Амди Бајрам – лик на политичар на деценијата

Не знам кого го изненади изјавата на Амди Бајрам дека ќе се кандидира за претседател на државата. Некој може да се потсмева, но тој сигурно не ја знае политичката историја на претседателот на Сојузот на Ромите на Македонија. Бајрам, административно вреднувано, има најбогата политичка кариера од сите оние имиња што се споменуваат по весниците и телевизиите. Тој е една од најстабилните константи на македонската политичка сцена од осамостојувањето наваму. Од изборите во 1994-та до денес, тој е пратеник во Собранието и без негово забележително учество не поминала ниту една смена на власта, позитивна или негативна, сеедно.

Пауза имаше само во времето кога одлежа три и полгодишна затворска казна поради кражба на платно од штипската фабрика „Македонка“, во вредност од 750 илјади евра. Беше осуден на седум, по половина од рокот, го помилува Бранко Црвенковски како претседател на државата. Ретки се или воопшто нема политичари и пратеници (пратенички) со толкав собраниски стаж и со таква долготрајност во фокусот на јавноста. Во нормални услови би се нарекол жив собраниски доајен, позначаен од многу други што биле и на високи функции во Собранието. Меѓу сегашните политички „пилци“ (негов израз), тој е вистински орел, кондор мршојадец.

Го споделувам мислењето дека Амди Бајрам не е само име, тој е своевиден феномен, самиот е со поголем габарит одошто цела една партија, од едно граѓанско движење, од невладини организации, освен Соросовите. Тој 25 години е лика и прилика, слика на (не)приликите во Република Македонија. Амдиевата личност, неговото политичко однесување и дејствување, неговите шеговити изјави може да послужат како клуч за разбирање на општата политичка и кадровска ситуација во Македонија. Гледано и од аспект на власта и од аспект на опозицијата, не е само симбол на едно бурно време, туку целосно реален одраз и жив приказ на општествената состојба во овој период од демократскиот развој на државата. Насликувајќи го овој политичар од ромска националност, може да се направи најцелосен портрет на мнозинството македонски политичари, Македонци и Албанци, во минатите години, се разбира со мали нијанси, со мали разлики и индивидуални специфичности.

Тој е олицетворение на нивната лабилна партиска и државотворна припадност, на нивната нелојалност, превртливост, лакомост, алчност, желба и страст за власт. Овие дваесет и осум години, низ примерот на Бајрам покажаа дека за македонските политичари ништо не е свето, нечесно и неморално, ако е во функција на остварување на личните интереси и цели, за земање пари или стекнување други материјални добра. Местото, функцијата и славата се само попатни придобивки и основа да се стекне богатство за кое на обичниот човек со плата му требаат сто и повеќе години работа.

Некогаш несвесно, некогаш со смислена намера и порака, преку јазични „штосови“, преку надуени бројки или искривоколчени поговорки, пред очите на јавноста го соголува ликот на македонски политичар како актер што го менува своето мислење и однесување според околностите и потребите, а не според законите и принципите. Тип на сплеткар и камелеон од најнизок вид, вртикапа, вртивера, лицемер, ласкач и лајач истовремено, подлизурко и полтрон, но секогаш до врвот на скалите на владејачката хиерархија. На раб на дворски шут, умилкувач, бескарактерен, подмитлив, корумпиран, лицемерен додворувач на авторитети, пријател и сојузник сѐ до моментот додека не го види другиот интерес. Де во една партија, де во друга коалиција, еден мандат со црвените, друг со црните, неколку години клиент на една каса додека се испразни, неколку на другата, пополната и побогатата.

Купи глас – помини. Фалсификувај изборни записници – победи. Сакаш за парламентарни, сакаш за локални избори – нема разлика. Експресна адаптација и аклиматизација кон победничката страна. Подготвен за секакво дело, за извршување каква било наредба. Едно речи, друго одречи, денес црно, утре бело, или обратно. Лупни глупост – прослави се. Од тендер до тендер, од привилегија до привилегија, ни срам ни перде. Сите овие карактеристики на македонските политичари може да се подведат под еден заеднички именител, под еден израз што би се крстил со зборот „амдизам“ или „амдибајрамизам“. Звучи „шашаво“, ама функционира. Раширен, насекаде е раширен тој новокомпониран политички правец – амдибајрамизам. Во политиката воопшто, во партиите, во Собранието, во администрацијата, во локалната самоуправа, на сите нивоа, од најгоре до најдолу си зазема свое место.

Неговата навидум хумористична „Шутка-политика“ и кванташка психологија станаа модел за начинот на работа на Собранието, за дневните редови на седниците и одлуките што ги донесуваше, терк за работа на претседателот на државата и огледало за крајно потценувачкиот однос кон граѓаните на државата. Преку Амди, преку неговиот амдибајрамизам, се кажува колку власта (секоја власт досега) го смета народот за глув и слеп, богами и глуп. Сѐ што е присутно на пазар, си фати место и во веселиот политички живот. Купување и продавање, ценкање, шверцување, мамење, закинување на вагата, продавање бофл и фелерична стока, поткраднување и „апла“ крадење. Од пазар до Собрание, како да нема некоја разлика.

Еден од најтипичните примери за амдибајрамизмот до најсилен израз дојде во последната година, кога се водеа дебатите за спогодбата со Грција за промена на името. Политичари (Стојан Андов, Тито Петковски и ним слични министри и пратеници), кои две децении на сет глас го бранеа името, кои градеа високорангирани кариери на тој став, кои ги ништеа, ги елиминираа од политиката сите оние што ќе проговореа за промена на името, одеднаш станаа главни поддржувачи. Ако се најде некој ревносен аналитичар и ги прочита стенографските или други белешки од нивни говори или напишани текстови во одбрана на името и спореди што зборуваа и пишуваа, ќе се срами на крајот од самиот себе, а не од нив. Да не се споменуваат осумтемина пребези од ВМРО-ДПМНЕ, кои се колнеа во името, а преку него го урнаа правниот систем во државата и ги погазија сите морални, универзални човечки норми.

Истото тоа се однесува и за еден куп поранешни амбасадори, кои во описот на своите задачи ја имаа обврската да му ја објаснуваат на светот вистината за Република Македонија, да го бранат нејзиното име, за подоцна да изјавуваат дека тоа било голема грешка, не нивна туку на државата и на нивните претходни шефови.
Не го сметам Амди за лик на политичар на деценијата поради некои други достигнувања, поради нешто добро што направил за Македонија, ниту поради неговиот жилав опстанок на високите скали на македонското внимание туку поради успехот што амдибајрамизмот го пласира и го наметна како втора службена политика на цела територија на Република Македонија. И што како успешен менаџер, наместо да го носи Скопје во Шутка, својата Шутка ја шири низ Скопје. И што неговата турбофолк-политика зема сѐ поголем замав, станува сѐ попопуларна.

За да нема недоразбирање, на крајот од текстот сакам да се изјаснам дека доколку се најде на кандидатска листа, нема да гласам за Амди Бајрам. Ќе гласам за некој друг, но ќе се прашувам која е разликата. Амди, врз основа на богатото политичко искуство што го има стекнато, вели дека меѓу никого нема разлика, по Ѓорге Иванов, секој може да биде претседател, зашто од него ништо не зависи. Кога може некој друг, зошто да не биде тој вистинскиот. Можно ли е и овој пат, 102 отсто да излезе во право, овој своевиден и незаменлив столб на демократијата, на демократскиот, уставотворниот и државниот развој, во досегашна Република Македонија, во сите фази и при сите промени.

Дури и ако некој се сомнева, во секој случај Амди не си прави Бајрам со умот.