Арам

Арам. Арам да ви е денот во кој со темно семе сте зачнати, кога и светлината се засрами, оти беше сведок на тој несреќен миг, на дивото месо што ќе ги подјадува како паразит телото и душата на племето во ќе се родите одродени од него, изроди уште од пред создавањето на светот, создадени за зло. Од вас се ослободи Господ, но овој народ не. Арам да ви е валканиот живот оти никогаш не научивте што значи како Господов подарок тој и оти со него се служите како со смрт, а со денот како со најцрна ноќ.

Арам до арам, од арам сте создадени, арамолепци, со арам дишете од воздухот арам и со арам се храните, арамија до арамија, небо од црни сонца само што ја заклучило по ваша заповед со сатански катанец зората да не го огрее сонце родот што ве родил и изворот од кој пие животодавна вода тој. Ламјата, алата црна на злото сега, макар и што ја уби со копјето на светлината Убавиот Светец на коњ, се распадна и раситни во илјадници оси, муви, вошки, тавтабити и разни други гадинки од кои нема спас ни по тој свет чин, оти, крвопии, во нив ве видовме преобразени вас што се храните со потта, солзите и крвта на родот незаситни сал. Оти по оваа раситнето до бескрај зло што ќе ја состави од роевите размножени гадинки повторно големата ламја што беше помала несреќа, кој? Може повторно тоа да го може Убавиот Светец, тој прави чуда, ама го убивте него вие, безбожници во кои нема ништо свето.

Арам да ви е мајчиното млеко што сте го цицале со првиот плач, оти со него не ја впивте кротката нарав на Јагнето на Небесниот Ерусалим, туку волчјата нарав на Сатаната, господар на пеколот. Арам, оти се покажавте недостојни за дојките свети, животодавни извори на мајките што ве родија и доеја, вие што сте лага од која бега вистината, неум од кој се крие умот и зло од кое трепери доброто. Арам. Арам да ви е и Лебот на синијата што не сте го заслужиле, замесен со солзите на народот што ве родил и испечен во фурната на неговата болка. Оти и зрното житно што никне од земјата од Господ и од Павле благословена, и жетвата собрана со српот на родот намачен, гумното што го одвева житото во кое вие сте какол и плева, и воденичките камења тешки меѓу кои, жртвено како Исус, легнува тоа за да ја засити нашата света глад и да нè потсети на спасението што ни е ветено, сè се тресе во јанѕа дека Лебот замесен од тоа хиерогамиско брашно во скрбните ноќви од душата на родот ќе дојде до вашите погани и волчешки усти.

Арам, оти вие не ја познавте никогаш таа света супстанција, никогаш не спознавте дека Лебот е телото Исусово, полнејќи ги нагонски и лакомо без наситка само вашите црева. Никогаш не ја спознавте во ручекот на маса Тајната Вечера, налактени со мислите без мисла и со чувствата без чувства само на задникот, кој го прогласивте за ваш храм, олтар и молитва. Арам. Арам да ви е и веселбата со свирки и тапани што татнат од подземјето на вашата темна душа, арам оти вашата веселба и радост се хранат од тагата на родот, арам и на вашето здравје оти го цицате од неговата рана и болка него.

Арам до арам. Арам да ви е и виното што го пиете, оти лозјето во лозјарниците сончеви на родот што го презревте одбива да зрее за вас, оти знае дека локате безбожнички, а никогаш не пиете свето со свети усни и со света душа. Оти никогаш не спознавте дека е виното крвта на Спасителот, ритамот на постоењето и електроните на материјата и душата, атомите на самиот Бог и Божественото што се обзнанија, такви, први кај нас по Вознесението и оттука пратеникот Божји Павле нив им ги обзнани и на Европа, која до денес, за жал, не ја прочита таа света шифра на Љубовта што ѝ стигна од Македонија, ништена од неа сега. Шифрата на Виното свето и на Љубовта со која се причестија и обожествија варварите дојдени на нашите исконски огништа од темните мочуришта зад Карпатите. Такво е, трансцедентално пијанството од тоа свето Вино во кое вие никогаш не ја спознавте крвта на Исус, туку само крвта погана на Сатаната што, како и вие, ја пие крвта на родот што ве родил.

Арам. Арам да ви е постоењето под ѕвездите, кои се небесна објава на лицето на човекот што е исполнето со света свест, со искон и со праведност, а вие немате ништо од тоа, со погана душа сте и полна со лага, со темна страст и зло кон родот. Оти и гробовите на предците и прапредците ги испоганивте и повторно, криејќи ги од нив, на мачилиште ги изведовте, им го симнавте сосе главата од чело нимбусот златен и на вашето обесветено чело, валкајќи го, го ставивте него за свети и родољубиви по злосторството што го направивте да се претставите. И уште кренавте до небото мачилиште за тие како Прометеј што го носеа во светската темница, украденото од темните богови на Европа, Сонце под мишка за да го донесат во срцето и душата на родот, без да знаат дека ќе се родите вие изроди и ќе ја обесветите неговата светлина и нивниот подвиг. Оти, вистина, од заседа во примка ги намамивте и подло фативте хероите на родот, вие пигмеи безначајни врзувајќи ги за столбот на вашите анимални нагони и во солна киселина произведена во фабриката на вашата подла душа ги растворивте за потоа на нивно место да застанете со нивниот нимбус и венец на славата врз челото ваше да ги валкате.

Арам. Арам од блиското до најдалечното, од малото и од големото Сè, напред и назад во времето и просторот. Арам, оти не само гробовите на предците и прапредците, туку и поколенијата на родот што доаѓаат утре и од најдалечната иднина, што се зачнуваат сега и во идните столетија во бакнежот на љубовниците, тие што го чуваат огнот на постоењето на племето во храброто срце, секогаш и за мартирска саможртва подготвени ако треба само да не згасне тој, ќе ве проколнуваат. Тие секогаш ќе го раѓаат Името, со бакнежот на љубовта и со утробата света, ќе го отимаат од вас, подли, што го обезименувате и од оние варварски силници што ни го крадат за својата сатанска гозба. Тие љубовници на родот, свети девојки, невести и моќни со бескрајна убавина и нежност жени се способни да го зачнат и соберат во својата утроба што ќе го роди повторно од бездната него. Тоа Име, макар колку и да е големо тоа, со земна и небеска необјатност. Да. И пак алка со алка ќе се врзува распарчениот од сатанистите род. И пак ќе цветаат венчално ружите и свадбено во градината на столченото племе, како што го именува него знаменитиот поет, и пак ќе се напојуваат од неговата света крв на Исусовата рана што му е доделена за свето мартирство и слава нему.

О, свети љубовници на родот, со Исусовиот бакнеж на љубовта, со Исусови усни што го зачнувате Светото Име вие, за разлика од овие мрачни што шетаат меѓу нас обезименувајќи нè и ништејќи нè со усните на Јуда Искариотски, тој што, за разлика од нив, сепак имаше совест, која по чинот грозен се разбуди и го обеси предавникот во нивата на грнчарот. Но овие, нашите Јуди, немаат ни свест ни совест да се соочат со злосторството што го прават, иако, имено, се црпнати од таа кобна нива во која ’рти само јудинско семе. Еве, тие сега по толку многу голготи уште на една, најстрашната, го искачуваат, целиот во рани, својот род. Ама рани од кои и покрај страшната болка од нив сега, како од моќен планински извор вода, блика од тука до работ на соѕвездијата Љубов, далеку од омразата на мразачите и изродите од родот.

Рана збирна е тоа Име како онаа на Исус за која пророкот Исаија рече дека Спасителот ја добил за ние да бидеме излекувани со неа. Рана од која којзнае сепак дали ќе се излекува тој сатански сој што се намножил толку многу во нашето племе, толку многу одроден од родот и исполнет со темни нагони на злото сал. Којзнае дали, така сатански стокмени од Темниот, може да ги излекува нив таа света рана од која тече мирото на Љубовта, нив, нашите одродници и оние близу Атлантикот, кој е сè уште полн со крвта од двете нивни Големи Војни што не ги опаметија, оти како Фауст му ја продадоа душата на Сатаната. За што? За знаење што го користат за зло, за сетилна наслада и за материјален профит за што го пустошат светот и ја доубиваат убиената сиромаштија во него.

Арам нека ви е сè одродници од родот, оти Родот и Бог се најсветите нешта, и оти Името на племето како глава на неговото тело ја отсековте, како што Ирод ја пресече главата на Јован Крстител за чинијата на Саломе чија наследничка за нашата судбина е Европа сега. Нејзе, Ироди, ѝ ја подарувате сега пресечената идентитетска глава на сопствениот род за танцот нејзин крвав на темната канибалска историска гозба од која никогаш не се откажала досега таа. Вас ве избраа, изроди и Ироди, да нè обезимените. Ама затоа нека ви е арам вашето име што го носите, доколку и знаете што е тоа име во кое дури и животните и предметите цврсто стојат за разлика од вас. Оти се осудивте родот да го обезимените нека е сè безимено во вас и околу вас, нека и вашите гробови се безимени, нека и каменот што го памети со столетија и милениуми Името на Родот, а вие го бришете, одбие да го носи вашето име како надгробен паметник, нека го одбие и нека го предаде на заборавот. А потоа и заборавот нека го заборави него. Тоа, затоа што вие не заслужувате да престојувате ни во Безименото, квасецот од претсоздавањето, полн со имиња, од кој Господ ја замеси големата Сончева Погача на човештвото и омниуниверзумот. Оти тоа е првото свето Пра од кое потече реката на именувањето и создавањето, голема и пловна, која меѓу првите на брегот на архипостоењето го изнесе Името Македонија, супстанцијата. Логосот на нашата душа. Го знаете ли тоа изроди и Ироди, трговци во храмот, вие на кои ништо не ви е свето? Затоа арам нека ви е постоењето, оти никогаш не сфативте зошто ве создал Бог и со колку љубов е ухнат во вас, како тогаш во Адам од глина, здивот на Светиот Дух.

Да. Арам да ви е, одродници, и богатството што го натрупавте од крвта и солзите на сиромаштијата, најдрагоцениот дијамант на родот. Арам да им е, такво, тоа и на вашите синови и ќерки, внуци и правнуци оти е проклето тоа и оти во него има многу тага и несреќа од тие што се негова жртва. Нека молци го изедат него оти е неправедно стекнато, нека ја изедат тие и облеката ваша празнична на туѓ разбој и од туѓи маченички раце ткаена. Оти никогаш не се облековте како полското цвеќе во своја и невина облека, ткаена подземи ама на разбојот на сонцето, туку секогаш се облекувате во облеката шиена од темниот и од најцрното платно на ноќта без ѕвезди што е темница сал. Нека молци го изедат вашето арам-богатство, оти тие и ѕвездите ги нагризуваат и абат подготвувајќи ја Големата Ентропија, па затоа и Бог, како што објави неговиот Син што не го препознавте, одродници, ќе создаде Ново Небо и Земја. Ама не и за вас.

Да. Арам, арам нека е до сè што ќе се допрете и сè што ќе ве допре, оти сте одродници, оние што и Данте, посветен во светите нешта ги презре од дното на душата и им го додели најтемното и најстрашно место во пеколот на чија врата пишува „Оставете секаква надеж“. И вам ви е таму местото оти го заслужувате, такви какви што сте. Нека таму, чистејќи ве, така погани, од меморијата на родот и заборавот за вечни времиња ве заборави. Амин!