Цивилизација 1.

685

Записи во несоница

Она што сакам да го нагласам на почетокот тоа е фактот што поимот цивилизација, кој речиси му е целосно непознат на обичниот рурален и работнички човек, до гуша заглавен и експлоатиран од принципите на тој поим, во добра мера не му е јасен ни на таканаречениот со диплома под мишка интелектуален свет

Еве ja темата за која одамна сакам, драг читателу, да споделам со тебе некои размисли што ги запишувам во мојата Книга на несоницата. Впрочем таа е утопистички или песимистички акрибично обработувана кај многу филозофи, мислители и уметници. Деновиве третпат прелистував неколку книги на таа тема од нив. Пред сè полемичките статии на Толстој под заедничкиот наслов „Не можам веќе да молчам“, „Пропаста на Западот“ на Освалд Шпенглер, капитално дело на тој план, и „Антропологија на смртта“ во два тома од познатиот француски антрополог Луј-Вансен Тома. Она, пак, што сакам да го нагласам на почетокот тоа е фактот што поимот цивилизација, кој речиси му е целосно непознат на обичниот рурален и работнички човек, до гуша заглавен и експлоатиран од принципите на тој поим, во добра мера не му е јасен ни на таканаречениот со диплома под мишка интелектуален свет. А најмалку им е јасен на богатите, кои негo гo закитуваат исклучиво со позитивни атрибути какви што се, пред сè, поимите прогрес и демократија, без притоа, се разбира, да се прашуваат дали освен нив и некој друг се офајдува од нив. Од комплексниот поим со конфузно име: цивилизација.

Да. Имено, оттука и тргнува рускиот гениј, бунтовник по природа можеби уште пред раѓање, кому Бог уште пред зачнување му дарил покрај литерарен и бунтовнички талент нацелен кон правда и човекољубие. Тој негов хуманизам е христолик, извира од човекољубивата наука на Христос и христијанството во неговата изворна првоапостолска суштина и облик. Христијанството што со Константин бргу се подржавува во институцијата држава, која по грешка и апостол Павле ја смета за божја творба. Грешка затоа што, имено, со подржавувањето и пактот со власта христијанството ја урива својата првоапостолска етика и ја навлекува на своето првобитно христолико лице дебелата маска на фарисејството. Богомил според својот внатрешен нагон за вистина и правда, Толстој се побунува против тоа фарисејство, кое според него од генеричка религија и култура се искривоколчува и преобразува во сив систем на она што се именува со тешко дефинирливиот поим цивилизација. И тоа сега христијанска цивилизација, која важи како идентитетски знак за европскиот Запад генерално. Да. Арно ама тој картезијански цивилизациски Запад, во основа нарцистички, чие мото е познатата императивна максима на Рене Декарт „Мислам значи постојам“, испадна дека малку мисли и малку размислува за она што се именува со поимот и судбина на човекот“. Оној Општ Човек како збирна именка на човештвото на кого укажуваат Белински и Шлаермахер. Оти, зарем се во духот на Христос и христијанството, на пример, двете светски војни во минатиот век што ги подготви и реализира, имено, тој надмен со својот патетичен интелектуализам и култура Запад.

Оној што (мала дигресија) земјите од „западен Балкан“, име на бриселската франкештајновска имагинација, ги држи под неговиот цивилизациски клуч во гето, исто онака како што ги држеа и сè уште ги држат Американците, Индијанците и Црнците во буквално физички и културолошки резервати што им го перат изворниот идентитет.
Многу, многу прашања за несоница. Толстој не ги доживеа двете крвави светски војни на Европа. Нему му била доволна и само сликата на неговата царска Русија со крепосништвото над селаните, плус фарисејството на руската црква за да ги детектира раните на она што се вика цивилизација. Така, покрај другите жестоки дијагностички статии тој ја напишал и статијата со многу индикативен наслов „Обнова на пеколот“ во која еден мал ѓавол му реферира на Велзевул (Сатаната) дека за да го расипе христијанството, што е нивна главна цел, ја основал црквата.

Поради таа статија руската православна црква фрла анатема врз генијот од Јасна Полјана, која и по повеќе од сто години од неговата смрт сè уште не е повлечена. Како руските патријарси, од кои Толстој е стопати повеќе христијанин и христолик, да ја заборавиле институцијата проштавање, една од централните во науката на љубовта на Христос. Сеедно. Толстој со само еден потег ја дијагностицира болеста на она што се именува со поимот христијанство, или како што би рекол Томас Ман јудео-христијанска цивилизација под чија капа главно стои лицемерно Европа, која, мораме тоа да го подвлечеме, драг читателу, го изолира од неа Балканот, иако нејзиниот културно-цивилизациски извор, имено, блика од тука негде. Иако од тука, конкретно од Македонија, како што вели еден од нејзините најпознати библисти Ренан словото на Радосната вест, Евангелието, тргна како поплава кон неа, која тонеше во паганство. Но Европа го занемарува тој факт, сосредоточена главно на Грција, нејзината слатка заблуда како нејзин апсолутен културно-цивилизациски извор, занемарувајќи ги притоа другите битни извори, пред сè оние што доаѓаат од Блискиот Исток и Африка:

Асировавилонија и Египет. Тука е уште и Феникија и некои други важни култури без кои не може да се замисли културно-цивилизациската слика на Европа. Тоа. Но таа не отстапува од својот концепт на „грчката вреќа“ на Германецот Дројзен во која, како што вели сјајниот англиски романсиер Д.Х. Лоренс, вљубеник во Етрурската цивилизација, таа по инерција трупа сѐ, и сега нема враќање назад. Нема исправка. Во таа нејзина вреќа многу неприродно се трупа и огромната културно-цивилизациска слика на античка Македонија, која, за жал, како што мислат некои наши интелектуалци и интелектуалки е производ не на некоја надарена човечка раса, туку едноставно на амебите. Само во контекст на тоа да кажеме дека ингениозниот галички ѕидар и печалбар, наоружан со ѕидарска но и со темелна духовна мистрија, Ѓорѓија Пулевски беше на тој план неспоредливо поупатен и духовно попрониклив од нив. Се разбира, и од нашите покриени со западна фарисејска мувла академици, колку и да изгледа тоа парадоксално.

Најпосле, јас повеќе би се согласил, драг читателу, иако веќе имплиците го сторив понапред тоа, дека тој хипостазиран грчки извор на Европа е пренадуван и се држи на вештачко конструирани премиси, запоставувајќи го, иако лукаво не се откажува и од него, јудео-христијанскиот извор на својот каков-таков идентитет воспоставен според неговите цивилизациски принципи. Малку поопширна дигресија за пак да му се вратиме нa Толстој, кој е според инстинктот на својата внатрешна природа анархист, но не во искривената смисла со која неупатените, и меѓу интелектуалците, ирониски, од деструктивен аспект, го перципираат овој поим. Впрочем, анархизмот на Толстој во есенцијална смисла се темели и на анархизмот на Исус, според најран романтичар, кој прв му советува на човекот да живее во апсолутна слобода слично на цвеќето и птиците. Што со други зборови значи надвор од цврстите стеги на државата, која и Маркс, небаре во дослух со него, неа ја дефинира како „апарат за угнетување“ Тоа било животен идеал на романтичарите и на анархистите, кои се слични и во сѐ се дополнуваат. Се разбира, пред нив, и на Исус чие царство не е од овој свет.

Повеќе од сигурно е дека и идејата на бунт против државата и фарисејската црква, против општеството фарисејски уредено, кое го толчи човекот, кај Толстој е инспирирана многу повеќе од животот и филозофијата на Исус отколку на Русо, чии дебели томови, според негово признание, ги прочитал до буква, но не нашол некоја голема вредност во нив како што ја нашле неа пред сѐ западноевропските романтичарски поети. Но, еве како размислува Толстој за државата, спротивно од апостол Павле, во статијата „Крајот на едно столетие“. Вели: „Дека е невозможно да се живее без државно уредување, најмногу тврдат оние луѓе од класите што владееле, за кои државното уредување претставува само добивка“, додавајќи: „Но треба да се прашаат луѓето, кои носат толку многу државни обврски, земјоделците, милионите селани во Русија; тие само го чувствуваат товарот на државната власт и ни најмалку не жалат за неа.“ Со еден збор, државата за Толстој е модерен цивилизациски тотем, коментирајќи дека човекот успеал да се ослободи од многу суеверија, спалување вештици, верски војни итн., но суеверието дека „државата е нешто свето останува и натаму да трае.“

Притоа генијот од Јасна Полјана поставува некои битни прашања, како: „Зошто порезите што ги плаќаат сите ги користат само мал број луѓе?“; или: „Зошто не ги поседуваат фабриките тие што ги изградиле и кои работат во нив, туку тие што не ги изградиле и кои не работат во нив?“ итн. Неговите анализи се безмалку како оние на Маркс во „Капиталот“, но неговото битие во својата духовна структура е анархистичко и ги игнорира поимите држава и цивилизација, кои се сестри-близначки. За него и државата и цивилизацијата се добри само за оние малкумина на кои им е добро во нив. Наместо нив тој го претпочита устројството на човековиот живот според Евангелието, односно според книгата на универзалната љубов на Исус Христос. Да се верува „само во Бoг и неговиот закон. Во тоа е спасението“ вели тој, небаре во некоја смисла надоврзувајќи се на Кант и неговото сфаќање на Создателот како морален закон.
Се разбира, пак, притоа Толстој не се залагал како Достоевски утопистички за универзална теократска, туку за проста, реална христијанска држава во која ќе биде, како што го бараа тоа богомилите, воспоставен повторно загубениот првоапостолски морал и сите ќе бидат еднакви како во правата и обврските исто така и во привилегиите и добивката од таквото општество.

(продолжува)