Шармот на Амстердам и новата инквизиција

2567

За промена, да го тргнеме настрана последното вето во колекцијата, а и оној смешен детаљ дека државава е толку моќна што дури трипати мора да потврдува дека нема територијални претензии кон други држави, НАТО-сојузници (Македонија до Австралија, Македонија до Александрија). Битката против фашизоидните барања на членки на ЕУ мора да се води (барем јас така гледам на тоа) за слободна и демократска Македонија. Пирова победа ќе биде ако не попуштиме пред уцените, а ја изгубиме моќта да се организираме на слободарски принципи внатре.
Одамна напишав дека преспанска Македонија (а и побугарена) ќе биде можна само со репресија и со пендрек, од „нашите“. Пендрекот го користат и вистинските полицајци, ама и полицијата на мислата од „прогресивните кругови“. Но овој централен фокус не нè амнестира од мижење пред континуираната ерозија на слободата, со измислување нови „механизми на мониторинг“ зад кои сега стојат невладините цензори.
Последен пример е хајката на коалицијата „Маргини“ против универзитетски учебник. Да, и јас бев еден од (многу) ретките гласови што се дигнаа – не на страната на колегата или на неговото дело (кое ни јас не сум го прочитала, како ни 99 отсто од оние што шират хистерија по социјалните мрежи), туку во заштита на слободата на академското творештво и уставно гарантираната автономија на универзитетот. Дури и ако се учебниците лоши, судот не може и не смее да го цени тоа. Впрочем, судот и јавноста мижат пред плагијати и купени дипломи, ама сега ќе оценува дали европски вредности се внесени во наставна програма!

Сето ова, во близината на Меѓународниот ден на човековите права создава дежа ви чувство, барем кај дел од нас што се мобилизиравме против обидот на Груевски да воведе државна тутелажа врз универзитетот. Пак на истата почетна точка, само сега немаме државни службеници како авторитети, туку НВО-активисти. Протестите од 2014/2015 година беа мотивирани од намерата државата да го супституира универзитетот.
Тоа што подоцна движењето беше киднапирано и претопено во однадвор поттикнатата обоена револуција за смена на режимот, regime change, т.е. инсталирање на Заев, овој што имал тага во очите поради ветото на Софија, е друг падеж (за кој сум пишувала). Хајката против колегата и подигната тужба за ширење говор на омраза меѓу студентите, за омаловажување на жените, фаворизирање на хетеросексуалните врски, јакнење на стереотипи во врска со сексуалните малцинства и трансродовите лица, е само врвот на сантата мраз и патоказ како овде ќе се стемнува сè повеќе во име на западните вредности. Тужбата сама по себе не е ништо страшно, освен што може да биде опасен преседан: денес за родовите прашања и сексуалните малцинства, утре за сè друго! Дури и да не биде прифатена, секој професор станува глинен гулаб за јавно дефамирање ако не се држи до вредностите наметнати од цивилното општество, кое не е ни компетентно, ни надлежно за оценување научни трудови (дури и кога се лоши). И кога е проследено со моќна кампања преку социјалните мрежи, и тоа на вешт начин со сликички и исечоци што ја „скандализираа“ инаку ептен либералната македонска јавност, е нешто што заслужува внимание.
Не е дефанзивен став ако кажам дека мојот светоглед е инаков од она што му се импутира на колегата. И порано сум зборувала дека дискриминацијата по основа на пол или сексуална определба е непримерена, а човековата интима и слобода заслужуваат највисока заштита. Тоа им го зборувам и на студентите од првиот семестар, додека се сè уште збунети и ненавикнати да зборуваат за „такви работи“ (бидејќи ова е во основа патријархално општество).

Но студентите се полнолетни млади луѓе, не се ни деца ни инфантилни, ниту ученици што дошле да „бубаат“ сè што им се сервира (замислете, ако беше така со сите дипломирани правници, правосудството ќе цветаше). Овие од НВО се жалат дека студентите доаѓале на универзитет со стереотипи, а професорите не успевале да им го сменат умот за четири години. Универзитетот е слободна зона во која негуваме критичка мисла, бидејќи слободата е секогаш слобода да мислиш различно (Роза Луксембург). Нема наука и прогрес и без оспорување авторитети (вклучувајќи ги и тие на професорите, ама и на Платон, Аристотел, Фројд). Се обидуваме да им покажеме на студентите дека нештата се ретко кога црно-бели, дека во општествените науки нема егзактни „вистини“, дека моралот, па и правото се одраз на времето и општествените услови итн. НВО-секторот сака да ги заштити од нас, бидејќи високото образование (целото?) било расадник на стереотипи. Грујо правеше испитувања на јавно мислење кога сакаше да го растури УКИМ, прашувајќи и учени и неучени граѓани. НВО-секторот денес не е поразличен: и тие цитираат некое свое истражување, се служат со медиумска пропаганда, а сега и со тужби.
При донесувањето на новиот закон за високо образование, барале воведување на системски „механизам за мониторинг и контрола врз наставните содржини“ однадвор! Па тоа го немаше дури ни кај Грујо (иако наметнуваше некои од преведените странски книги). Велат, ова сега е нова практика на употреба на т.н. тужби од јавен интерес (actio popularis), поради вознемирувачки содржини во учебници; бараат нивно повлекување, замена со поинакви научни ставови и јавна осуда (посрамување, shaming) на авторот и рецензентите. Новинарката на „Слободен печат“ е дури и поамбициозна: „Ќе ги чешлате ли учебниците однапред или ќе реагирате дури откако ќе се објават? “. Слушате и не можете да верувате дека овој разговор навистина се води.
Неизоставно се споменува ревизија на содржините во високото образование „затоа што се стремиме да влеземе во ЕУ каде што се искоренети ваквите појави“. АМАН! Бараат ова да влезе во закон, а судот да има последен збор. Така ќе се подобрело високото образование (поточно ќе се дисциплинирал). Веќе слушам колеги што велат: не пишувам учебници, бидејќи овие се поголеми професори од професорите!

Навистина, чуму образование до докторат, чуму рецензирање, чуму наука ако има само една вистина, и таа е нивната, енџиоовска (за ЛГБТ, за НАТО, ЕУ, капитализмот)! Дај, нека седнат и нека ни напишат учебници по сите предмети, баш како што сега некои ја пишуваат историјата. Барем ќе знаеме што смееме, а што не смееме да зборуваме или пишуваме. Не знам дали сум јасна: овие кербери, ако сакаат и ако се доволно финансирани однадвор, ќе ги „чешлаат“ научните трудови (кои ако се добри не се политички коректни), па ќе ги палат среде плоштад за да не ги расипуваме младината и европската иднина!? Ова е бледа копија на cancel culture (култура на отстранување на неподобните), а Фаренхајт 451 е иднината!
Инаку, на Запад имало и има безброј ситуации во кои студентите им го вртат грбот на професорите или го напуштаат часот ако некој задрт поборник на милитаризацијата, слободниот пазар или Трамп се обиде да им го пере мозокот. Но авторитарноста и политичката коректност навлегуваат сè повеќе и таму: во Британија врвни професори остануваат и без работа или острахирани затоа што го критикуваат „системот“. Не се согласувам со многу тези на колегата, но ценам дека тие се одлична основа за отворена дебата, ама на универзитетот и меѓу еднаквите. Јавноста не е исклучена, но не е квалификувана да оценува научни дела. Таа постапка се вика peer review, рецензирање од колеги со исти квалификации и академски степени. Она што навистина недостига, а за тоа не ми требаат „Маргини“, е академска дебата, вадење на „ракавиците“ и „дигање во воздух“ преку објавени рецензии во академски списанија или на трибини, и за книги и за докторати. Но под услов и на другата страна да ѝ дадеш можност да зборува.

Јанаков е на столбот на срамот, осуден со илјадници одвратни коментари на ФЕЈСБУК! Ви се верува ли? Тврдат: доминантното јавно мислење на ФЕЈСБУК смета дека книгата е смет и скандалозна, а се разбира никој не ја ни прочитал, освен „кројачите“ (сечено, лепено). Како дел на истиот факултет, ќе посведочам дека ниту еден колега (психолог или друг) не станал на Наставнички совет и не објавил негативна рецензија на делото на колегата кого лицемерно свечено го испратија во пензија пред три месеци. Некои од нив соработуваат со „Маргини“, ама, ете, молчат во својство на професори, а суфлираат како активисти! Сериозно очекувам „системски“ да нè тужат за вознемирувачки содржини кога ќе пишуваме (всушност во мојот случај не е ќе, бидејќи е веќе напишано) нешто што не одговара на европските и северните догми (впрочем, чиста лага е дека во ЕУ тие работи се надминати и сите хомосексуалци и трансродови лица живеат во толерантни и емпатични општества; за Полска и Словачка си знаете, ама ќерка ми среде Холандија протестира за правата на овие лица, и против исламофобијата и шовинизмот против мигрантите – и горда сум на неа, бидејќи борбата за човекови права се води непрекинато). На ум ми паѓа онаа стара теза изрека дека општествата повеќе се вознемируваат за капка сперма отколку за море крв, во обратна смисла сега. Денешниве цензори и инквизитори молчат како залиени за сета социјална беда, приватизација, класна борба, социјална нееднаквост и милитаризација што доаѓа од Западот, ама битни се сексуалните слободи, дури и по цена на задушување на слободата на мислата (па би казнувале за thought crime, дело сторено со мисла, како кај Орвел). Утре ќе ме тужат за ширење говор на омраза против ЕУ и НАТО, бидејќи кај нас и мировните студии се милитаризираа до степен на глорификација на воени алијанси.

За да биде циркусот комплетен, загрижениве за третманот на жената во учебникот, четврта година по ред, секој декември, приредуваат (цитирам): „Скопје ред лајт дистрикт“ како уметничка инсталација за да го отслика шармот на улицата на црвените фенери со бордели во Амстердам. Улицата на црвените светла претставувала симбол на слободниот и толерантен став кон најстарата професија на светот. Објективизираните женски тела, девојките на излог, деновиве ќе бидат изложени пред Универзалната сала. Каква далековидост и хармонија со „генијалните“ идеи на Заев и фамилијата за Македонија. Патем, се сеќавате на изјавата на Заев за жените во неговото семејство, што си гледале женски работи додека мажите насамо го терале бизнисот? И за Македонија како мома за мажење за богато момче? Да, само Јанаков да го обесиме, сè ќе биде во маргините на неолиберализмот на периферијата северџанска.