Што научивме од пожарите?

177

Можеби Владата ќе најде за сходно да одговори за мерките и активностите преземени од 2019 до 2021 година, но доколку се погледне реакцијата на пожарите во 2021 година, брз заклучок е Владата не направила ништо

„Тажни се сцените на теренот и ги споделувам тагата и загриженоста со граѓаните… Ќе одговараат сите што потпалуваат и горат човечки судбини“, изјави премиерот Зоран Заев. Не е лажна вест, само не се однесува на трагедијата во Тетово, каде што одговорноста се разводнува и забошотува. Во истото обраќање Зоран Заев ќе продолжи: „По вакви катастрофи, локалните самоуправи ќе мора да ги менуваат приоритетите. На врвот мора да бидат безбедноста и здравјето на граѓаните и животната средина. Владата ќе продолжи да го поддржува јакнењето на капацитетите на општините, а тие ќе треба да им посветат повеќе внимание на противпожарните бригади и на другите сегменти за превенција од кризи“. Да, ова е изјава во контекст на еден шумски пожар. И не, не е ова изјава по шумските пожари во источниот дел од Македонија ова лето. Ова е изјава дадена пред две години, на 28.8.2019, по големиот пожар кај езерото Младост, Велес. Следуваат ветувања за брзо зашумување на опожарениот простор, но тоа ветување не е предмет на овој коментар.
Како летото поминува, се ближи дождливата есен, полека годинашните пожари паѓаат во заборав, сѐ до некои нови пожари за две, три, четири години. Тогаш ќе го поставиме истото прашање што се поставува сега: Што е направено на национално и локално ниво, за две години од пожарот во Велешко, до годинашните пожари? Што направија Владата и премиерот Зоран Заев од 2019 до 2021 година за јакнење на капацитетите на општините, со повеќе внимание на противпожарните бригади? Можеби Владата ќе најде за сходно да одговори за мерките и активностите преземени од 2019 до 2021 година, но доколку се погледне реакцијата на пожарите во 2021 година, брз заклучок е Владата не направила ништо.

За волја на вистината, не Владата, туку претседателот Стево Пендаровски овој месец направи еден чекор, а тоа е поставување на прашањето на поставеноста на системот на управување со кризи, на седница на Советот за безбедност. Советот за безбедност донесува заклучок: „Владата, во најкраток можен рок да формира работна група, која ќе ја согледа состојбата со системот за управување со кризи. Имајќи ги предвид неодамнешните состојби со пожарите, работната група треба да предложи конкретни мерки за системот за управување со кризи да биде пофункционален и поефикасен“.
Советот за безбедност укажува на можеби најважниот проблем – системот за управување со кризи. Бидејќи е илузија да се очекува дека локалните противпожарни единици и локалните самоуправи може да се справат со пожари како тој во Велес во 2019 година или годинашните пожари. Да, точно е дека во противпожарните служби фалат над петстотини пожарникари и дека просечната старост на противпожарните возила е 28 години. Но дали може да се очекува од една локална самоуправа како Берово, на пример, да одржува редовен противпожарен капацитет во вработени и модерна противпожарна опрема, на што е ставен акцентот по пожарите. Да, Австријците имаат модерна опрема, ама тимовите не се професионални туку доброволни, бидејќи и за Австрија е прескапо да се држат голем број вработени пожарникари.

Тоа нѐ носи до прашањето на доброволните противпожарни здруженија (ДПЗ). Тоа е една од најстарите форми на доброволно здружување или по модерно граѓанско општество во Македонија. Во 1954 година има над 500 такви здруженија или биле повеќе од половина од вкупниот број на постојни здруженија. Со транзицијата, како се убива духот на доброволна работа, нивниот број се намалува, до 2003 година паѓаат на помалку од 100, а исчезнуваат до 2008 година. Во Законот за пожарникарство има поглавје за ДПЗ, но веројатно само на хартија. Која било стратегија за управување на кризи мора да ги вклучи ДПЗ како можност за мобилизација на ресурси во случај на голем пожар. Ако не знаеме како, да прашаме некој од пензионираните живи членови на ДПЗ, или да прашаме во Словенија и во Австрија, каде што има активни ДПЗ.
Понатаму фокусот од гасење и пожарникари мора да се префрли на превенција од шумски пожари, со мерки како парцелизација на шумите. А и во гасењето, планирање пристапни патишта и хидрантска мрежа може многу да го олеснат справувањето со пожарите во рана фаза.
Да се вратам на системот за управување со кризи. За да се направи тој пофункционален и поефикасен, мора да има стратегија, од која ќе произлезат надлежностите на институциите на национално и локално ниво. Иако со прв поглед на системот за управување со кризи можете да сфатите колку тој е нефункционален и служи горе-долу за вработување партиски кадри. Во тој систем се: Центарот за управување (Стојанче Ангелов), директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (Беким Максути) и Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи (Зоран Петров), АРМ, МВР, противпожарни единици итн.

И на крајот за финансирањето. Нема стратегија ниту значаен напредок без зголемување на финансирањето. Славко Лазовски, даночен експерт, предлага да се воведе прирез, како нова јавна давачка, со намена – осовременување на пожарникараството. Прирезот е мала јавна давачка, по стапка од 0,1 до 1 процент, но не повеќе од 3 до 4 проценти. Трошоците на собирање се мали, бидејќи се пресметува од некој претходен данок. Се применува две, три, најмногу четири години. Доколку се покаже ефективна, може да продолжи уште за толку време. Нејзината предност е во тоа што за краток временски период се постигнува „скок од седум милји“. Друга можност е наменските средства да се обезбедат од надоместок на горива за фонд за зелен развој.
Доволно научени лекции и можности за подобрување, да демонстрираме како општество и држава дека имаме капацитет да учиме и да се подобруваме!

#ДоброволниПротивпожарниЗдруженија #ДПЗ
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek