Анатомија на заблудата: и по Тито, Заев

Грозоморното лице на комунизмот е живо и здраво во Македонија. Никогаш не сум имал дилема дека не успеавме да го погребаме комунизмот со независноста на државата и нејзиниот нов демократски лик. Да, партиските апаратчици од времето на „социјализмот со човечки лик“ сѐ уште постојат и продолжуваат да ја одредуваат судбината на земјата. Секако и својата, по цена на нејзиното пропаѓање и уништување.
Ако има некој дилема во овие зборови нека се запраша зашто во Македонија не успеаја процесите на декомунизација, зашто се сатанизира лустрацијата и се молчи за црните петна на историјата и жртвите на комунистичкото владеење. Очигледно комунизмот во Македонија продолжува да ги обликува политички ставовите и однесувањето на самонаречените „државотворни“ комунистички зомби, чии авторитарни преференции ги гледаме секој ден. Особено денес кога е актуелна оставката на нивниот возљубен лидер, на нивниот малиген нарцисоиден лидер, кој воопшто не се грижи за штетата што ѝ ја предизвика на државата, за лагите што ги кажува, за судбините на луѓето што ги уништи. Додека лидерството може да биде катализатор за одговорна и иновативна акција на власта, т.н. „државотворна“ партија се враќа на корените: на еден севернокорејски модел на лидерство засновано на „култ на личноста“ изградено околу нејзиниот не баш харизматичен лидер. Во услови на дифузна структура на моќ, потпирањето на една личност создава привремена илузија за напредок.

Очигледно оставката на Заев го разбуди феноменот на култот на лидерот, чии карактеристики потврдуваат дека оваа партија е длабоко загазена во псевдототалитарен систем на заробени умови. Со нив ја живееме реинкарнацијата на комунизмот во Македонија. Очигледно капацитетот за тоталитарно потчинување демне во Македонија и е вкоренет во ДНК-та на наследниците на комунизмот и нејзината идеологија. Приспособена и унапредена од „државотворните на новото време – култ на личност со европско знаменце“.
Генерирањето и промовирањето на култот на лидер се смета за директна реплика и пренесување на персонализираниот модел на лидерство од комунизмот. Сакате на Сталин, сакате на Тито и на уште многумина како нив. Како веќе видени слики од минатото ми се враќаат во сеќавање паролите од социјализмот: „И по Тито – Тито“, „другар Тито ние ти се колнеме дека од твојот пат нема да скршнеме“. Ваквата групно ориентирана заблуда на партијата на „државотворните“ во градењето на култот на лидерот е опасна за државата, затоа што се користат нивните непопустливи верувања за да ги убедат другите да ја купат заблудата. Границата помеѓу заблудата и она во што другите веруваме изгледа е многу понејасна отколку што мислиме. Нивните лаги за лидерот создадоа измислен свет што станува сѐ побизарен, далеку од нормалноста на реалното живеење.

За следбениците на Заев работите што се бесмислени изгледаат нормално. Во нивниот тоталитарен свет се спушти железната завеса на здравиот разум за да се спречи влез на нечија поинаква вознемирувачка реалност што може да ја разбранува ужасната тишина на имагинарниот свет што го изградија околу лидерот. Кога ги читам хвалоспевите за лидерот не можам да се свестам колку далеку е отиден процесот на перење на мозоците на неговите следбеници, надминувајќи ги нивните сопствени потреби за преживување и опстанок. Велат дека кога сме уплашени, едноставно не бегаме од стравот, туку трчаме во безбедно засолниште кај некого што обично е личност кон која се чувствуваме приврзани. Во случајот на „државотворните“ таа личност е нивниот лидер Заев. Големиот водач, кој е помудар од сите што го опкружуваат. Сега како гротеска ја гледаме деструктивната моќ на стравот и очајот од губење на позициите во власта, гледаме една трауматична состојба што го генерира полтронството на следбениците на лидерот до космички размери.
Лојалноста кон групата и целосната послушност и потчинетост на лидерот стануваат поважни од утврдените вредности што партијата пропагира дека ги следи. Како резултат на тоа, спојувањето на личниот идентитет со култот на личноста резултира во врски со лидерот, кои се дури посилни и од оние со нивното семејство. И додека ние другите однадвор може да видиме како лидерот манипулира и ги искористува своите следбеници прашувајќи се зошто членовите на групата продолжуваат да стануваат плен на ваквата заблуда, следбениците стануваат сè повеќе посветени на култот на личноста. Култот на лидерството можеби изгледа смешно низ статусите за поддршка на Заев, но ако се следи историјата истовремено е застрашувачко и опасно за државата.

Процесот со кој луѓето на крајот се ослободуваат од нивните култни заблуди ретко се чини дека се забрзува со интервенции на добронамерни аутсајдери. Оние што се вградуваат себеси во групната идеја за култот на лидерот многу брзо учат да го отфрлат скептицизмот на другите како глупаво однесување на неупатените. Ако ја прифатиме премисата дека нашите верувања се вкоренети во емоционални приврзаности наместо во ладни процени на доказите, нема многу причина да веруваме дека рационалната дебата ќе ја скрши магијата во партијата на „државотворните“.
Секако „магијата“ Заев нема да ја уништи македонската демократија, но покажа како величествено може да изгради култ на личност баш каков што генерациите авторитарни лидери го користеа за да ги задржат својата популарност и моќ. Заев можеби ќе си замине од политиката и власта, а можеби и не, но ќе продолжи да го монополизира националното внимание. Секој ден носи свежи циклуси на медиумско покривање и нови мемиња и хаштагови што кружат за и против него. И тоа ќе трае сѐ додека има испрани мозоци што ќе го следат. А дотогаш: и по Тито, Заев.