„Алшар“ – во ветената земја на анонимниот спектар

Нашата татковина е срцето на Балканот, но низ историјата била и срцето на Европа. За тоа сведочат многубројните археолошки ископини, но и природните богатства. Во Македонија се наоѓа единственото европско наоѓалиште на рубини. Македонскиот рудник „Алшар“ на планината Кожув е единственото наоѓалиште во светот на талиум и потенцијален „рудник“ на еколошки чиста енергија. Од 2004 год., рудникот е евидентиран како споменик на природата и дел од „Емералд“ – мрежата за заштита на природните реткости.
Во јануари 2012, рудникот „Алшар“, со законска интервенција на Министерството за животна средина и просторно планирање, го загуби статусот споменик на природата, а со тоа и неопходната заштита – и е даден под концесија. Мистериозниот рудник, мојата долгогодишна фасцинација и предмет на документарна љубопитност, одново тема на денот – … бидејќи на Македонија ѝ е поважен економскиот развој отколку заштитата на животната средина, природните богатства секогаш се перципирани како извори на пари, а не како извор на чист воздух, пивка вода, здрави екосистеми што носат придобивки за населението… се огласуваат и предупредуваат еколозите.
Секоја генерација ја доживува вистината за овој мистериозен откоп и ја толкува во димензии од сказна до митологија, до себеидентификација. Еден во морето љубопитни талкачи бев и јас, а во рамките на таа опседнатост,со филмска екипа на Македонската телевизија, пред триесетина години поминавме повеќе од осум часа во окното. Го снимивме документарниот проект-репортажа „Алшар – Во ветената земја на анонимниот спектар“. Поднасловот „Во ветената земја на анонимниот спектар…“ е стих што произлезе од таа фасцинација и синеастичка авантура.

Од Рожден се простира прекрасна глетка на Кожув, а малку подолу во еден набор на оваа величествена планина се наоѓа Мајдан, место во чија непосредна близина се наоѓа рудникот „Алшар“. Неговото име Алшар потекнува од имињата Алатини и Шарто, еден Турчин и еден Французин, кои биле сопственици на компанијата основана во 1881 година што стопанисувала со рудните богатства на овој крај во минатиот век, сѐ до неговото затворање во 1907 година, за што сведочи писанието во каменот на влезот во стариот рудник.
Искористувањето на рудните богатства од овој рудник датира од пред 3.500 години. Најмногу се искористувал антимонитот, кој служел како украсна козметика за дотерување на дамите од тоа време, а особено биле на цена аурипигментот и антимонитот, употребувани за бојадисување на косите кај древните народи, на што укажуваат и некои елементи во ископините на древниот град Стоби. Историјата и живеењето во Мајдан (што во превод значи наоѓалиште) се тесно поврзани со искористувањето на рудното богатство на овој рудник. „Алшар“ е еден од најстарите рудници во Европа што експлоатирал антимон, арсен и злато. Рудното наоѓалиште е познато од 12 или 13 век. Локалитетот се споменува во турските тефтери од 1481 година, каде што, покрај другото, се наведува дека во рожденскиот атар околу 35 проценти од годишниот приход на турскиот султан биле од продажбата на арсеновата руда. Поголема експлоатација на рудникот започнува во 1881 година, кога една англиско-француска компанија добила концесија од Отоманската Империја. Населбата и рудникот во близината на с. Рожден биле познати како Мајдан, што на турски јазик означува место каде што има руда. Концесионери на рудникот биле браќата Алатини, а главен инженер бил Шарто. Во времето на браќата Алатини, па до почетокот на Балканските војни, арсен-антимоновата руда преку пристаништето во Солун била извезувана во Германија и во Англија.

За светската научна јавност, рудникот „Алшар“ станува особено интересен во втората половина на дваесеттиот век, кога се интензивираат истражувањата за детекција на сончевото неутрино, честичка-загатка создадена од врвот на перото на научникот Паули во 1931 година, за која и денес се знае малку. Но што е всушност неутрино? Кога е масата нула, неутриното нема полнеж и има неверојатна пробивност, па затоа многу тешко може да се детектира. Соларните неутрина потекнуваат од реакциите на фузија што се одвиваат во јадрото на Сонцето. Оттогаш лорандитот е во фокусот на научниците како можен геохемиски детектор на неутрина.
Во термонуклеарните реакции што настануваат во јадрото на Сонцето, во секоја секунда 600 милиони тони водород се претвораат во хелиум, при што се ослободува огромно количество енергија што зрачи во природата.
Но нам ни е потребен конкретен доказ што се случува во јадрото. Него, според научниците, го има во честичките неутрино што се создаваат во јадрото на Сонцето. Неутриното е вечен патник. Секоја секунда низ нашето тело минуваат 10 милијарди вакви честички, без да ги почувствуваме, а ниту сме во состојба да ги запреме. Количеството и бројот на неутрина што стигнува на Земјата претставува една третина од она што го продуцира јадрото на Сонцето. Што се случува со преостанатите две третини, засега останува во зоната на мистериите и претпоставките. Начинот на кој таа честичка може да биде запрена, уловена и проучена е еден од најголемите предизвици на современата наука. Во 1970-тите, американскиот научник Мелвин Фридман ќе открие и докаже еден од можните начини како да се детектира сончевото неутрино. Тоа, според Фридман, може да биде зафатено од талиумот 205 што е содржан во минералот лорандит. За таа цел требало да се пристапи кон утврдување на локацијата на лорандитот на Земјината топка, каде што би можело, во природни услови, да биде извршен ваков значаен научен потфат. Преку примерокот на лорандит во Геолошкиот музеј во Чикаго, Фридман доаѓа до информацијата за пребогатиот со овој и друг вид раритетни минерали рудник „Алшар“ во Македонија. Освен во Македонија, лорандитот го има и во наоѓалишта на злато или жива на повеќе места во САД, како и во Таџикистан, Русија, Кина, Иран и Швајцарија. Меѓутоа, „Алшар“ е најбогатиот извор на лорандит. Исто така, треба да се обележи дека во „Алшар“ се најдени 45 минерали, од кои 13 во својот состав имаат талиум.

Во 1976 година е утврдено дека единствено во „Алшар“ на едно место на планетата Земја има доволно количество талиум, каде што предвидениот експеримент може да се изведе во природни услови, и во тоа е големата шанса овде да биде изведен опитот на детекција на сончевото неутрино со природни материјали. Лорандитот би можел да биде и мистериозниот камен на Сонцето, што според некои палеографски записи го има во Македонија. Во него е содржана тајната на универзумот. Повторно ме обзема мојата склоност кон митолошко-поетска интерпретација на нештата и ветената земја на анонимниот спектар е Македонија. Сознанијата од овој експеримент практично би се исползувале за решавање на проблемот со енергијата во светот, со создавање симулации – мини-сонца како извори на енергија од кои, преку исполнувањето на одредени технички услови, би се добивала чиста енергија, што не е резултат на радиоактивни процеси, што не бара водни ресурси, ниту користење скапи минерални горива. Со тоа би можело трајно да се реши проблемот со енергијата потребна за придвижување и потсмирување на човековата цивилизација. Со тоа современиот свет би бил растоварен од една голема грижа што е постојан извор на тензии и нетрпеливост и причина за многубројните светски недоразбирања што го обременуваат светскиот мир и поредок.
Уште многу други научни куриозуми ја зацврстуваат и ја доизградуваат фасцинацијата од ова наше богатство. Тоа наведува на заклучокот дека „Алшар“ е потенцијален астрофизички центар на светот, голем предизвик и шанса нашата наука да се вклучи во главните текови на светските истражувања. Дозволете ми за крај на оваа наша научнопопуларна авантура да романтизирам со Кантовата прочуена рефлексија: „Две работи секогаш одново ме возбудуваат, моралните закони во мене и ѕвезденото небо над мене“. Во нашиот случај, неутриното меѓу нас и ѕвездите.