Чукни во дрво, чукни трипати!

1681

Како да се преживее стварноста, која добива апокалиптични форми? Не станува збор за заразата; туку обратното! Како да се преживее ментално здрав во домашен карантин, кога панични вести нѐ „бомбардираат“ од сите страни, кога бројот на мртви се зголемува со секое „освежување“ на специјалната веб-страница, кога стравот и неизвесноста се закануваат да ни ги проголтаат животите? Како да се живее од прес-конференција до прес-конференција на министерот за здравство? Како да се живее со чувство дека смртта чека во заседа? (Божем инаку не е така…) Обично нештата ги земаме „здраво за готово, без да им обрнеме внимание. Црнилата ги дочекуваме како „добар ден“, апатијата одамна се вгнездила во секое ќоше од нашиот живот. (Барем за нас во Македонија одамна се тврди дека сме меѓу најпесимистичките народи и најапатичните.) Можеби затоа мнозина се однесуваат самоубиствено, како да ќе нема утре…

Вчера дојде пролетта. Замислете, вчера беше и Меѓународниот ден на среќата, ден на кој ООН потсетува на значењето на среќата во животот на луѓето, заедно со целите за намалување на сиромаштијата, нееднаквоста и заштита на планетата. Денес (сабота) е Денот на поезијата, посветен на препознавање на уникатната способност на поезијата да го отслика креативниот дух на човечкиот род. Мене секогаш ме потсетува на татко ми и неговите и туѓи стихови со кои растев. Читам дека е ова и Денот на шумите, посветен на издигнување на свеста за нивната вредност и значење за балансот во животниот циклус. Утре ќе биде Меѓународниот ден на водите, а сега додека ја читате колумната е Меѓународниот ден на метеорологијата, посветен на временските услови и климата и нивното значење за безбедноста и благосостојбата. А утре, на 24 март, се комеморира датумот на кој Роберт Кох во 1882 година го обелодени откривањето на бацилот што ја предизвикува туберкулозата. Засега се надеваме на некој иден ден на откривањето вакцина против корона вирусот… Да, светот има „ден“ за сѐ што е важно и вредно во човештвото, ама само симболично – и главно попусто. Само во време на страв или кога ќе изгубиме нешто помислуваме колку вредни нешта сме имале, а не сме ги ни ценеле.

Сепак, првата работа од која треба да тргнеме е признанието дека ова не ни се случува само нам и само сега. Многу генерации минувале низ вакви, па и потешки кризи и во многу полоши услови! А науката и уметноста не престанувале да се создаваат и во карантини. Потрагата по убавото и потребата од љубовта веројатно се интензивираат во вакви услови. Но, ми се чини, најважна е смеата! Благодарение на разните интернетски и мобилни апликации, како никогаш порано не сме си разменувале „мемиња“, шеги, карикатури, смешни видеа… За нив границите не важат! Во таа сфера сме слободни и „заедно“. Секој звучен сигнал за порака испратена од различен дел на светот е знак дека драгите луѓе се здрави и живи, дека мислиме едни на други, дека за миг се смееме на глас заедно. Така веруваме дека можеме да го извлечеме најдоброто, дури и во вакви услови. Најголема широчина и здравје на духот, па и храброст, покажуваат оние што го разбираат т.н. црн хумор и се смеат. Тоа е потсмевање на/со стравот, дрско одбивање да му се потчиниш, па дури е и смеење во очите на смртта. Секако, ова има смисла само и само ако се почитуваат препораките на здравствените власти, т.е. ако се седи дома и се намалува ризикот за себе, но и за другите околу нас. Журкање и шеткање по јавни места е знак на лудост и неодговорност, а не на храброст. Но начинот на кој Италијанците го манифестираат духот е веќе нешто што предизвикува морници и инакви чувства.

Не знам дали некому нешто му значи, но да опишам како се имунизирам од теророт на стравот: многу малку гледам ТВ, се информирам само колку што е нужно (и тоа глобално), одржувам комуникација со драгите, читам, гледам филмови, го средувам дворот, им се радувам на расцветаните овошки, планирам садење цвеќе во саксиите (летово дворот нека биде најубав), редовни домашни работи, ама сега со мерак а не од обврска… Најголем дел од денот минувам во работа, со слушалки на ушите. Слушам музичко радио, кое ми ја носи пролетта до умот. И така, случајно наидува онаа старата на „Леб и сол“: „На Бога камења не сме фрлале/Од други повеќе не сме грешеле/Со една надеж за трошка љубов/За малку среќа, живееме. Песни стихови, цели фермани/Ноќи неспани, солзи солени/Со една надеж за трошка љубов/За малку среќа живееме. Чукни во дрво, вистина е/Надвор е пролет, живи сме. Чукни во дрво, чукни трипати/Заедно да сме јас и ти. Како дечиња во кревет гушнати/Не стануваме, а веќе пладне е./Тоа е ова, ова е тоа.Тоа е тоа, тоа е сѐ.“ Толку е едноставно, и толку малку треба за среќа, нели?

Една од најубавите пораки што ги видов е објава со текст „Новиот почеток наближува“ – како контратежа на оние познати пароли „Крајот (на светот) наближува“. Вирусот коси животи, урива (развиени) држави, разголува митови и легенди (за НАТО и ЕУ), но пандемијата првпат во ист миг допира до толку многу луѓе низ светот, кои добиваат можност да си ги преиспитаат и сопствените и општествените приоритети. Сега имаме онлајн-броило на заболени и починати, на глобален и национален план. И дејствува застрашувачки, нели? Но нашата колективна срамота е што ваква свест (и броило) нема за оние што умирале и умираат од други причини. Научниците се обидуваа со часовник да демонстрираат што ѝ се заканува на планетата во врска со еколошката деградација, безмилосната експлоатација на ресурсите и климатските промени, но елитите немаа слух, а масите се забавуваа мислејќи „тоа е нешто далечно, тоа не нѐ засега“. Стрелките на часовникот сега вртат без одреден ритам, во некој луд танц, за кој е тешко да се каже што претставува.

Пред 14 години на една конференција во Њупорт, еден научник ни покажа многу пластично дека човекот е толку себичен и нарцисоиден што мисли дека крајот на светот ќе дојде само ако неговиот живот е загрозен. Тој буквално кажа: „Не, на Земјата нема да ѝ биде ништо ако исчезне Човекот, Животот ќе продолжи и без него, или можеби и заради неговото исчезнување!“ Тоа деновиве го гледаме во разни делови на светот, а најмногу во Венеција разубавена со лебеди, делфини и риби, кои му се радуваат на животот. Наоми Клајн, еден од ретките разумни гласови што сѐ уште не се замолчени и допираат далеку, е во право кога вели дека коронавирус-капитализмот е веќе прочитана книга, во услови на шок, кога луѓето се дезориентирани, најмоќните и најбогатите најлесно ги остваруваат своите цели.

Но не мора да биде така: изгледа немаат пакт со овој вирус (иако ги задржуваат шансите да го преживеат). Од друга страна, во пандемијата огромното мнозинство од популацијата е еднакво, еднакво пред фактот дека или кризата ќе се искористи како катализатор за отворање алтернативи и еволуциски скок на човештвото – или не заслужуваме Живот! Светот нема веќе да биде ист откако ќе заврши оваа глобална здравствена криза, и најновата криза на капитализмот. Една од научените лекции е дека нема „Унија“, дека нема солидарност, но и дека државата (а не приватните испостави и филијали) има централно значење за обезбедување на здравствената, социјалната и друга безбедност на луѓето.

Херои на мигот се здравствените работници, научниците што бараат решение за вакцина, но и сите работни слоеви без кои не е ни можно да се замисли нашиов „карантин“ (кој дури и не се почитува). Карантинот е „меур“, слично на лажните меури на надуениот финансиски капитал што пукаат пред нашите очи. Но тој е привремена мерка и лажна оаза, па дури и луксуз што го немаат сите. Треба да се искористи на паметен и мирен начин, а со малку имагинација може да биде и задоволство. Но, како што вели една изрека, ако не можеш надвор, тогаш оди внатре: кон себепреиспитување, но и во издигање на свеста за она што следува. Бидејќи вирусот ќе го преживееме (можеби не сите од нас), но… сепак, стапката на смртност не е апокалиптична, но треба да се подготвиме за вториот удар, кој нема да биде голем (само) поради вирусот, туку поради гнилоста на системот заснован на себичност, приватизација на државата, неодговорни елити и хипериндивидуализам.

Вистинскиот вирус со децении тивко го разјадува човечкото и општественото здравје. Ако не сакаме иднина како онаа во „Лудиот Макс“, скиците на идното општество веќе треба да се прават. И внимавајте: вонредната состојба е нужна мерка, но нејзината глорификација во претежно авторитарни системи не е на арно. Најлошата можна поука од сето ова ќе биде покорување на „вонредни мерки“ во недоглед, во вид на владеење со „цврста рака“ (на што сме и онака склони). Уште сега се чувствува дека први на удар ќе бидат слободата на говор и на медиумите, а економскиот пакет мерки не е социјален туку дарвинистички. Засега, седете дома, не давајте стравот да ве парализира, следете будно што прават за наше „добро“ и мислете на тоа дека друг свет е можен. А таков свет им должиме на нашите деца и внуци, бидејќи овој одамна е гнил и неправеден.