Чујте и почујте сите!

1274

Државната служба треба да биде заснована на веродостојноста на дотогашните резултати и показатели на професионалниот, моралниот и етичкиот кодекс на кандидатите, а целиот процес да биде надгледуван од државните институции. Со одреден закон треба да започне здраво обликување на институциите врз
принципот на меритократијата – заслуги, компетентност, конкурентност, способност и знаење. Треба да се обезбедат услови за напредување на поединецот, без
разлика на неговата етничка или религиска припадност, во општествената хиерархија врз основа на способноста и знаењето

Во 38 година пред нашата ера, глетката во древниот Рим била величествена. На Марсовото Поле започнал трумфален марш, составен од карвани на тридимензионални модели и слики на новоосвоени земји, егзотични животни, слики и модели на извојувани битки, музичари, танцувачи, злато, скапа облека и заробеници. Поворката најпрво поминала под Триумфалната порта, движејќи се низ т.н. Вија триумфалис, улицата Вија скара и форумот „Романум“. Насекаде биле пречекани од римските жители, кои плескале со рацете во знак на одобрување. Патувањето завршило пред храмот на Јупитер Максимус на ридот Капитол, каде што последен пристигнал триумфаторот – Публиј Вентидиј Бас. Неговото лице и тело биле обоени со црвена боја, бил облечен во пурпурна тога и лаврова круна, во рацете држел железен скиптар и лаврова гранка. Качен во кочија, декорирана со злато и пурпурна боја, влечена од четири бели коњи, во придружба на семејството и римската армија, пред која се движел аквилиферот со златен орел. Вентидиј се одмаздил за смртта на Марко Лициниј Крас и уништувањето на римските легии од страна на Партијанската Империја, станувајќи единствениот римски генерал, а не цар, кој прославил триумф над Партијанците.

Триумфот за споменатиот римски генерал имал и лична сатисфакција. Вентидиј потекнувал од областа Пиценум, неговото скромно семејство немало римско граѓанско право и во Сојузничката војна се борело против римската држава. Во текот на војната, Вентидиј и неговата мајка биле заробени и принудени да парадираат низ улиците на Рим во трумфатот на Помпеј Страбон (таткото на Помпеј Велики). Вентидиј успеал да ја издејствува својата слобода и примил римско граѓанско право. Во почетокот се занимавал со продажба на мулиња и товарни коли, но овој незавиден почеток не го спречил да има величествена кариера.
Вентидиј ѝ се придружил на римската армија, со својата способност се искачувал низ хиерархија, во истата онаа армија што го понижила како дете. Го придружувал Гај Јулиј Цезар во освојување на Галија и набргу станал негов миленик. Во текот на граѓанската војна бил на страната на Цезар, а во 45 година пред нашата ера, бил избран за плебејски трибун кога сенатот бил реорганизиран и проширен. По убиството на Цезар и создавањето на вториот триумвират, Вентидиј застанал на страната на Марко Антониј, кој го испратил да војува против Партијанците. Публиј Вентидиј Бас својата кариера ја завршил како конзул.

Случајот на Вентидиј е интересен поради две појави во римскиот општествен живот – меритократскиот принцип и општествената подвижност. Не случајно, Соединетите Американски Држави и другите западни држави се обидуваа да ги имитираат Старите Римјани во многу сегменти, не само во архитектонското обликување на нивните престолнини. До крајот на 19 век, постојан проблем во Соединетите Американски Држави беше клиентскиот систем, односно работните места во сојузната влада им биле доделувани на политичките поддржувачи и многу извештаи посочувале дека службата им се доделува на пријатели на политичарите, како индиректно мито. Но состојбата се променила со атентатот во 1881 година, кога незадоволен државен службеник го убива американскиот претседател Џејмс Гарфилд. Убиството било поттик за донесување на Законот за реформа на државната служба, со кој се регулирало дека државната служба ќе биде заснована врз испитите за заслуга на кандидатите и целиот процес да биде надгледуван од државните институции. Со овој закон, започнало здраво обликување на институциите врз принципот на меритократијата – заслуги, компетентност, способност и знаење.

Со други зборови, треба да се обезбедат услови за напредување на поединецот, без разлика на неговата етничка или религиска припадност, во општествената хиерархија врз основа на способноста и знаењето. Подвижноста е во тесна корелација со развојот на општество во сите негови сегменти, не случајно Норвешка, Данска и Финска истовремено имаат ниска нееднаквост во финансиските приходите и висока мобилност во споредба со Бразил и со Чиле, кои имаат најголема нееднаквост во приходите и најниска општествена мобилност. Треба да се напомене и влијанието на образованието. Норвешка, Данска и Финска се наоѓаат на врвот на листата на ПИСА за 2019 година и скандинавските држави покажуваат дека максимизирање на можностите и мобилноста се постигнуваат преку образовниот систем, кој не се раководи од финансиските средства и општествената положба на родителите, туку од способноста и потребите на децата.

Да се навратиме на Публиј Вентидиј Бас. Единствено древниот Рим знаел како една малечка држава со неколку илјадници жители може да се прошири во царство со чија големина не може да се мери ниедна држава на територијата на медитеранскиот базен. За Вентидиј во римската држава вратите не биле затворени, син на еден непријател на Рим и поранешен трговец со мулиња, преку своите способности ја достигнал највисоката магистратура, следствено може да се каже дека меритократијата и општествената мобилност ја трансформираа римската држава во империја на три континенти.