Америка води чудна политика!

Можеме да се согласиме дека Вашингтон преку извештајот на Стејт департментот индиректно се вклучува во спорот што беше наметнат од Бугарија, но тука има еден сегмент што многумина не го согледаа. Доколку анализираме внимателно, американската надворешна политика има утврдено идеолошка матрица: промовирање на демократијата и човековите права низ светот, притисок врз автократските водачи, настојувања за засилување на државните институции, владеење на правото и борбата против корупцијата, како основа за функционална демократија

По објавувањето на годишниот извештај на американскиот Стејт департмент, еден близок пријател ми вели: „Америка води чудна политика!“ Неговата збунетост најверојатно произлегуваше од констатацијата дека „властите во Бугарија сѐ уште не дозволуваат регистрација на групни активности на Македонците, како што се организацијата Илинден, Здружението на прогонувани Македонци, жртвите на комунистичкиот терор и Македонскиот клуб за толеранција во Бугарија, и покрај одлуката на судот во мај минатата година и над десет прелиминарни судски одлуки на Европскиот суд за човекови права, според кои се повредени правата на групите.“
Но во искажувањето на Стејт департментот нема ништо чудно. И малите деца знаат дека бугарската држава со децении не им дозволува на Македонците да ги регистрираат своите организации, особено партијата ОМО Илинден – Пирин, која се залага за признавање на малцинските права на Македонците во Бугарија. Меѓутоа однесувањето на Стејт департментот е навистина „необично“ ако се земат предвид недипломатските реакции што ги слушнавме од Софија: „Да ги прашам тие никаквеци во американскиот Стејт департмент каде видоа тие македонско малцинство?“
Сосема е природно да се запрашаме зошто извештајот предизвика бурни одгласи во Бугарија. Одговорот е едноставен. Администрацијата на американски претседател Џо Бајден го призна постоењето на Македонците во Бугарија и констатира кршење на нивните права, а многумина во Софија не сакаа да го слушнат ова.

За ова прашање можевме да прочитаме повеќе анализи, во смисла дека Вашингтон индиректно се вклучува во недоразбирањата помеѓу Македонија и Бугарија, недоразбирања што се резултат на постапките на Софија. Во оваа пригода мора да потсетиме дека бугарската политичко-општествена елита досега се однесуваше како во поговорката „бог да не чува од неразбрани!“ Меѓутоа, да ја оставиме настрана бугарската елита, бидејќи бугарските постапки ја одразуваат состојбата во бугарското општество, и да ја анализираме американската надворешна политика.
Пет дена пред да ја преземе Џо Бајден должноста претседател на Соединетите Американски Држави, во весникот „Нова Македонија“ излеговме со наши видувања за политиката на новата американска администрација. Во таа пригода напишавме дека во однос на Балканот, можеме да очекуваме засилена активност на Стејт департментот во решавањето на проблемите помеѓу Белград и Приштина, како и во решавањето на „историскиот“ проблем помеѓу Скопје и Софија.
Можеме да се согласиме дека Вашингтон преку извештајот на Стејт департментот индиректно се вклучува во спорот што беше наметнат од Бугарија, но тука има еден сегмент што многумина не го согледаа. Доколку анализираме внимателно, американската надворешна политика има јасна идеолошка матрица – промовирање на демократијата и човековите права низ светот, притисок врз автократските водачи, настојувања за засилување на државните институции, владеење на правото и борбата против корупцијата, како основа за функционална демократија.
Далеку од тоа дека ја идеализираме американската надворешна политика, впрочем таа е обусловена од егзистенцијалната закана, која доаѓа од американскиот десничарски радикализам. Соединетите Американски Држави на внатрешен план настојуваат да ја вратат довербата во институциите и демократијата, а тоа се одразува и во надворешната политика, бидејќи за еден светски хегемон што настојува да биде пример за другите, не може да си дозволи расчекор помеѓу зборовите и делата.

Со други зборови, бидејќи Вашингтон се соочи со американската екстремна десница, радикализмот и етнонационализмот не се во мода и секој што ќе ги промовира ќе се најде на т.н. „црн список“ на американската администрација, вклучувајќи и во глобални рамки.
Какви треба да бидат нашите очекувања од оваа американска политика и какви треба да бидат нашите постапки во однос на активностите на Вашингтон? Мора да имаме предвид дека балканската политика на Вашингтон ќе биде во координација со европските сојузници, пред сѐ со Германија и со Франција. Затоа дејноста на Соединетите Американски Држави ќе зависи од расположбата во Европската Унија, каде што бугарската држава има пријатели. Следствено, нашите дела треба да бидат насочени кон засилување на институциите, владеењето на правото и борбата против корупцијата како аргумент пред Европската Унија и силна осуда на секоја манифестација на етнонационализам и радикализам, без разлика од каде пристигнува, бидејќи се погубни за секоја функционална демократија.
Но тоа не значи дека не треба да имаме став за суштествените прашања што се однесуваат за македонскиот народ и неговите особености – јазик, историја, култура итн. Не случајно Христо Татарчев вели: „Народ што го истрпи петвековното ропство; којшто се ослободи од фенерскиот духовен гнет; којшто ја разруши турската империја со своите епски подвизи и борби, не може да се откаже од својата историја и култура, како и од своето право на суштествување како нација. Македонскиот народ, кој четири децении се бори со извонредна посветеност, не може по никаква цена да ја направи таа жртва.“

Што се однесува до Македонците во бугарската држава, Софија ќе се соочи со политички притисок од Брисел и Вашингтон и очигледно е дека регистрирањето на македонските здруженија и организации е само прашање на време. Дејноста на Македонците во Бугарија и понатаму треба да се состои од борбата за признавање на македонските национални и културни права, без притоа да се манифестираат сепаратистички тенденции, во смисла дека се залагаат за територијално одделување од бугарската држава, бидејќи секоја активност во овој правец ќе биде погубна за македонската кауза.
Да се навратиме на насловот на нашата колумна. Америка не води чудна политика, бидејќи нејзината активност е идеолошки условена – демократија, човекови права, борба против радикализмот и етнонационализмот. Во овој момент мора јасно да манифестираме дека патриотизмот не е радикализам, ниту е етнонационализам, тоа е љубов кон особеностите на еден народ. Затоа нашата дејност треба да биде врз принципот „ние туѓо не бараме, ама нашето не го даваме.“