Ѓаволскиот ѕид

2441

Независно дали е дело на природата или на човекот, Ѓаволскиот ѕид останува (незаштитено) чудо среде пустошот, како што поделбите околу македонските
граничници на „Медена земја“ се извесно – исклучиво дело на Македонците. Само крвта ја знае несреќната причина зошто станува употребена како врзивна материја во ѕидовите на поделби на оваа земја

„Медена земја“ е документарецот за кој најмногу се зборува во пресрет на „оскарите“ и со причина: прв е во оваа категорија со две номинации за „оскар“ во историјата на „оскарите“. Па сепак, е најозборуван на социјалните мрежи и како предмет на (партиски) поделби.
Се поставуваат меѓници и разграничувања – чија е земјата, а чии прстите во медот на успехот? Не помогна ни фактот што филмот го собра „медот“ по фестивалите низ светот. Мора нешто во крвта на овие простори да ја носи несреќната причина зошто и од вакви мостови од Македонија кон светот, се вадат потпори за разделници и ѕидови во оваа и онака поделена и обезмедена земја…

„Медена земја“ е меѓу ретките творби во бојата на медот што се родија во оваа земја од нејзиното „препакување“ како шеќерна приказна од иднината.
Можеби единственото нешто со автентична блажина. Тешко дека ќе ве остави рамнодушен. Но не поради медот. Нешто посилно од сетилата ве влече таму, во таа „земја“. Побистро од очите. Погусто од медот.
Приказната за „Медена земја“ е поголема од Македонија, многу поголема, а ја собира во едно човечко срце. Како она на Атиџе. Всушност, само таму ја собира.
Кога би ја замислиле Македонија како човечки организам, местото Бекирлија (местото каде што е снимен филмот) одговара на пределот на човечкото срце, поточно некаде во десната преткомора. Топлината на човечка крв може да се почувствува во секоја сцена. Особено „зуењето“ на крвотокот. Може да го „слушнете“ и покрај тишината на платното. Најмногу тогаш. Кога молчи маката или кога зборува студот околу срцето на Атиџе. Нема да ви „дозволи“ да задремете во комфорот на гледачот. Ќе видите.
Ќе видите – матица, среде пустелија и голотија, како што вели (и видува) една пријателка поетеса и пчеларка (Цветанка Колева): „Душата на една жена распослана храна за пчелите.“ Жена – стоик. Со дух на искален борец, а со од на миротворец.
Помирена со судбината, а плови низ неа судбоносно. Со мирнотија што бранува.
И ќе ве боцне. Ако не една од дивите пчели во филмот, тогаш питомоста и кроткоста на Атиџе.

Можеби е последната жена одгледувач на диви пчели во Европа. И (по)извесно – една од последните „отпорници“ пред налетот на капитализмот – „конквистадорот“ во најзафрлените места на Земјата и незаобиколно – во медената земја…
Приказната на филмот, верувам, стигнала до секого, на еден или на друг начин.
Како приказна за пчелите или приказна за Атиџе. Како приказ за нарушената природна рамнотежа поради човечката алчност или како приказ за една совршена симбиоза меѓу човекот и природата, заснована на рамноправна делба на плодовите од трудот, овде – на медот.
Може да ве вознемири или да ве смири. Да ја изгубите вербата во иднината на светот или да ви ја поврати вербата во човекот.
Може да послужи како идеен коректор на економскиот систем заснован на максимизација на профитот или како практично упатство за самоодржливост на една човечка заедница.
Всушност, таа е сето наведено и повеќе од тоа. Неисцрпна е, како и секоја уметничка творба по мера на убавината. А приказната е убава, зашто е составена од убави нешта: човечко суштество „украсено“ со љубов и емпатија, со скромност и достоинство. Атиџе е среќна не само со она што го има и со она што го споделува со другите (луѓе или животни, сеедно), туку и со она што го нема и сè она што ја опкружува.

Но и тука изникна ѕидот на поделбите на социјалните мрежи: Колку е приказната убава за „нас“ или колку сме „ние“ убави во приказната? Како нè облекува таа како држава за светот? И особено, како нè соблекува пред него? Небаре уметникот е моден креатор на вистината, а не креатор на својата вистина за светот.
На неколку километри воздушна оддалеченост од Бекирлија се протега долга камена творба позната како Ѓаволскиот ѕид. Камењата се споени со црвеникава (како крв) врзивна материја.

За автор на овој раритет се смета неуморниот неимар – природата, но некои научници го сметаат за човеков труд. Со оглед на непристапноста на теренот и тежината на огромните камења (и по четири тони), за поверојатно се смета првото.
Народните преданија, пак, авторството им го припишуваат на надземни сили, поточно на ѓаволот лично. Според последново, ѓаволот за малку не успеал да го догради ѕидот и да го поплави Овчеполието со Брегалница. Бил спречен од песната на петелот.
На ваквите верувања се надоврзуваат и приказните/сведоштва за посети на НЛО, но и хеликоптери на НАТО. Во потрага по скриено богатство или во потрага по ѓаволот, останува мистерија, како и самото потекло на ѕидот.

Но едно е потврдено: недалеку од ѕидот, во самите карпи живеат голем број пчелини семејства, слично на оние во „Медена земја“ – уште една мистерија поврзана со ова место: она за потеклото на пчелите далеку од секое населено место. Ѓаволскиот ѕид се наоѓа, можеби, во најголемата пустош во Европа, а сепак е полно со пчели и мед.
Независно дали е дело на природата или на човекот, Ѓаволскиот ѕид останува (незаштитено) чудо среде пустошот, како што поделбите околу македонските граничници на „Медена земја“ се извесно – исклучиво дело на Македонците. Само крвта ја знае несреќната причина зошто станува употребена како врзивна материја во ѕидовите на поделби на оваа земја.
„Медена земја“ останува меѓу ретките приказни од овие простори каде што медот (баал) не е во друштво на крвта (кан). Барем не онаа пролиена за „медот“ на овој цивилизациски крстопат низ историјата – онаа за која и уставно останавме рамнодушни.

Но нема да ве остави рамнодушни. Оставете да ве „касне“ неговата убавина.
Можеби не може да го спаси светот, но може да ги спаси убавото и човечното во секој поединечно. И да нè врати чекор поблиску до природата и чекор поблиску до човечноста. Додека ѓаволот не се вратил да го догради ѕидот со помош на човекот. Тешко тогаш ќе го одврати песната на Атиџе и пчелите, ако не запееме со неа. Ако не си ја прибереме крвта подалеку од ѕидот на поделбите.