Црвени кругови, пак?

760

Вакцините можеби создаваат доживотен имунитет, можеби избледуваат за шест месеци, за тоа има дилема, ама дека политиката во Македонија заборава за неколку години на власт сѐ што заговарала во опозиција, тоа е 100 проценти сигурно

Пролетва, сѐ посилно почна да ме потсеќа на „Враќање во минатото“, дека на јавната и политичката сцена се повторуваат работи веќе случени, веќе видени. Таа перцепција сѐ повеќе се засилува летово и сѐ повеќе заличува на 2015 година. Како што паѓаат рејтинзите на власта, така се засилуваат механизмите на заробена држава, на кршење на владеењето на правото и на репресија.

Една од работите, која не верував дека ќе се повтори од минатото, беа црвените кругови. Некои можеби ги заборавија, а беа актуелни во 2015 година, кога почна падот на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Пролетта во 2015 година се случуваа пленумите и протестите, а одговорот на власта беше повеќе репресија, вклучувајќи црвени кругови – заокружување на фотографии учесници на протестите и нивно етикетирање и дискредитација. Тогаш левичарското движење „Солидарност“ одржа трибина „Црвени кругови, соросоиди и предавници – етикетирањето, жигосувањето и поларизацијата на македонското општество“, а беше и врвот на кампањата на „Безомразно.мк“ против говорот на омраза. Тогаш во „Црвени кругови, соросоиди и предавници“ пишував дека поделбата на општеството на непријателски групи, наместо на неистомисленици и спротивставени страни, но со еднакви права на различно мислење, е погубна. Чувството на непријателството е толку силно, што во екстремите на двете страни, и на власта и на опозицијата (тогашната), постојат гледишта дека другата страна е непотребна, вишок и дека Македонија би била подобро место за живеење доколку ги нема другите.

Не верував дека ќе се повторат црвените кругови, бидејќи лајтмотивот на апологетите на сегашната власт, а тогашни критичари, е дека Зоран Заев и СДСМ можеби се неспособни, корумпирани, ама се демократи и сега никој не се плаши да го каже тоа што го мисли. Дури не почна падот на Зоран Заев и СДСМ. На првите спонтани протести предизвикани од последните владини мерки против ковид-19, но резултат на напластено незадоволство, власта постапи слично како што постапи власта во 2015 година. Наместо сослушување на критиките и извлекување поуки, за да се компромитираат протестантите се извлекоа од контекст неколку секвенци од протестите и учесниците што се пласираа во медиумите, се прогласија сите за антиваксери. Почна лов по порталите, со заокружување учесници и нивно етикетирање. Експресно реагираше Лекарската комора, која со години не реагира на ништо. „Антиваксери“ во 2021 година, слично на „соросоиди“ во 2015 година. И да биде потрагично, тогашни активист на „Безомразно.мк“ и драг пријател, ќе напише „Ах Тито златен. Сто мани може да се најдат на тоа време, ама лек беше за ваквите ’со свое мислење‘ за сенешто. Да беше тоа време, ќе се вакциниравте и оро козарачко ќе игравте. Тоа е, демократија, секоја шуша се слуша.“ За жал, и Никола Груевски не сакаше луѓе со свое мислење и имаше лек за нив. Навистина нема клоци и пендреци како тогаш, ама и тоа е прашање на време. Затоа има вознемирување и закани на социјални медиуми, а богами и „инспекциите тренираат строгост“. Како што угостителите од Струмица најавија протести, одеднаш се премислија и ги откажаа.
Погодувате зошто се откажаа?

Да не ги спомнувам образложенијата за промените на Стојко Пауновски и на Ана Петровска, кои не беа разрешени за неспособност, туку за спречкување со партиските лидери. И деновиве оди веста дека Оливер Спасовски барал СДСМ да не го кандидира Максим Димитровски за градоначалник на Куманово, зашто на што ќе личело кандидирање луѓе што имаат критичен став кон Владата? Луѓе „со свое мислење“ не требаат. Поточно луѓе со мислење не се потребни. Што има таму они да мислат, ќе мисли големиот водач.

Не само пендреци туку немало ниту милиони за послушните медиуми. А баш СДСМ инсистира дека треба да се измени законикот за забрана на владини реклами во медиуми. А се сеќавате, тоа беше едно од клучните барања на СДСМ кога беше опозиција. И не беше прашање за што се кампањите и дали се тие оправдани или не, туку дека не смее да има владино рекламирање во медиумите. Тоа уште пред некое време почна да се заобиколува на пример со реклами на Фондот за иновации, но сега со рекламите за вакцинација се прави директно. Од опозиција бара стриктна забрана, а од власт се смени ставот. Ќе има милиони, ќе има мир!

Задушување протести, проблеми „со свое мислење“, владини реклами во медиуми и да се комплетира заробувањето се направи обид да се затвори и можноста на независни листи за локалните избори, со зголемување на потребните потписи за кандидатура. И кој беше задолжен за оправдување на задушувањето на граѓанските иницијативи – еурофилот Бојан Маричиќ.

Вакцините можеби создаваат доживотен имунитет, можеби избледуваат за шест месеци, за тоа има дилема, ама дека политиката во Македонија заборава за неколку години на власт сѐ што заговарала во опозиција, тоа е 100 проценти сигурно.

#Вакцини #Ковид19 #ГоворНаОмраза #Безомразно #ВраќањеВоМинатото

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek