Ако на кафкијансково време, орвеловскава реалност му подметне дрога во пијачката

Кога немам во себе зборови што треба да протечат од изворот на љубовта за да се влеат во срцето на читателот, вообичаено влегувам во суштината на постоењето, со боси нозе застанувам на дното од океанот на тишината и мирно палам цигара од сонцето. Чекам духот на вечноста да ми заструи низ крвта, ги затворам очите за да не ослепам од очекуваниот восхит и така тихувам додека не ја почувствувам песната на Творецот. Таа песна е невидлива совршеност од која е исплетена сета вселена и доволно е да откинам само парче од неа, да ја постелам пред суетата на светот и да ја видам потоа како ехо во солзите на оние што ја проголтале.

Јас не станав уметник заради аплауз, слава и материјално богатство. Не станав поет за да добијам поклонување, страхопочит подготвена да коленичи или удобност чувана од аларми. Не станав писател сонувајќи дека животот ќе игра стриптиз за мене, очекувајќи дека женскиот восхит ќе ми ги нуди своите колкови за да ги раширам на двата краја од светот, надевајќи се дека ќе станам доволно моќен за да си ја откупам душата од ѓаволот ако некогаш на пијано му ја продадам. Јас воопшто и не планирав да станам уметник, едноставно не знаев што да правам со сите оние зборови што се раѓаа во мене како резултат на моето учество во ова наше заедничко битисување.

Ете, убав вовед. Магично поетски вовед. Троа фалбаџиски, оти вака-така, ви се пофалив како знам да си играм со зборовите. Што и не е многу за фалење кога ќе сфати човек дека за друго и не ме бидува. Додуша, ги има и такви што ќе ве убедуваат дека ни за пишување не ме бидува, ама тоа е зашто толку често им ги скоривам нервите што со најголемо задоволство би ми забраниле да пишувам. Што, пак, го потврдува фактот дека ми оди пишувањево, зашто со таквите тоа ми било и целта, да ги изнервира пишаното. Е, ама има моменти кога се гневам. Гадно ме нервира кога ми кажуваат што и како треба да пишувам. Тоа често се случува на Фејсбук. Русјаков, јас ова не би го кажал вака! Види, Русјаков, не треба ова баш сега да го пишуваш. Извини, Русјаков јас сосема поинаку би го срочил истово.

Па срочи го бе цреп, не кажувај ми мене што треба, а како не. Не, навистина, сосема е во ред да ми се каже дека напишаното е катастрофа, дека срање ми е стилот, дека подобро е да си направам капа од два листа „Нова Македонија“ и да се фатам за молерисување. Едноставно е, можете колку сакате да го исплукате напишаното, само не кажувајте ми што и како да пишувам. Суета? Секако дека е суета, ама барем е поврзана со мојата интима и ако некому тоа не му се допаѓа само треба да не ме чита и толку. За разлика од мене поголемиот дел луѓе најсуетно сметаат дека имаат право својата интима физички да му ја наметнат на светот и мртви ладни го прават тоа, па светов затоа и личи на нечија изопачена замисла. Сепак има нешто што повеќе ме нервира од оние што ми кажуваат како и што треба да пишувам. Тоа е моментот кога мора нешто да напишам, а ми кажуваат што не смеам да пишувам. Како ваквиот момент кога е молк.

Предизборен молк, референдумски молк, сеедно, станува збор за политички молк кога државата ми кажува што не смеам да пишувам. Државата ми кажува што не смеам да пишувам, забегани генерали ми објаснуваат како треба да живеам, истрошени политичари како некои гатачки ми толкуваат каква ќе ми биде иднината ако не им одам по газот. И сè нешто се фаќаат за сериозни зборови како закон, моментум, алтернатива, а всушност ми забрануваат, ми наметнуваат, ме уценуваат. Чекај бе малку, ѝ се наметнувам ли јас на државата во делењето тендери по роднини? Им се мешам ли на генералите во изборот на земја што треба да ја окупираат и пљачкосаат, истребувајќи патем две третини од народот што живее таму? Ги казнувам ли политичарите за нивните лаги, привиди и манипулации со кои сакаат да го удават светот? Ништо од тоа не правам. Е, ама ете тие ми кажуваат што не смеам да пишувам баш на денот кога јас морам колумна да испорачам. И што да правам сега јас со молков кога имам чувство дека ги истрошив сите факинг идеи наменети за политички молк, оти во времето на Груевски имаше толку многу предизборни „молкови“ што не е нормално. Уф, изгледа дека не сум се истрошил баш толку многу, оти еве, повеќе од две третини колумна завршив. Згора на сè ви се истопорив со различен стил на пишување од воведниот. Ај тогаш да ве прошетам низ нешто трето, сосема различно и крајно збунувачки.

Тоа утро Грегор Самса се разбуди и сфати дека се претворил во лебарка. Стоп! Ова е Франц Кафка и сеедно што живееме во типично кафкијанско време на кое орвеловската реалност му подметнала дрога во пијачката, подобро е да ве прошетам низ нешто свое.
Тоа утро кутрата лебарка будејќи се разбра дека преку ноќта се претворила во човек. Се погледна во огледалото и на реверот од палтото виде дека има легитимација на која пишува, Зоки Салца – виш помошник-коректор на јаство и себство. Што по ѓаволите значи ова, се запраша одејќи кон вратата.
– Кај си тргнал? – викна по него жена му.
– Да се прошетам меѓу редови – одговори.

Вишиот помошник-коректор на јаство и себство, Зоки Салца, излезе надвор и тргна меѓу редови. Брзо застана збунувајќи се. Право беше Америка, во далечината лево здогледа еден непријателски настроен замок, а од десно почувствува дека доаѓа непријатната миризба на можен процес против него. Ех, си рече во себе, да беше измислен квантниот скок, сега со ворп-брзина ќе се телепортирав од меѓу редови, во друг контекст со поинаков поттекст. Ако една лебарка доживее метаморфоза и се претвори во човек, па уште виш помошник-коректор на јаство и себство, што и да значи тоа по ѓаволите, така размислуваше, дали има надеж великиот креативец да ме црпне од оваа халуцинација и да ме однесе во некоја поинаква и поубава дестинација?
– Каква дестилација? – слушна нервозно зад себе.

Се заврте. Виде човек со чуден цилиндар на главата. На реверот му пишуваше, Данил Хармс – дестилатор на вино и вистина.
– Помислив дестинација – пропелтечи Зоки Салца – а не дестилација.
– Ха! – викна Хармс – кога си дошол меѓу редови како коректор на јаство и себство, мора да знаеш дека ако една лебарка преживее метаморфоза и стане човек, неговата крајна дестинација е вештачка дестилација на една постојна нација.
Пет минути подоцна некој жестоко затропа на мојата врата. Отворив. Двајца без лице во црни мантили произведени 1984 година, стоеја пред врата и мирисаа на процес што ќе се води против мене.
– Александар Р. – викна едниот – вие сте уапсен!