Ќе се откажеме ли самите од себе?

1572

Договорот со Грција дополнително и неповратно го подели македонскиот народ. Власта смета дека отворила светли перспективи, а го игнорира тоа дека ги гази фундаменталните интереси на македонскиот народ. Затоа безобѕирно лаже. Пропагандата се сведува на погодностите од членството во НАТО и во ЕУ без да се спомне понижувачкото прекрстување, кое е поводот за референдумот. Како да се срамат од договорот. На другата страна се сите што се свесни дека прекрстувањето на државата и бришењето на сѐ што е македонско, вклучувајќи го и народот, води само кон дестабилизација на земјата и на регионот и враќање на комитите.
Од сите западни политичари, кои како мршојадци ни се изредија или ни пратија пораки на погребот на македонскиот народ, најдоблесна изгледа германската министерка за одбрана, која на предавниците јасно им порача: „Знам дека референдумот е поврзан со името на вашата држава, ВАШИОТ ИДЕНТИТЕТ И ИСТОРИЈА, но сепак во него гледам голема шанса“. Шансата е за нивните интереси и затоа е оваа навалица: со нашата капитулацијата се симнува срамот за нивната нелегална, срамна и насилна политика кон нaс.

1. Договорот е потпишан меѓу Грција и втората страна. Тие се со име, а ние безимени. Во Привремената спогодба (1995), двете земји се без име. Сега сме ставени во поинфериорна позиција отколку во 1995 година. Бришењето на Македонците како народ е заокружено со членот 1. Во став 3 има повеќе алинеи со кои се прецизира како се откажуваме самите од себе. Членот 1 став 3 (а) гласи: „Официјалното име на Втората страна ќе биде ’Република Северна Македонија’, што ќе претставува уставно име и ќе се употребува ерга омнес…“. Името да ни го одредува Грција и не прекрстува дури и дома. Неверојатно. Се согласивме да се менува име на држава поради регион во друга земја, што е незамисливо во светот. Го променија името во „Македонија“ кога беше јасно дека Југославија се распаѓа и дека ќе се појави самостојна и независна македонска држава, што им беше неприфатливо.

2. Во членот 1 став 3 (б) ни се одредува државјанството, кое досега беше „македонско“ и повеќе нема да биде така бидејќи поинаку ни го скрои Грција. Тоа е срамно и недостојно како и целиот договор. Отсега, тоа – „ќе биде ’македонско/граѓанин на Република Северна Македонија’. Така ќе биде заведено во сите патни документи“. Тоа значи дека сите ќе мораме да ги менуваме пасошите и личните карти. Првиот дел – „македонско“, сигурно ќе ни го избришат во преговорите за ЕУ. Од „Северна Македонија“ не може, нема основа да произлегува „македонско“ државјанство. Македонизмот се брише чекор по чекор, упорно и посветено. Во капитулантскиот и предавнички договор поимот НАЦИОНАЛНОСТ никаде не се спомнува! Грција игнорира дека сме ние Македонци и ќе остане на таа нецивилизациска политика уште долго. Тврдењата на власта и нејзините слуги дека Атина прифатила дека ние сме Македонци е тешка и непростлива измама. Целиот договор зборува токму за нашето бришење како народ. Националност и државјанство се сосема различни работи. Првото, националниот идентитет се добива со раѓање и е само – еден. Секој може да има и десет државјанства, ако ги исполнил условите на толку земји.

3. Во членот 1 став 3 (в) ни се одредува јазикот. Тој гласи: „Официјалниот јазик на Втората страна ЌЕ БИДЕ ’македонски јазик’, како што е признаено на Третата конференција на ОН…“. Која е Грција да одредува кој јазик ќе го зборуваме ние и зошто? Врз основа на каков мандат? Второ, зошто македонскиот јазик се става во наводници? Тие се користат кога нешто не е реално, за нешта што се измислени. Зошто – ЌЕ БИДЕ… идно време? А како е сега? Тоа е јазикот што го зборуваме со векови, а тие што ни мавтаат дека Грција ни го признала – лажат. Прво, јазик не се признава и, второ, Грција нема никогаш официјално да употреби македонски јазик – освен еднократно, во договорот со кој капитулиравме како народ. Нивната компензација за оваа „отстапка“ е огромна. А за нас, чинот е крајно понижувачки и навредлив. Коѕијас веднаш јасно порача – јазикот не подразбира етнос. Значи – нема Македонци, не залажувајте се. Клучот е сепак во нешто друго. Спомнувајќи го јазикот, Атина покажа дека има ингеренции во таа област што максимално ќе ги искористи во преговорите за ЕУ. Ако сме се согласиле дека не смееме да ги користиме придавките „македонски/а/о“, што е факт, тогаш и јазикот мора да се стави во исти рамки! Тука е финтата. Во преговорите за ЕУ, и Бугарија ќе има улога. За неа, таков јазик не постои. Борбата за јазикот тек ни претстои.

4. Членот 1 став 3 (г) гласи: „Термините ’Македонија’ и ’македонски’ го имаат значењето дадено во членот 7 од оваа спогодба“. Во член 7 став 4, јасно се вели дека договорот нема – „да влијае на употребата од страна на граѓаните“ на термините „Македонија“ и „македонски/а/о“. И не може. Грците не можат да ни забранат како граѓани, меѓу себе, да се нарекуваме Македонци. Во членот 7 став 2 пишува дека сме се согласиле – „Македонија“ и „македонски“ – „како термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Грција, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денес“! Такво нешто за нас нема. Попрецизно: тие се Македонија и Македонци, а не ние, и тој дел од регионот Македонија им припаѓа од антиката, а не од Втората балканска војна (1913), што е историски факт. Тие и понатаму ќе можат така јавно да се нарекуваат, за разлика од нас. За нас терминот „Македонија“ и придавките „македонски/а/о“ веќе не важат. Со овој договор ние се откажуваме од тоа историско и неоспорно меѓународно право.

5. Според истиот член 7 став 3, кој се однесува на нашата втора и безимена страна, сме прифатиле дека термините „Македонија“ и „македонски“ – „ја означуваат нејзината (наша) територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство, кои се особено различни од оние што се наведни во ставот 2. Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик (нема веќе македонски, ниту во наводници) спаѓа во групата јужнословенски јазици“. Со овој член се покрива нашето досегашно користење на термините „македонски/а/о“ ама целта е да нема основа тоа да се користи и понатаму. Истовремено, се прекинува секаква наша врска со егејскиот дел на Македонија како и со античката историја. Ципрас најдобро го дефинира тоа – тие само си враќаат и ништо не даваат. Тие термини повеќе не смееме јавно и официјално да ги користиме. За светот ќе бидеме граѓани на Северна Македонија или северномакедонци. „Македонци“ ќе има само во Грција. Со овој член ние формално се откажуваме од Македонците од егејскиот дел.

6. Најпоразителен за нас е, сепак, членот 1 став 3 (ѓ), кој вели: „Придавката (македонски/а/о) во однос на државата, нејзините службени органи и други ЈАВНИ институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно ’на Република Северна Македонија’ или ’на Северна Македонија’“… Сме се согласиле да бидат прекрстени сите институции во државава што го означуваат нејзиниот македонски карактер, а истото правило нема да важи за Грција. Покрај МАНУ, МРТ, МИА, АРМ… ќе се менуваат и парите бидејќи на нив стои името на централната банка. Ќе се прекрстат и МПЦ, АМСМ, МЦМС… како ЈАВНИ институции. Во рок од пет години ќе мораат да се сменат и возачките дозволи, еполетите на сите униформи… Ќе ги менуваме и регистарските таблички на сите возила…

Ако нема ништо македонско во оваа земја, од државата па до сѐ друго, може ли да има македонски народ? Или, дали со бришење на сѐ што е македонско во земјава се зајакнува националниот идентитет на македонскиот народ, како што тврди власта? Најдобра дефиниција за оваа наша национална катастрофа и политичко самоубиство дава Љупчо Ристевски, кој, во колумна во МКД.мк, вели: „Се симнува државотворноста на македонскиот народ од секоја официјална државна институција, кои пак губат секаква етничка компонента и белег и стануваат ’ничии и сечии’…“.
Во Грција ништо не се менува. Таму ништо македонско не е спорно. Остануваат: аеродромот во Солун „Македонија“, Министерството за Македонија и Тракија, универзитетот „Македонија“ и Музејот на македонската борба во Солун… како и редица нивни институции и други установи, кои станаа „македонски“ по 1990 година. Додека сѐ наше со предзнак „македонски/а/о“ се брише, грчките добиваат меѓународен легитимитет. Така пишува во договорот. Тие го имаат монополот на сѐ што е македонско, вклучувајќи ги и измислените 2,5 милиони „Македонци“. Отсега, за светот, ние ќе бидеме измислени „северномакедонци“. Ни ги „дозволија“ Македонска Каменица и Македонски Брод ама ништо друго не смее да биде македонско/а/и. Нема да имаме македонска историја, култура, традиција, музика, туризам, спорт…
Ако ова не е целосна капитулација, што може да биде?

7. Со членот 1 став 3 (ж) се предвидува формирање меѓународна група експерти што ќе ги одредува имињата за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци. Таа недвосмислено ќе одлучи дека кај нас ќе нема повеќе ништо – „Made in Macedonia“ – „Произведено во Македонија“, сѐ ќе биде од Северна. Таквите производи ќе доаѓаат од југот. Нема повеќе да има македонско вино, грозје, домати, ориз…

8. Според членот 8 став 5, ќе има: „Заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања“. Тие ќе ни ги менуваат учебниците, а преку нив и историјата на досегашната држава која, по влегувањето во сила на договорот, ќе престане да постои. Ќе ни структурираат историја во која нема да има ништо македонско, како основа за нова политичка нација. Ако веќе се откажавме од сѐ македонско, така треба да биде…

9. Во согласност со членот 1 став 10, Грција ни определи два периода – „технички“ и „политички“, кои се однесуваат – „на важноста на веќе постојните документи и материјали издадени од властите на Втората страна“. Ќе нѐ чешлаат од глава до петици. Првиот период ќе трае пет години, а вториот (сосема намерно) е поврзан со преговорите со ЕУ. Тогаш, по отворањето на секое од 35-те поглавја, ЌЕ СЕ РАЗГЛЕДУВААТ СИТЕ НОВИ ГРЧКИ БАРАЊА, кои ќе мора да се реализираат во следните пет години. Тоа до бескрај ќе ги одолжи нашите преговори со ЕУ, што ќе биде нова трагедија. Македонија не може ни да замисли последното поглавје да го отвори пред 2029/30/31 година, тоа значи дека уште пет години потоа ќе исполнуваме грчки диктати. Најмалку до 2036 година, де. Тоа значи дека војната со Грција ќе трае најмалку дотогаш, а нашиве трубат за стратегиското пријателство со Атина.
10. Во членот 2 Грција се согласува – „да не приговара на барањата за членство на Втората страна“ во меѓународни организации. Исто се обврза и со членот 11 на Привремената спогодба (1995)! Оти да не ѝ веруваме на Атина сега? Впрочем, зошто постои суд во Хаг? Веќе имаме искуство.

11. Во изјава за БИРН (Призма.мк од 6.9.2018), медијаторот Нимиц деновиве ни потврди дека – „идентитетските прашања секогаш беа дел од преговорите“. Претходно, тој упорно нѐ уверуваше дека тоа не е случај, исто како и сите негови американски ментори, за кои тој всушност и работеше, а не за ООН. Бришењето на Македонците оди етапно. Поинаку и не може. Договорите со Грција и со Бугарија значат почеток на нашите страдања, а не крај. Тоа го признава дури и Денко Малески за кого, меѓутоа, ние сме нова, што значи измислена нација. Во колумната во „Фокус“, од 17 август 2018 пишува: „Во српскиот дел од Македонија, во текот на Втората светска војна, одново се раѓа идејата на Мисирков, за посебна словенска македонска нација“!? Да соопшти авторот барем што бил татко му? Тој и химна ни напишал.

11. Македонскиот народ никогаш не постоел за Грците и сега, со договорот, тој дефинитивно и официјално се брише. Тоа во никој случај не може да донесе трајни резултати. Никаков договор не може нас физички да нѐ сотре. Без оглед на ова предавство, остануваме да се чувствуваме Македонци и да бидеме тука. Во практиката ќе почне да се применува и врз нас судбината на Македонците од Егејот – ќе бидеме тука, неоспорни, ама никој нема да нѐ признава. Официјално нема да постоиме. Клучниот проблем меѓу двете земји, дека има Македонци како одвоен народ, останува. Ние ќе ја манифестираме нашата националност на разни начини и форми, а Атина секогаш остро ќе реагира. Ете ги проблемите што досега ги немаше. Недоразбирања ќе има секојдневно. Проблемите меѓу двете земји само ќе добиваат интензитет и ќе ни се удираат по глава и покрај срамното понижување на кое се изложивме. Ако, не дај боже, договорот помине, Грција постојано ќе бара потврди дека не постоиме како народ и ќе ни го загорчува животот. Де некоја наша песна ќе им пречи, де некој текст во весниците, де некоја изјава… Секоја манифестација на што било наше македонско, за нив ќе биде иредентистичко и нашата држава ќе биде осудувана.

Веќе имавме такви случаи и со Грција, а најдобар доказ што нѐ чека е изјавата на Заев дека Илинденското востание е – македонско и арогантната реакција на Борисов.
Ако сакаме да ни е вечна Македонија, мораме да го бојкотираме референдумот. Тој е неуставен, незаконски и поставува три прашања на кои можеш да дадеш еден одговор. Нѐ прават сите недоветни.