Абортусот „Гебелс – Сталин“

А мислев ќе умрам како секој нормален човек. Од цигари, алкохол и лоша исхрана. Тие сме, јас и Заев. Додуша он е само на цигари и лоша исхрана. Јас пак и пијам, а тој е опијанет од блескање. Како и да е, стварно мислев ќе умрам како нормален човек, од премногу испушени цигари, а не од коронава.
Госпоѓо, ама зошто го земате сето брашно од полицата?
Ти нормален ли си? Не си слушнал за корона?
Госпоѓо, додека го потрошите брашното, блага пченица ќе ви јадеме!
Цркни, сељак!

Сакам да си купам сапун и веднаш тројца ме напаѓаат. Ти си вмровец, вие не се бањате, се дере првиот. Во кошницата веќе има пет-шеснаесет сапуни. Вториот ме грабнал за рака, се обидува да ми го извлече сапунот. Давај ваму, се дере, ми требаат уште триесет и шест сапуна за да бидат сто. Третиот ме удира по глава. Пушти го сапунот, вреска, да не направиме сапун од тебе! Им го фрлам сапунот на под. Рипаат по него. Се млатат како нездрави. Едниот успева за миг да го зграби, па одгризува парче од него.

Ама зошто го јадеш, кретену?
Со полна уста сапун ми вели дека на телевизија рекле, сапун против корона. Продолжуваат да се млатат. Веројатно ќе треба НАТО да интервенира. Што има да се каже околу сето ова корона-лудило? Не ни е доволно што идентитетски нè искоренија. Еве сега сами ќе се исКОРОНИме. Фак, каков баксуз, а само што кренавме знаме на НАТО.

Ете, тоа ме загрижува. Што стотици илјади милиони луѓе квадратни излегоа пред Собрание да го поздрават кревањето на НАТО-знамето, а ваму паничат поради еден обичен вирус. Па, НАТО е воена алијанса или заебанција? Штом една членка е нападната, сите доаѓаат да ја одбранат од нападот. Особено ако нападот доаѓа од Русија. А вирусите секогаш се руско мешање во здравјето на евроатлантски настроениот организам. Ама секогаш. Тоа и етимологијата го докажува. Вирус. Не ви кажува самиот збор нешто? Тоа е руска кованица. Составена од зборовите „ви“ и „рус“. Или преведено на северномакедонски дијалект на бугарскиот јазик, „Вие, Русите“. Па, тоа на секое дете што ја пее песничката „Мама, јас и тато, ќе умреме за НАТО“, му е јасно. Затоа, попусто паниката. НАТО ќе нè одбрани од рускиот вирус, донесен преку кинеската фирма „Али-експрес“, со руски авиони, спакуван во унгарски зејтин со кој потоа, во Словенија, се мачкале црни пари. НАТО наскоро ќе донесе супервакцина. Вие ќе си ја платите и, оп, повторно здрави и евроатлантски исправени. Додуша, кога ќе излезе вакцината, веќе ќе се зборува за следниот новопојавен вирус, ама тоа во некоја идна колумна.

Русјаков, ѓубре едно расипано! Ти си бре за да скапеш во затвор!
Ете, не издржа политичката коректност. Маскирана во цивил, ја извади маската за заштита од вируси и се соочува со мене, заразен од руска настинка.

Зошто во затвор?
Затоа што си призна дека вмровци ти даваат црни пари, кои преку Унгарија и Словенија стигаат тука, за да шириш антиНАТО пропаганда и да нè оддалечиш од патот кон Европската Унија, што те прави антидржавен елемент, то ест непријател на државата, а таквите треба да завршите во лог… во затвор.
Па, нека се јави оној вашиот без кој судовите не можат и нека договори обвинение и затвор.

Ние не се јавуваме, ние маршираме за правда.
Е па, марш тогаш во…
Уф, колку само небулози во една сложена, ама глупа реченица. Ај со ред. За црниве пари преку Унгарија и Словенија слушаме само празнословење без да видиме доказ, документ. Не ми пречи. Фактот дека своите разочарани поддржувачи ги сметате за слабоумни, си е ваш проблем. Ама кога ќе се сетам дека ги убедувавте како НАТО ќе го подобри образованието, а во Европската Унија ќе се лекувале бесплатно, па уште дека сте добиле датум за ЕУ, сè ми е јасно.

Така доаѓаме до антидржавен елемент или непријател на државата. Ако се земе предвид дека се однесувате како нацисти, логично ми е да сум државен непријател. Совеста ми го налага тоа. Ама па не можам да бидам антидржавен елемент, затоа што логиката вели дека ова тука не е држава. Протекторат, сатрапија, црна точка на Балканот, уценета безимена територија, безидентитетско гето, во секоја категорија се вклопуваме, само не во држава. А дека љубите да затворате луѓе поради несогласување со вас, си го носите од вашите предци. Па така, спакувајте, измонтирајте еден случај и судете ме како антидржавен елемент.
Не рековме дека си антидржавен елемент, туку дека шириш антидржавни интереси на државата.

АНТИДРЖАВНИ ИНТЕРЕСИ НА ДРЖАВАТА!!! Какво само лудило! Ама уживам да ви ги цитирам портпаролите. И каде е син ми Костадин, и каде е ќерка ми Богданка. Русјаков да каже по кои црни сценарија шири антидржавни интереси на државата и дали Владимир Путин му подметна вирус во „короната“ што сака да ја пие по јадење унгарски гулаш додека слуша словенечки панк?

Во ред, јас знам дека кампањава за црни пари и антидржавни елементи, насочена против ВМРО-ДПМНЕ и опозициските медиуми, е дел од лошо предизборно сценарио. Не ви се мешам. Не за друго, ама ниту опозиција, ниту некој медиум некогаш гукнале против ЕУ и НАТО. Но мене суштината ми е важна. Затоа што јас не сум запрел да пишувам против ЕУ и НАТО. И нема да запрам освен ако, нели, не ме изеде темнината. И тоа е за луѓе. Но, видете, да беше ова држава, само вие ќе бевте антидржавен елемент. Ама и антицивилизациски и недемократски елемент. Оти секој нормален човек, ако ви ја чуе хајката против оние што не ги сакаат ЕУ и НАТО и нивно прогласување за државни непријатели, ќе сфати дека станува збор за симболичен коитус во кој Гебелсовата пропаганда го оплодила сталинизмот. Абортираниот продукт на тој гебелсо-сталинистички коитус е вашето политичко-полициско пропагандно дејствување. Имате среќа што сте заморче на ЕУ и „длабоката држава“ за укинување на македонизмот, па Брисел ни ви го нотира политичкото однесување а ла Црвени кмери. Оти така сама на себе ќе си наштети. Во време кога половина Европа сака да ја напушти Унијата, а третина од планетата знае дека НАТО е клинички мртво, вие сте последната инквизиција во бастионот на лудилото, затоа што нема цивилизирана држава каде што некој би се осмелил антиЕУ и антиНАТО расположените граѓани да ги нарече државни непријатели.