Шарена револуција или шарени лаги?

Секако дека има обиди за партиски влијанија и дека политичките партии се обидуваат да ги употребат граѓанските движења и акции во свои цели, што не значи дека целите на граѓанските движења не се легитимни

Петгодишнината на Шарената револуција е повод за оцена на граѓанското општество и активизам во Македонија. Вообичаениот наратив за граѓанскиот активизам е дека по независноста како печурки се појавиле граѓански организации и движења; со чест на исклучоците туркаат туѓа или скриена агенда, често личен интерес; влијаат на државата под влијание на туѓи држави или политички партии. Овој наратив, всушност, е низа на предрасуди и стереотипи, формиран генерално од десницата веднаш по независноста, за кој има долга истражувачка работа, која аргументира спротивно. Едно од најзначајните истражувања, Индексот за граѓанското општество на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) е сеопфатно, аргументирано и спроведено неколкупати минатите децении. Еве неколку контрааргументи на погорниот наратив.
По независноста како печурки се појавиле граѓански организации… Точно е дека по независноста се појавија нови организации, кои себеси се нарекуваа невладини организации. Но негацијата на историјата на граѓанското општество во Македонија е исто како да тврдите дека македонски јазик постои од 1944 година. Граѓанското општество дефинирано како „дел од општествениот простор надвор од семејството, државата и пазарот, кој е создаден од страна на индивидуални и колективни акции, организации и институции заради постигнување заеднички интереси“ е многу пошироко од невладини организации и од здруженија на граѓани и фондации, и вклучува и синдикати, и деловни здружувања, и цркви, и верски заедници.

Што се Младата македонска книжовна дружина (ММКД) во Софија во 1891 година, Македонското научнолитературно другарство (МНЛД) во Санкт Петербург ви 1902 година или ВМРО, а не граѓански ангажман? Што се вакуфите или завештанија за верски, просветни и хуманитарни цели ако не историски фондации? Во 1954 година во Македонија имало регистрирано 1.004 здруженија. Да, 1954 година. Пред независноста, во 1990 година имало 4.203 организации. Тој број се зголемува во 1998 година на 6.526, по што следните години опаѓа на 3.433 поради пререгистрација и бришење на згаснатите организации. Во 2009 година здруженијата и фондациите биле 10.700 на број, со над 2.000 вработени и околу 93 милиони евра буџет. Колку за приказ на разнообразноста од тоа, околу 3.000 здруженија со 19 милиони евра буџет се спортски здруженија, 177 здруженија со околу 9 милиони евра буџет се професионални и струкови здруженија.
За кои цели се? За кои цели и да се, сите се стремат за општествено влијание и промена, а тоа е можно со влијание на државата и пазарот. Всушност, најголемите успеси на современото македонско граѓанско општество се токму со влијание врз државата. Со влијание на Движењето на екологистите на Македонија (ДЕМ) се донесе закон и се формира министерство во 1998 година, а активисти на ДЕМ, Тони Поповски и Марјан Додовски, беа првите два министри на тоа министерство. Со влијание на Сојузот на организациите на жените (СОЖМ) се воспоставија родовите квоти за избор. Полио плус го подготви единствениот закон резултат на граѓанска акција. Организации за човекови прави придонесоа да се донесе Законот за недискриминација и да се основа Комисијата за недискриминација.

Секако дека има обиди за партиски влијанија и дека политичките партии се обидуваат да ги употребат граѓанските движења и акции во свои цели, што не значи дека целите на граѓанските движења не се легитимни. Типичен пример се средношколските протести за матура. Во 2015 година, тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ одби да разговара, а СДСМ ги поддржуваше средношколските барања. Сега во 2021 година, владејачката СДСМ велеше дека нема разговор за матурата, а пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги примаше средношколците на разговори.
Дали е личен интерес доколку граѓански активист е избран на функција или се вработи на државна работа? Тука е тенка границата, а таа граница е однесувањето пред и потоа. Доколку граѓански активист по стапувањето на функција или работа заборави за кои принципи, вредности и цели се застапувал, или дури постапува спротивно на тоа што се залагал, да, тогаш може да зборуваме за лажна борба и за туркање личен или друг интерес.

Да, има такви што станаа функционери и целосно заборавија на општествената агенда, има и такви што се претставуваат за граѓански активисти, а се на платен список на политичка партија или на Владата за работи што се спротивни од декларираната граѓанска агенда. Да, може лице што е граѓански активист да биде ангажирано поради својата професионалност и стручност од страна на Владата, но тие две агенди не можат да бидат спротивни една на друга и треба да бидат транспарентно објавени. Сепак, ваквите случаи не се правило, туку исклучок, но како негативни примери се многу повидливи, наспроти илјадниците други граѓански активисти што го даваат својот придонес во промената, развојот и прогресот на македонското општество.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek