Авторитарна дигитална игротека

Каде се најприсутни дигиталните платеници во Македонија? Секако, во доменот на пропагандата и лажните информации. Како и „тероризам“, терминот „лажни вести“ е кооптиран од авторитарните лидери за да се оправда репресијата на несогласувањето.
Намерно фалсификуваната или погрешната содржина се користи како изговор авторитарната власт да ја консолидира својата контрола врз информациите. Па сега видете зошто опстојуваат проверувачите на факти и цела армија „ботови“ платени од власта

Надзорот на граѓаните, пропагандата и дезинформациите отсекогаш биле централни за автократската игра. Дигиталните технологии ги направија репресијата и контролата многу попробивни, поефикасни и посуптилни од кога било досега. Откако се појави интернетот надвор од академските институции, владите го сфатија неговиот неограничен потенцијал за собирање разузнавачки податоци и проекција на моќ на огромни растојанија. Тоа создаде безбедносни предизвици, кои ги направија нациите, организациите и поединците многу поранливи од порано. Денес сајбер-просторот стана дигитално бојно поле каде што се промовира дигиталниот авторитаризам како начин владите да ги контролираат своите граѓани преку технологијата, извртувајќи го концептот на интернетот како алатка на човековото ослободување.
Дигиталниот авторитаризам брзо влегува во речникот на практичарите и истражувачите како нова глобална сила на нарушување на безбедноста и концептот на човековите права. Станавме сведоци дека интернетот може да се користи како алатка да се поткопа демократијата, исто толку сигурно колку што може да ги дестабилизира диктатурите. Сајбер-платениците отворија нова сфера на конфликт што не бара географска близина помеѓу напаѓачот и нивната проектирана цел. Автократите си најдоа нова дигитална игротека за своите болни амбиции. И оди после зборувај ми за човекови права, приватност, демократија.

Дигиталните технологии им отворија неограничени можности на владите да комуницираат со својот народ, да го разберат неговото расположение, да ги проценат потенцијалните политички загуби, со цел да ги адаптираат владините политики, но истовремено интернетот им даде на автократските и нелибералните влади невидени способности да останат на власт. Политичарите со авторитарни пориви (зарем постојат други) научија дека опстанокот на режимот може да зависи од нивниот капацитет да распоредат и вооружат вакви технологии против своите граѓани. Авторитаризмот е повторно измислен: стана дигитален. Создавајќи мала армија на дигитални стратези, блогери и инфлуенсери од сите нивоа на општеството, автократски ориентираните политичари ги вооружија информациските и комуникациските платформи за да останат на власт и да ги дискредитираат своите противници. Ги преплавија социјалните мрежи со дезинформации и напади против новинари, политичари и активисти за човекови права. Во комбинација со повеќе традиционални тактики, како што се самоволни апсења, кривичен прогон, физичко застрашување, дигиталниот авторитаризам преку мала група поддржувачи може да создаде повеќе онлајн идентитети и коалиции за да ги засили пораките на власта и да добие привлечност на интернет.
Дигиталниот авторитаризам стана софистициран и суптилен начин како да се замолчат граѓаните и да се задуши слободната и критичка мисла во општеството. Затоа мораме отворено да се соочиме со трите болни вистини за дигиталниот авторитаризам. Првата болна вистина е дека бизнисот со социјалните медиуми е изграден околу надзорот на личните податоци, со производи што на крајот се дизајнирани да нѐ шпионираат. Втората болна вистина е дека социјалните медиуми се дизајнирани како машини за зависност, експресно програмирани да се потпираат на нашите емоции, а ние го прифативме тоа. Третата болна вистина е дека алгоритмите за привлекување внимание, кои се во основата на социјалните медиуми, исто така, поттикнуваат авторитарни практики што имаат цел да сеат конфузија, незнаење, предрасуди и хаос, а со тоа олеснување на манипулацијата и поткопување на одговорноста.

Со години му се потсмевавме на Заев за неговиот лукративен самоубиствен излет во политиката, не забележувајќи дека оние што го одржуваа на власт сиве години преку интернетот му дадоа ново ниво на моќ за да ги постигне целите за кои и беше донесен на власт. Се разбира, да не заборавиме дека дигиталниот авторитаризам со власта на Заев процвета во Македонија. А со него и тоталитаризмот со рака на срцето. Заев заминува од политиката, но не верувам дека армијата дигитални платеници заминуваат со него. Остануваат да го доработат она што како наследство го остави Заев во политиката. Разнебитување на државата и затворање на процесот на нејзино обезличување. Затоа тие мора да останат да го одржуваат во живот дигиталниот авторитаризам, кој го промовира оваа власт како начин на нејзин опстанок до исполнување на конечната цел. Секако, грижејќи се и за својот опстанок.
Каде се најприсутни дигиталните платеници во Македонија? Секако, во доменот на пропагандата и лажните информации. Како и „тероризам“, терминот „лажни вести“ е кооптиран од авторитарните лидери за да се оправда репресијата на несогласувањето. Намерно фалсификуваната или погрешната содржина се користи како изговор авторитарната власт да ја консолидира својата контрола врз информациите. Па сега видете зошто опстојуваат проверувачите на факти и цела армија „ботови“ платени од власта. Тие се создадени да ги замолчат независните гласови, тврдејќи дека само на државата може да ѝ се верува да ја одвои вистината од фикцијата. Овие дигитални платеници повеќе се загрижени за наметнување политичка доминација отколку за заштита на населението од лажни вести. Тие ѝ се измеќари на власта, кои креираа монструм во дигиталната сфера што тешко ќе може да се контролира во иднина. И кој секогаш ќе биде достапен за некој нов автократ што ќе се појави на македонската политичка сцена.