Цензурата има име: проверувачите на факти новите „арбитри“ на вистината

Во времето на новата „инквизиција“ на мислата, секој има право на свое мислење, но не и на неговите факти. Нивните факти се предмет на верификација на новите „арбитри на вистината“ на социјалните медиуми. Облечени во наметката на нивната позната вистина, професионалните проверувачи на факти се новото лице на догмата и цензурата на социјалните медиуми. За нив велат дека се бесрамен либерален обид да се контролира јавниот дискурс и да се задуши слободата на говорот, вообичаено фокусирани на политичка контрола и манипулација. Ретко кој верува дека тие се чесни репортери на фактите и судии на вестите. Со нив сонот за социјалните медиуми како глас за сите пропадна.
Неколку прашања ме мачат во однос на овие самопрогласени „арбитри на вистината“ на социјалните мрежи. Знаете ли колку се транспарентни во однос на нивната методологија, нивните извори на факти и начинот и каналите на нивното финансирање? Нормално дека не знаете. Како што не знаете како идентификуваат што треба, а што не треба да биде дистрибуирано на социјалните мрежи. И дали во тие одлуки постапуваат натпартиски и неполитички? Исто така, нејасно е како се акомодираат во гарантираната слобода на изразување и забраната да се ограничува печатот, или правата на поединците да зборуваат слободно.

Новите „екологисти“ на вистината се хранат од гревот на „лажните вести“ под маската на вестите, притоа свесно заборавајќи дека се работи за нехомогени концепти, што можат да се манифестираат на различни начини, опфаќајќи го целиот спектар, од измислена содржина наменета за измама до сатирични публикации со цел да се потсмеваат. Она што е многу поважно е дека концептот на „лажни вести“ мора нужно да е придружен со намерата за измама. Воспоставувањето таква намера е клучно кога се обидува да се постави границата помеѓу „лажните вести“ и другите поневини форми на погрешни информации. Можеби за новите „инквизитори“ на вистината ефектот на „лажните вести“, како и степенот на оваа појава, не е спорен. Всушност, тие се креација на создадениот впечаток дека лажните вести се нов феномен и проблем. А тие постоеја и порано, уште пред интернетот, и секогаш биле користени од различни групи и поединци да влијаат на јавното мислење. За нив „лажните вести“ претставуваат закана за интегритетот на демократијата. А како тие избрани да ја штитат. Да прочитале, ќе знаеле дека наодите од рапидно растечката област на истражување за потрошувачката на „лажни вести“ досега сугерираат на многу ограничено влијание на „лажните вести“ врз консументите, и тоа само доколку се совпаднат со нивните сопствени предиспозиции и политичките избори. Во недостиг од повеќе истражувања, тешко е авторитативно да се утврдат ризиците поврзани со „лажните вести“. Можеби затоа „проверувачите на факти“ ги нарекуваат „бубашваби“ на социјалните мрежи. Метафорички.

Во Македонија одамна нѐ дресираа дека некои прашања не заслужуваат одговор, па затоа и не се поставуваат. Дури и оние најмногу засегнатите политички опоненти молчат. Инаку, можеби некој ќе праша како се следат и верификуваат политичките изјави кај нас од сега разоткриеното новоформирано, што би рекле Шпанците, „Гестапо што ја надгледува официјалната вистина.“ Дали се проверуваат изјавите од целиот политички спектар во земјава, или тоа е ограничено на опозицијата и на критичката мисла? Дали страниците за проверка на фактите имаат моќ да отстрануваат и бришат пораки? Дали на овој начин се засили операцијата за цензура пред, за време и по деновите на избори кај нас и колку власта низ ваквите агрегати на вистината ги контролира јавната политичка дискусија и дебата преку интернет? Кога не поставувате прашања, не треба да бидете изненадени дека носителот на лажни вести во Македонија е лидерот на опозицијата. А кој друг. Сигурно не Владата и провладините медиуми, кои четири години нѐ убедуваат дека сме добиле датум за преговори со ЕУ. Кога сте дефанзивни во своето политичко дејствување, нормално дека проверувањето на фактите од „Гестапото на официјалната вистина“ во Македонија ќе биде „чесно и нетенденциозно“. А вие главен дисеминатор на лажни вести.

Анархистичкиот дигитален свет ги сметаше чуварите на портата на вистината како реликвија на минатиот регулиран медиумски систем што требаше да биде урнат од новите технолошки платформи, што ќе создадат нови заеднички информации за сите, во кои фактите, фикцијата и мислењето веќе нема да бидат разграничени и каде што сите коментари ќе се сметаат за еднакви. Проверката на фактите како обид да се арбитрира вистината на социјалните платформи ја игра улогата на вратар на вистината во општеството, потсетувајќи нѐ дека сонот за еднаков глас за сите не успеа. Зарем по ова некој сè уште верува во утописките мантри дека информациите сакаат да бидат бесплатни, а интернетот невозможно да биде цензуриран или контролиран? Новото лице на цензурата на интернет се самопрогласените „екологисти на вистината“, или модерно „проверувачите на факти“.
Секогаш верував и сакам да верувам дека пазарот на идеи подобро ја сортира вистината од лагата отколку самопрогласените чувари на вистината што не заработиле никаков социјален авторитет. Не сакам друг врз основа на својот субјективен суд да одлучува кои гласови треба да бидат слушнати, а кои не. Особено не во политиката, каде што вистината и лагата ретко се црно-бели, барем од устата на политичарите.