Што ако?

3644

Гога победи во вториот круг. Добивме жена претседател. Октроираната власт доживеа колапс. Секако дека го погазија дадениот збор. Алчни, неспособни и деструктивни одбиваат да распишат предвремени избори. Си продолжуваат по старо. Тендери, задолжувања, терор врз неистомисленици. Во меѓувреме глобалистите доживеаја гаден пораз од суверенистите на парламентарните избори во ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ го користи овој период, работи на терен, зацврстува позиција. Движењето БОЈКОТИРАМ се ребрендира во политичка партија со цврста национална агенда. Нашето иселеништво се обединува.

Создава влада во егзил на Република Македонија. Вака етаблирани започнуваат да вршат притисок на сите можни нивоа насекаде низ светот. Доаѓаат избори. СДСМ доживува пасокизација. Целосен дебакл. И го заслужија тоа поради сите велепредавства. Сега власта е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, партијата на поранешното движење БОЈКОТИРАМ, Алијансата на Албанците. Започнува вистинска соработка помеѓу државата и иселеништвото. Стартува судски процес пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Затоа што беше поништена референдумската волја на граѓаните. Беше создадено двотретинско мнозинство на криминален начин по пат на уцени, закани и амнестии. Потпишан е договор со кој се погазени сите уставни одредби. Затоа судот во Хаг го поништува Преспанскиот договор. Паралелно кај нас се спроведува целосна реформа во судството. Уставниот суд ги укинува сите антиуставни договори. Особено Преспанскиот. Република Македонија е повторно жива. Внесен е амандман во Уставот. Никој повеќе под надворешен притисок и уцена не може да ги промени името и идентитетот. Потоа продолжуваат да работат за оправање на државата.

Телефонот ме разбуди од убавите соништа. Погледнувам низ прозорецот. Надвор Стево врти сиртаки. Среќен е. Победил на избори. ВМРО-ДПМНЕ си ја мава главата затоа што не биле доволно јасни пред народот околу своите ставови. БОЈКОТИРАМ претура бројки од шупливо во празно за да пресмета како се случил цензусот и пишти… на Фејсбук. Иселеништвото, како и ние тука, продолжува разединето да си тера некаква битка со ветерници. Повторно, како илјадапати досега, победи антимакедонската кауза. Вака некако ќе биде како што стојат работите на терен..

Се изедовме меѓу себе. Го разјадовме патриотското ткиво, кое се обедини околу референдумот. Не ги искористивме неспособноста и ароганцијата на октроираните политички марионети. Поинтересно ни е да се тепаме меѓу себе. Не се најде никој да се сети ниту во опозицијата, ниту кај бојкотирачите, да повика да се седне на маса, да се направи џентлменски договор. Заедничка стратегија. Секој секому УДБ-а му е. И удобно ни е така.

Пред првиот круг добивав различни совети и прашања. Треба да излезеш да гласаш, ми вели пријателка, искрен патриот. Остај ме на раат, ѝ велам нервозно. Не те гледам да ја поддржиш нашата кампања за бојкот, ми вели пријател, искрен патриот. Глеј си работа, му истресувам грубо. Аман човеку, кажи што да се прави, нè избезумија, ми вели непозната жена на улица. Такви сме најмногу. Оние што нè избезумија. Оние на кои не ни е сè јасно за разлика од другиве што се убедени дека сè знаат. На Фејсбук. Послушај си го срцето, одговарам, и не ги тероризирај другите со одлуката што ќе ја донесеш. Ниту ги вреѓај оние што донеле поинаква одлука. Кога веќе не сме способни да се договориме.

Ме нервираат вмровците, нивната нејаснотија и недореченост, кокетирањето со Европската Унија. Ме нервираат бојкотирачите, нивната агресивност и гнев, ако појачаат уште малку, ќе го стигнат наративот на хистеричната шарена интелектуална бижутерија. Најмногу ги разбирам оние што молчат, кои се збунети, кои не вршат вербално насилство врз другите, затоа што внатре во себе чувствуваат дека душата им е распната.

Што направивме Господи, свикувам искрено во мислите. Одговорот ми доаѓа веднаш. Во мислите. Ви ја срушија куќата. Вие ги зедовте камењата и почнавте со нив да си ги кршите главите. А можевте од тие камења храм да соѕидате. Искрено ви велам, тоа се зборовите што минаа низ мене, откако во себе го поставив прашањето.
Премногу нејаснотии ги измачуваат луѓето. Што ако гласам, ако победи Силјаноска, ако сето тоа е затоа што ВМРО-ДПМНЕ договорило бетонирање на Северџанистан со ЕУ и НАТО? Што ако гласам да победи Пендаровски, а мојот глас обезбедил цензус за такво нешто? Што ако не гласам, ако пропаднат изборите, ама власта употреби едно од трите можни сценарија: собранискиот спикер станува в.д. претседател, се направат уставни промени за избор на претседател во Собранието, се изгласа намалување цензус, што сум направил тогаш? Што ако не гласам, а сепак има цензус и победи Пендаровски? Премногу прашања, премногу нејаснотии.

Мене ми се мотка низ главата уште едно сценарио. Излегувам да гласам. Победува кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателката веднаш ја започнува правната битка за враќање на уставното име. И ја продолжуваме борбата. Или Гога победува, но заедно со партијата што ја кандидира, ги изневерува очекувањата на оние што никогаш нема да ја признаат нелегитимната Северна Македонија, а тоа дава можност сурово да бидат казнети со игнорирање на следните предвремени или редовни парламентарни избори. Поедноставно кажано, океј, ќе ве изгласаме, ама пазете, ене кај се изборите. Јас мислам редовни, оти по катастрофата на СДСМ од првиот круг, не верувам дека ќе распишат предвремени. На крајот на краиштата, кај нив никогаш и немало демократски капацитет. Како и да е, ете ме и мене со уште едно сценарио, кое може да биде опција. Можеби ќе ви помогне. Простете ако дополнително ве збунив.

Како и да е, тука ќе запрам. Неправедно е да ви додавам сол на раната среде најголемиот празник, победата на животот над смртта. Овие денови ќе продолжам да го молам Бога да ми го даде вистинскиот одговор. Ќе мирувам до понеделник. Во вторник наутро ќе ви соопштам што сум одлучил и зошто сум одлучил така. И нема да се пенавам дека мојата одлука е најпаметна и мора да ја прифатите. Ниту ќе врескам навреди по вас ако сметате дека грешам.

Христос воскресна!