Албанците се прашуваат дали некогаш ќе бидат добредојдени во ЕУ

Минатата недела албанскиот главен град Тирана беше погоден од земјотрес со магнитуда од 4,9 степени. Не беше предизвикана материјална штета, но луѓето излегоа надвор од своите домови затоа што државата сè уште влече последици од катастрофалниот земјотрес од 6,4 степени што се случи на крајот од ноември и во кој загинаа 51 лице, а 15.000 луѓе останаа без своите домови.

– Во втората половина од годината се случија многу потреси, природни, политички и дипломатски – изјави градоначалникот на главниот град Ерион Велиај.
Најголемиот земјотрес во дипломатска смисла беше предизвикан од ветото на францускиот претседател Емануел Макрон во октомври, на состанокот за отворањето на пристапните преговори за влез во ЕУ со Албанија (и со Македонија). По официјалниот излез на Обединетото Кралство од Унијата, Албанија и другите држави од Западен Балкан очајно сакаат влез. Сепак, тие сега се прашуваат дали некогаш ќе бидат добредојдени во блокот. Со надеж за почеток на преговорите, Албанија сè уште минува низ сложениот процес на проверка на судството, во кој беа намалени редовите во врховниот и уставниот суд, поради што не беа во можност да ги спроведат судењата. Државата исто така спроведува сеопфатен закон за организиран криминал што ќе ја олесни меѓународната соработка во криминалните случаи.
Македонија го презеде најтешкиот чекор за промена на името за да се повлече ветото на Грција, но Макрон ги осуети нејзините планови. Додека францускиот претседател сака да ја реформира ЕУ пред да има нови проширувања, оние што сакаат да ѝ се приклучат сега сè повеќе се оддалечуваат од неа.

– Ова е клучен момент – изјави една моја пријателка додека пиеше планински чај во едно кафуле во центарот на градот.
Таа вели дека со нејзините сонародници сметаат дека одлуката да не се отвори патот за преговори се должи на постојаното антиалбанско чувство и исламофобијата (иако во државата живеат католици, православни христијани и муслимани).

Повеќето народи од Балканот претпочитаат нивните држави да влезат во ЕУ поради економските можности и животниот стандард. Но поради борбата со брегзит, подемот на популизмот, стравот од демографска промена и бавниот раст, блокот повеќе не е сон за една поголема група. Со тоа што не сакаше да награди еден пионерски потег, како што е промената на името на една држава, Унијата не успеа да застане зад вредностите што многумина сакаа да ги воведат во регионот по превирањата во 1990-тите години.

На Балканот постои една шега во која се вели дека ако на државите не им се дозволи влез во ЕУ, граѓаните и вака и така, еден по еден, сите ќе влезат во неа. Државите во регионот колективно загубија над 400.000 работоспособни жители во последните пет години, како што се наведува во еден скорашен извештај на Советот за регионална соработка.
Иако постои очигледна смисла дека нова ера се наближува на Балканот, никој не знае како ќе изгледа таа.

– Со 2020 година веќе влеговме во четвртата деценија од транзицијата. Толку долго траеше и комунизмот. Со тоа што поминаа четириесет години, ЕУ ризикува да го загуби регионот – порача поранешниот албански министер за надворешни работи Дитмир Бушати.
Во меѓувреме тој истакна дека Кина тивко и постепено го шири своето влијание.
Албанија, како и преостанатиот дел од Балканот, одамна е поле на геополитички натпревар. Пред еден век, Тирана стана албанска престолнина затоа што сите други поголеми градови беа окупирани, на север од Србите и Црногорците, на југ од Грците, а на запад од Италијанците. Денес е јасна желбата на Албанија за иднина во ЕУ, но многумина од нејзините граѓани се чувствуваат непожелно.

Како што вели Луиџи Сорека, европскиот амбасадор во Албанија, ЕУ ги мобилизирала ресурсите по ноемврискиот земјотрес со тоа што државата ја третирала „како членка на блокот“. Беа собрани средства за помош во висина од 15 милиони евра. Тој вели дека ова помогнало да се подобри угледот на блокот, кој беше нарушен по ветото на Макрон. Подоцна овој месец ќе бидат собрани дополнителни средства на донаторска конференција во Брисел. Но помошта е само продолжение на односот донатор-клиент, што не мора да биде основа за еднаквост.
Дури и да е така, помошта одигра клучна улога. Сега само уште неколку стотици семејства сè уште се без трајно сместување, според градоначалникот Велиај. Закрепнувањето од октомвриските потреси ќе трае подолго.