Јагулата

539

Студен е едно од старите народни имиња за ноември. Називот (ќе се согласи читателот) кажува повеќе за природата на месецот што измина одошто денес прифатениот назив. Меѓу другите подзаборавени имиња за ноември се и маглен, темниот, семник… – називи што му прилегаат. Бездруго, кога народот им кумувал на месеците, умувал искуствено и прагматично – поаѓал од временските услови или трудовите нужности, па имињата едновремено ги вестат предупредите на природата и полските должности на човекот (да споменам само некои од нив – сечко/лутиот (февруари), цутар/ветерна (март), тревен/лажак (април) или, пак, – косар/црешар (мај), жетвар/сенокос (јуни), златец/вршач (јули)…) Но напати, означуваат повеќе од „упатства за работа“ и небаре чуваат историја на еден вид или концизен запис за едно еволутивно патување.
Таков е „истемник“ (јануари) или „јагулата“ – уште еден од називите за ноември, кој упатува на истоимениот жител на Охридско Езеро. Имено, за крајот на овој месец се врзува почетокот на свадбениот пат на јагулата, долг над шест илјади километри, од истекот на Охридско Езеро и Црн Дрим, преку Јадранот, Средоземно Море и Атлантикот до Бермудите и Саргаско Море.
За „најдолгиот пат“ постојат многу трудови, записи, документарни филмови, песни…, кои во векот што измина научно ги растајнија опстојбата и верниот „препис“ на водната одисеја на јагулите.

Тајната е, технички кажано, во своевиден џипиес „вграден“ во видот, според кој се ориентира и регулира стремежот за самоодржливост и континуитетот на едно меѓугенерациско помнење. По игра на судбината, векот на тоа растајнување беше и векот на нејзино еволутивно погребување – со изградба на браните „Шпилје“ и „Глобочица“, по должината на природниот пат на јагулите.
Сепак, поривот за тоа „вечно“ патување, на истекот од темниот (ноември) и црниот (Дрим) – преживеал: поривот е отаде тајната на јагулите, во таинственоста на самиот живот (ворец). Нејсе. Македонската јагула сака да живее во Македонија, но не и да умре: нејзините гробишта се далеку во океанот – поетски растајнува Анте Поповски, а патувањето, (подвлекува поетот) – е најморален и најдраматичен дел од нејзиниот живот. Започнува во Струга, по обемни подготовки за долгиот пат, пат на неизвесности: по гозбата со последната „вечера“ сред езеро, очите ѝ се зголемуваат два-три пати, за да може навреме да ги познае душманите што ја чекаат на патот и во темница.
„Патничките“ (слатководните јагули се женски!) се групираат на истекот од езерото и чекаат „знак“ за тргнување: на студен(о), маглен(о) и во дождлив час. Тргнуваат во темница и во заедница, променети во маслинеста боја (како вистински партизанки!) што поцрнува „одејќи“ го трагичниот (но единствен) пат: за генерацијата што заминува, тоа е патување во еден правец, во име на продолжување на видот. На патот им се придружуваат последните (и први) дотогаш несретнати љубовници – јагулите од вливот на реките во морињата, со кои ќе поминат заедно низ сите струи и опасности, низ гребени и бури, и ноќум…

Последната станица (некаде кај Бермудите) на самото морско дно, е едновремено станица на љубов и смрт – по „прегратката“ на љубовта, следува онаа на смртта. Виделото е бесполезно на таква темница (а и љубовта е, нели, слепа), па очите им атрофираат и не го (з)догледуваат потомството, кое без нив ќе го врви назад патот и по „сеќавање“ – пат што ќе треба уште еднаш да се „изоди“ (но тогаш кон смртта), кога за тоа ќе бидат достатно зрели. Така, и „смртта, всушност трае колку што трае и животот“ (Анте Поповски), а раѓањето и умирањето, колепката и гробот – се сретнуваат на исто место.
Се сетив на јагулата од моето детство и помислив на сите јагули што го завршиле своето трагично патување – свадбениот пат кон љубовта и смртта… Се сетив на таа чудесна тајна на опстојбата и тој таинствен порив за продолжување на патот и видот, наспроти сите брани, на истекот од овој ноември (оваа „јагула“), во овој студен, маглен и темен час за Македонија и македонскиот народ и се прашувам – може ли нешто да се научи од јагулата и нејзиниот порив што трае повеќе од шеесет и пет милиони години, одвоена во животот од предците и потомците, а нескршната од патот на природата и самоодржливоста на видот?
Се сетив и на прекрасниот есеј за јагулата на поетот Анте Поповски и на зборовите: „Има Македонија големи гробишта, но нема место за гробишта на своите јагули“ и се прашувам – има ли Македонија гробишта за раздавање и има ли место надвор од неа што ќе ги собере нив?

Можно ли е во „суровиот“ (декември), македонскиот народ да одолее на поривот за самоодржливост и да (о)стане соучесник во изумирањето на сопствениот вид – катастрофата што започна на бреговите на соседното езеро, во Преспа? Можно ли е да го отстапи(л) кумството над македонскиот „свадбен пат“ – на месечари од лажни црвени билјари и богородици (синоними за јули и јуди)? Можно ли е да ги изгубил некаде на дното сопствениот џипиес и виделото за потомците, па се фрла во прегратките на сопствената смрт како во прегратки на љубовта?
Браните подигнати на патот на македонскиот народ (како и оние за јагулите) се внатре, на сопствена почва, а по суровиот (декември) следува истемник (јануари). Постојат темници од кои нема да истемниме, нема да нè раздени, скршнеме ли од него.