оваа земја. Со моделот што го промовира Љ. Ерхард Западна Германија се нареди меѓу најразвиените земји во светот, која во поглед на извозот го зазеде челното место во светот! Голем придонес за обновата и просперитетот на З. Германија дадоа и САД, кои, со познатиот Маршалов план, помогнаа З. Германија и другите западноевропски земји да прераснат во бастион против комунистичката опасност од Исток! Значајно би било да се нагласи дека З. Германија, но, и Германија по обединувањето на двете германски држави што се случи во 1989 година, благодарејќи на моделот што го воспостави Љ. Ерхард, се развива како економски просперитетна држава со правично општество. Во списоците на најбогатите луѓе во светот што ги објавува „Форбс“ има мал број Германци!

Денг Сјаопинг е архитект на кинеското економско чудо без преседан во светската историја! Со реформите што ги промовира и спроведе, Денг Сјаопинг придонесе Кина од една од најнеразвиените земји во светот да прерасне во земја, која во поглед на економскиот развој се натпреварува со САД, а во поглед на извозот со Германија! Во времето на Мао Ѕетунг, Кина стриктно се придржуваше до познатиот економски модел на Ленин за индустријализација („железарница во секое село“!), беше една од најнеразвиените земји во светот. Основна преокупација на кинеското раководство на чело со Мао Ѕетунг беше како да се обезбеди преживување на кинеското население, а решението се најде во политиката „грст ориз за секој Кинез“! Денг Сјаопинг, кој беше во немилост и едвај ја преживеа кинеската културна револуција, предводена од сопругата на Мао Ѕетунг, се определи за длабоки економски реформи, кои придонесоа за активирање на рацете на една милијарда луѓе и на тој начин Кина прерасна во огромна светска мануфактура! Ваквата економска стратегија придонесе за мошне динамичен развој на кинеската економија, која растеше со стапка од 10 до 15 отсто. Значајно би било да се нагласи дека во кинеската економија постојано се вршеа динамични структурни реформи во согласност со барањата на светскиот пазар. Во почетокот кога платите беа мошне мали, Кина го форсираше развојот на трудоинтензивните индустриски гранки и со офанзивниот извоз на производи од овие гранки остваруваше огромен суфицит во трговската размена со светот! Мошне значајно место во реформите има развојот на науката за која се издвојуваат 4 отсто од кинескиот БДП! Благодарејќи на ваквата политика, Кина прерасна во една од водечките светски економски сили, која произведува авиони, носачи на авиони, подморници, а во последно време остварува импресивни резултати во информатичката и космичката технологија! Кинезите мошне вешто ја искористија глобализацијата за остварување економски и сестран развој на нивната земја. Нималку не е чудно што актуелниот кинески лидер Си Џипинг се залага глобализацијата да се брани со „робусни средства“!

Лешек Балцерович е архитект на економската преродба на Полска. Во повеќе наврати пишував за транзицијата на поранешните социјалистички земји. Се покажа дека успешни транзиции имаа(т) само оние посткомунистички земји, кои имаа(т) државници со визија. Во време на социјализмот Полска се соочуваше со сериозни економски и социјални проблеми, кои беа повод за мошне чести протести на работниците, кои беа посебно интензивни при крајот на осмата и почетокот на деветтата деценија од минатиот век. Протестите ги организираше и ги предводеше синдикалното движење „Солидарност“ на чело со Лех Валенса. По воведувањето воена состојба во декември 1991 година, полските власти се обидоа, со затворање или со интернирање на водечките активисти на „Солидарност“, да им стават крај на активностите на ова синдикално движење, но, тоа траеше само неколку години. По доаѓањето на Михаил Горбачов на чело на Советскиот Сојуз се создадоа шанси за економски и политички реформи во социјалистичките земји. Пионерската улога во реформите ја одигра Полска. Архитект на реформите беше потпретседателот на полската влада и министер за финансии Лешек Балцерович со неговиот „План Балцерович“!

Вацлав Хавел е архитект на политичката, а Вацлав Клаус на економската преродба на Република Чешка. Чешка, исто така, имаше мошне успешна транзиција. Иницијатор на политичките реформи во Чешка беше нејзиниот прв претседател, Вацлав Хавел, а архитект на економските реформи беше првиот чешки премиер, подоцна и претседател Вацлав Клаус, кој го смисли и го примени ваучерскиот модел на приватизација на државниот капитал. Значајно би било да се нагласи дека транзицијата на Чешка се спроведуваше во тесна соработка со Германија.

Од сите републики на поранешна Југославија само Словенија има успешна транзиција. Успешната транзиција во оваа земја е резултат на државен проект подготвен од поголем број научници и државници со визија. Главен архитект на овој проект беше Едвард Кардељ. Олеснителна околност за оваа поранешна југословенска република, а сега самостојна држава, беше тоа што таа се граничи со две развиени земји-членки на Европската Унија, Австрија и Италија, така што, благодарејќи на искуството на овие земји, својот развоен модел го креираше во согласност со принципите на пазарната економија. По гафот што го направи со мегапроектот за гасификација на јагленот во Велење, Словенија го напушти моделот што го лансира Ленин за индустријализација, со тежиште на екстрактивната и тешката индустрија, а се определи за мали фабрики во секое населено место, кои произведуваат за 22 милиони жители на Југославија и за извоз на странските пазари. Во времето на транзицијата, Словенците не само што не дозволија приватизација, која би водела кон затворање на фабриките, туку не дозволија да се приватизираат профитабилните големи системи, како што се енергетскиот, телекомуникацискиот и банкарскиот систем! Нималку не е случајно тоа што ООН ја прогласи Словенија за најодржлива земја во светот!

Единствен успешен македонски проект беше создавањето на Република Македонија како составен дел на југословенската федерација. Меѓутоа, за разлика од Словенија, Македонија, за жал, немаше државник со визија за нејзиниот економски и сестран развој. Во времето на социјализмот македонската политика и наука го фетишизираа економскиот модел на Ленин за индустријализација, со тежиште на екстрактивната и тешката индустрија. Беа изградени голем број мошне скапи мегапроекти за кои не постоеја ни суровински, ни енергетски ресурси! Во време на транзицијата, пак, македонските политичари некритички го прифатија неолибералниот модел за приватизација по принципот „шок-терапија“ со кој се создаде „економски геноцид“ (опозицијата во Црна Гора) во државата. Подетално за тоа во друга пригода.

(авторот е поранешен дипломат)