Ѕвездата е (од)родена

582

Македонија е на чекор да стане нова ѕвезда на небото крваво од бизнис-авантурите на една воена машинерија, а самата е „одродена“ ѕвезда што тоне сè подлабоко во живата кал „замесена“ од сервилните елити, но сеедно (или токму поради тоа) таа е
„супер“ според американски вкус и „нова“ според личните карти по етнички вкус

По големите претстави следуваат големи аплаузи. Некогаш и пред нив, како најава на големите очекувања од претставата. Но по големите аплаузи, секогаш следува време на тишина и ред. Но тишината пред добрите претстави не е иста со тишината по лошите претстави. Неа најдобро ја знаат лошите глумци – оние што залудно глумат добри улоги.
Македонија влегува во една таква тишина – тишина без исчекување, на духовно (и не само духовно) гладната публика. Го дочека неочекуваното и неочекувано – молчеше, како што молчи оној што е разнебитен и не чека добра вест од никого и од никаде. Оној што престанал да чека, а го изгубил духот за промени – најлошата „скршеница“ кај човек.
Човек што станал пепел. Зашто, каква е земјата – таков е и човекот, составен од поднебјето – она што е под неговото небо, она врз кое нагазува и обратно, она што гази врз него.
Тешко е да се претстави дека некогаш сѐ влегувало во оган за оваа земја, а ако сепак човек си претстави – станува уште потешко.

Претставата во која речиси сè беше (само)допуштено, е завршена (засега), а Собранието е распуштено. Предвреме, но сепак со едногласен аплауз.
Едногласност, која седмица порано се „поклони“ пред четирикраката ѕвезда на НАТО во законодавниот двор, со „порака“ – ѕвездата Северница е (речиси) родена! Само уште Шпанија да рече „си“. И би ѕвезда.
Ѕвездата на знамето на НАТО (усвоена во далечната 1953 година) претставува компас како симбол на „правиот пат“, во круг што симболизира единство и врз темносина заднина – Атлантски Океан.
Иронијата е доследна: не само во рамките на НАТО, кое уверено гази по криви друмови и неединство во сопствениот двор, туку и во нашиот двор: компасот за тоа „каде плови овој брод“ (она што остана од него) врти споулавено како во бермудски триаголник, а единството внатре се мери единствено со тесните партиски интереси и со понизноста на елитите пред „длабокото синило“ на Калето.

Македонија е на чекор да стане нова ѕвезда на небото крваво од бизнис-авантурите на една воена машинерија, а самата е „одродена“ ѕвезда што тоне сè подлабоко во живата кал „замесена“ од сервилните елити, но сеедно (или токму поради тоа) таа е „супер“ според американски вкус и „нова“ според личните карти по етнички вкус.
Накратко, таа е „супернова“: само навидум нова ѕвезда што блеска посилно, а всушност е ѕвезда што умира поради гравитацискиот колапс длабоко во сопственото јадро. Земјата што умира е слична на ѕвездата што умира (пред неколку години и телескопите открија дека црните дупки може да се „родат“ и без експлозијата и блесокот на суперновата, ами тивко и незабележително). Така гасне и оваа земја – во тишина на привиден ред, како вовед во хаосот.
„Глумците“ заминуваат (засега). И сами на себе си ракоплескаат.
Пред портите – тишина. Но тоа не ги вознемирува. Напротив, веројатно ги смирува. Не им треба публика да ја одиграат „претставата“. Добрите глумци играат вдахновено и пред еден гледач, додека лошите глумци играат бездушно и пред цел еден народ. Најдобро е без него. Само тогаш и само така, најдобро (се) играат, меѓу себе и за ВИП-ложата од дипломатските претставници, но никогаш за домашната публика. За неа, ако треба ќе се маршира, за да се скријат празните места во публиката. Последниве сепак се потребни, особено нивните поделби, зашто од нив долу се „лепи“ медот во горните редови. Но за тоа – потоа, прво да запролети.

Бескрајните делби сепак имаат една „лоша“ страна: ги расипуваат надежите и ги раситнуваат очекувањата за подобра демократска претстава, во чија реприза уверуваат „глумците“ во заминување. Поинаку кажано, големите очекувања заминаа на буништето на демократијата, а по нив и голем дел од гласачкото „јато“ одлета во посеверните земји, додека уште еден вреден дел се подготвува да замине таму, пред првата птица на пролетта, поточно, веднаш по први март: Германија го отвора своето небо (и земјата) за ретките птици од јужните краишта. А Македонците се докажани како ретки птици, како феникси. Од пепелта ќе направат оган и огниште (но, за жал, и обратно). „Поретки“ (поразредени) нема, а заминуваат најчесто повештите – побогати со мајсторски вештини, но економски посиромашни и политички „невешти“ да си го наплатат трудот во оваа земја. Оние што долго летаат во место, а никако да слетаат на нешто цврсто и плодно.
Не им треба веќе ни златниот бугарски лав како пропусница за ЕУ, кога за „грб“ го имаат германскиот црн орел со црвени нозе и јазик, на златна заднина.
Во истата црвено-црна комбинација продолжува везот на строгата македонска песна и печалба – песна од копнеж и песна од мака: „едниот буди морничави таги“ (црниот конец), а „другиот копнеж и светол и стрвен“ (црвениот конец).

Под закрила на орелот во новата земја ќе раскрилат македонските „феникси“ да ги видат „белите мугри“ на Берлин, Минхен, Франкфурт и Штутгард… Можеби на помалку златна заднина од очекуваната, но сепак заднина за некаков лет и некаква „трудбеничка“ пролет. Во тишина на сонуван ред.
За крај на колумната еден куриозитет: додека кај нас траат години на бучна национална распродажба, медиумски прекроена во новоговорот на Орвел и спакувана во брзи законски решенија, во Нов Зеланд синџир супермаркети воведуваат час за тивко купување, за луѓе со аутизам и анксиозност, или едноставно, за лица чувствителни на стрес.
За време на тој час, светлата и музиката се намалени, а вревата на вработените е сведена на минимум.

Часот на тишина овде (не за купување, ами за живеење) е можен само кога елитите спијат. Но, за жал, тие никогаш не спијат, а будни сонуваат: да се вратат на штиците што живот им значат, во старите собраниски „гнезда“, каде што се изведуваат само јајцата на „кукавицата“. Но за тоа сепак, ќе им треба уште еден аплауз (покрај сопствениот) – оној што ги најавува очекувањата на публиката. Зашто по кратката тишина, ќе дојде време на големите „шамари“. Или на големи преселби, зашто „sve je vise barbara, a sve je manje Rimljana“ (Бајага).
По нив ќе нема ни кој да аплаудира (одамна нема за што), а бесмислено е сам да си аплаудираш толку долго, уште и за толку лоша глума.
„Ѕвездата“ е родена долго пред сите „глумци“. Но и треба повеќе од добра среќа да ги надживее. И треба публика: како дел од театарот, како гравитациско јадро.