Ја издрибла ли ЕУ и Грција?

1891

Професијата политичар дозволува одредено претерување, но овој пат ептен дебело и неумесно ја претераа. Бидејќи не се случи ништо драматично ново и, пак за жал, ништо особено добро. Не, ова не се однесува за кај нас, далеку било. Туку се однесува за Европската Унија и за Грција, која „конечно ја надмина финансиската криза“. Така барем тврдат евробирократите, по уште еден во низата безбројни состаноци посветени на оваа тема. За жал, и овој пат се работи за безобѕирна измама

Министрите за финансии на 19 држави од еврозоната по (се разбира, драматичниот) состанок на 20 август во Луксембург издадоа соопштение: „Грчката криза заврши вечерва и овде!“. Европскиот комесар за економски прашања Пјер Московици инспиративно додаде: „Конечно дојдовме до крајот на патот, кој беше долг и тежок. Ова е историски момент“. Грчкиот министер за финансии Еуклид Цакалотос воскликна: „Јас сум среќен човек!“
Професијата политичар дозволува одредено претерување, но овој пат ептен дебело и неумесно ја претераа. Бидејќи не се случи ништо драматично ново и, пак за жал, ништо особено добро.

Вистина е дека тој ден истекуваше третата програма за финансиска „помош“, која пред 10 години ѝ беше наметната на Грција од страна на „светите тројца“ (Европската комисија, Европската централна банка и ММФ), како и дека уште многу порано беше одлучено да не се продолжи со програмата, туку да биде заменета со друг аранжман.
Овој нов должнички договор се базира на десетгодишно одложување на исплатата на грчкиот државен долг од 96,6 милијарди евра, кое стигнува за наплата во 2023 година. Услов за ова одложување е продолжението на строгите мерки за штедење и надзор над секоја влада што ќе ги применува. Грција има уште „семејно богатство“ за распродажба – пристаништа, инфраструктура, болници, острови…

Од 2033 до 2060 година е предвидено невозможно темпо за отплата на кредитите, бидејќи ратите би претставувале 60 проценти од државните даночни приходи. Но никој не е загрижен поради тоа, бидејќи дотогаш белки ќе се случи „нешто“ поради што ќе бидат отпишани кредитите. И по декади бескрајно страдање и опустошување на Грција и нејзините жители, во таа 2060 година, нивото на долгот во однос на грчкото БДП ќе биде 230 отсто. По првата деценија „спасување“, тој однос изнесуваше 180 отсто. На почетокот на кризата во 2009-та, долгот на Грција беше во рамките на подносливи 120 отсто од БДП. Господе, чувај нѐ од вакви успешни програми.

Јанис Варуфакис, бившиот министер за финансии во владата на Алексис Ципрас, а сега негов аргументиран и лут противник, изнесе заклучок: „Објективната процена на договорот за грчкиот јавен долг што го постигна еврогрупата би морала да донесе заклучок дека овој договор ја осудува Грција на трајно должничко ропство“.

Комитетот за поништување на незаконските долгови (CADTM), под водство на Вилијам Енгдал, познат антиглобалист, даде свој коментари за јавно достапните податоци. Од вкупно 300 милијарди евра што ѝ беа дадени на Грција за санирање на долговите, 77 проценти отидоа, директно или индиректно, во европскиот финансиски сектор. Значи, 231 милијарда, за кои беше кажано дека служат за „оздравување“ на Грција, всушност се искористија за спас на големи европски банки, пред сѐ на оние во Германија и во Франција. Покрај тоа, од 2016 година тројката, преку владини фондови, обезбеди уште дополнителни 47 милијарди евра за докапитализација на четири приватни грчки банки. Истовремено, Владата им дозволи на странски фондови и финансиски групации (како што е, на пример, групацијата „Полсон“) да откупат 74 проценти од акциите на овие банки, што беше и направено, за што беше потрошена сума од 5,1 милијарди. На грчките инвеститори не им беше дозволена оваа вносна зделка, во која вложените средства веднаш се враќаат, но зголемени за неколкупати.

Во годините на спроведување на ЕУ-програмата за помош на Грција, нејзиниот БДП беше намален за 25 отсто. Невработеноста е на ниво од 23,5 отсто, а помеѓу младите изнесува 40 отсто. Пензиите и програмите за социјална помош се намалија за цели 70 проценти. Над еден милион Грци живеат во семејства каде што никој не работи или просекот е помалку од три работни месеци годишно. Само 15 проценти од невработените примаат некаква парична помош. Пред кризата, ваквото право го користеа 40 проценти од невработените.

Националната стапка на сиромаштија изнесува 35,7 отсто. Данокот на ДДВ е зголемен од 19 на 24 отсто. До 2015 година, Грција ја напуштија 427.000, најчесто млади и високоедуцирани луѓе. Иронично, вработување наоѓаа најмногу во Германија, чии банки значајно придонесоа за сиромаштијата што ги натера да емигрираат.

Спирос Сакеларопулос, професор на грчкиот универзитет „Пантеон“, објави статија во која прецизно ги одредува победниците и губитниците во грчката финансиска криза. Најдобро поминаа француските, германските и американските банки. Си го повратија целиот вложен капитал и остварија енормни профити. Во самата Грција триста компании (претежно во странска сопственост) ги зголемија своето учество на пазарот и својот имот. Од 2014-та, грчката елита со само 565 припадници поседуваше лично богатство од 70 милијарди евра, што претставуваше 39,5 отсто од тогашниот БДП на Грција.

Актуелниот чин на грчката должничка трагедија нема да реши ништо за државата и нејзините жители. Но целта и не беше таква. Остварено е она што беше намислено. Системот на должничко ропство остана недопрен барем за уште малку време.
Навистина, поради што стана „среќен човек“ грчкиот министер Еуклид Цакалотос?
Можеби нешто друго е во прашање.

(Авторот е поранешен политички функционер во Црна Гора и во СФРЈ)