Ќе влијаат ли климатските промени врз Макрон за да ни даде датум?

1819

Нашиве ја пресретнале измамата. Така велат. Оставиле разговорот да заврши за да не забележи пранкерката дека е забележана. И тоа ни го соопштија. Ви се верува ли? Тие си мислат дека сите ние ги имаме нивните мисловни капацитети. Не можеше поглупаво да ни соопштат дека наскоро ќе слушаме како Зоќи муабети со „Грета“. Којзнае што ѝ кажал

Шверцери, земјотрес, бадеми и ф`стаци. Да не знае човек што попрво да фати. И да го фрли џенем, па да фати… џенем. Сум имал вакви почетоци на колумни. Кога се прашувам што попрво да фатам за да баталам. Штом Милчин почна да гледа фашизам кај оние што ги донесе на власт, отидени сме бестрага. Како се стига до вакви кретенски скандали со навивачи во театар и потрошени пари за апетисани колку кеш за купување владин „мерцедес“? Со поминување на сите фази на идиотизам и безумност. Човек што дозволил да му избришат име и идентитет, да му укинат историја, заслужува да му се посере постоењето на глава. Ама ај да почнеме со ред.

„Шверцерите“ имаа премиера во МНТ. Во режија на Владата. Инспициент, Артан Груби. Постмодернистички театар. „Шверцерите“ беа и глумци и публика. Нејасно е само зошто критиката негативно ја оцени претставата. Ги обвини глумците. А режисерот е виновен. Можеби затоа што не го разбираат постмодернизмот во театарот на апсурдот. Јас не им дадов негативна критика. Што да прави навивачка трупа освен да глуми дека е навивачка трупа? На стадион, во театар, на улица… тие не можат да бидат ништо друго освен навивачка трупа. Секако пеат. Секако тоа се навредливи песни за оние што ги сметаат за свои непријатели. И кршат, да. Ако имаат што да кршат, тоа ќе го скршат.

Така вели логиката. Ако ме прашате мене, прославата требаше да се случи во Владата. Или кај Заев дома. Таму да кршат. Ама едно ми е јасно. Околу МНТ и навивачи во него. Подобро „шверцери“, отколку шарени. Сериозен сум. Шарените ќе направеа поголема штета. Ќе го запалеа МНТ. За нив „шверцерите“ се мали деца. Прочитајте им ја само шарената омраза на социјалните мрежи. Таа деструктивна омраза вербално пали, убива, уништува. Дајте им неконтролирана моќ и тие ќе ја реализираат практично. Прочитавте ли со каква злорадост ја дочекаа веста за кршењето во МНТ? Не сите, но повеќето од нив. Злорадоста и омразата се нивна духовна храна. Тоа ги прави силни. Оти неспособни се да создадат. А она што нема креација во себе, раѓа деструктивна омраза.

И последнава катастрофа наречена земјотрес го потврди ова. Земјотресите секогаш сакаат да ни покажат дека ние сме миг. Минлива прашина. Залудно трупаме, оти ќе нè снема за миг и нема да може трупаното да го понесеме со нас. Си го трошиме времето мразејќи. Живеејќи туѓи животи. Земјотресите сакаат да нè потсетат на сето тоа. Ние кратко време ја слушаме пораката, а потоа се враќаме на нашата омраза и злорадост.

Всушност, ние големите природни катастрофи или трагедии предизвикани со човечка промисла многу ги сакаме. Тие ни отвораат можност да се покажеме. Да, да, убаво прочитавте. Да се покажеме како лееме солзи. Колку сме сочувствителни. Дека се грижиме за туѓата несреќа. И ние сме, ете, скршени. Плус ќе покажеме колку сме хумани. А не како другите. Тие другите што не го шират својот траур по социјални мрежи како нас. Медиумите особено љубат трагедии. Гледаат материјална корист од нив. Но сите добро го знаеме тоа. Да се вратам на другите, тие што не шират траур. А ха, сомнително. Ене го, молчи. Ништо не постира на својот профил. Ниту солза, ниту сочувство. Сигурно, длабоко во себе, се радува на туѓата несреќа.

Така доаѓаме до гореспоменатите злорадосни деструктивци и случени катастрофи. Тие се во брак. Злорадосните и катастрофите. Живеат како едно. Дишат истовремено. А потоа следува ловот. Најпрво го излеваат својот лицемерен траур, а потоа тргаат во лов. Еве како изгледа тоа. Се случува земјотрес. Некој панично се буди. Таа паника полесно се поднесува ако ја споделиш со други. Отвораш социјална мрежа. На неа, многумина си го делат стравот. А тој стравот, вообичаено бега пред смеата. Со хумор се истерува. Тој некој напишал духовит статус за земјотресот за да го клоцне стравот. Без да знае дека тој земјотрес бил страшен, однел човечки животи. Ама ловците демнат. Оние злорадосните и деструктивните. И тргаат во својот моронски лов. Ги бараат оние што направиле „грешка“. За да споделат со јавноста. За потоа јавноста да го расчеречи „грешникот“. Оти таа, јавноста, тоа и го чека, немајќи во животот што да сака. А на злорадосните тоа черечење им е храна. Доста за нив. Постоењето ќе ги изблуе во нужникот на минливоста.

Во меѓувреме, Зоќи се чул со Грета Тунберг. По телефон. Забрчанец ни кажа. Ама тоа била лажна Грета. Пранкерка. Добро е што не е Гарбо. Нашиве ја пресретнале измамата. Така велат. Оставиле разговорот да заврши за да не забележи пранкерката дека е забележана. И тоа ни го соопштија. Ви се верува ли? Тие си мислат дека сите ние ги имаме нивните мисловни капацитети. Не можеше поглупаво да ни соопштат дека наскоро ќе слушаме како Зоќи муабети со „Грета“. Којзнае што ѝ кажал. Чиј број издиктирал. Може Гретава му ветила дека климатските промени ќе влијаат врз Макрон и тој ќе се премисли за датумот. Ама кога ќе излезе муабетот, ќе ни соопштат, ете ви рековме, ние ги пресретнавме. Ги пресретнале, бе. Ко да дешифрирале не знам каков код. Блиска средба од трета врска. Какви шарлатани!

Ама затоа владините медиуми веднаш се истопорија да ни кажат дека тоа повторно биле Руси. Лошите Руси. Гарант Путин не заспива дури не смисли нова заебанција што ќе му ја смести на нашиот блескав Зоќи. Лесно им е веднаш да ги обвинат Русите. Ама зошто, на пример, муабетот на Макрон со Вован и Ликсус траел петнаесет секунди, завршувајќи со зборовите на Емануел дека за тоа ќе разговараат кога ќе се сретнат (и нему му се претставиле како Порошенко), а со нашиов терале мајтап цели шест месеци, при што тој самиот им ѕврцкал, па толку им здодеал што морале на крајот да објават за да престане, е ова нема шанси да ни го објаснат. И сега пресретнале Руси. Кога ќе си го видам тилот, вели баба ми.

Како и да е, народ што дозволи пред нос да му ги укинат сите национални белези, со што практично престана административно да постои, само поради неговата себична комфорност (за да не ја изгубат сопствената беда, како што вели еден пријател), не заслужува ништо друго освен да гледа како моќта секојдневно му сервира безумност за голтање, зачинета со пропаганда дека кај и да е и тие еден ден ќе јадат бадеми и ф`стаци штом ќе добијат датум за преговори со ЕУ.