Холокаустот и одрекувањето

1050

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на комеморација на жртвите на холокаустот, воведен со резолуција на ОН од 2005 година. Освен оваа 75-годишнина од ослободувањето на Аушвиц-Биркенау (од страна на Црвената армија), годинава следуваат и јубилеите од крајот на Втората светска војна и основањето на ОН. Светот ќе треба да ги види резултатите од (не)научените историски лекции. Речиси директно од Давос, светските лидери заминаа на импозантниот форум што се одржа на 23 јануари во Ерусалим (чие присвојување и преместувањето на израелската престолнината беше осудено со резолуција на ОН). Зборовите на традиционалната молитва (shehecheyanu) беа симболично искажани од претседателот на Германија. Секој светски лидер се обиде (и успеа) да забележи политички поени, почнувајќи од Путин до принцот Чарлс. Но најголем профитер (и циник) беше Нетанјаху, кој рече: „Аушвиц и Ерусалим. Бездна и врв. Аушвиц, екстерминација; Ерусалим обнова. Аушвиц, заробеништво; Ерусалим слобода.

Аушвиц, смрт; Ерусалим – живот.“ Гидеон Леви, еден од ретките храбри израелски гласови, порача: „Одете во Газа и таму плачете ‘никогаш повторно’“. Сега, кога Ури Авнери не е меѓу живите, малкумина се осмелија собирот да го наречат со вистинското име. Но Леви е кристално јасен: „Многу е важно да се памети минатото; но не помалку е важно да се биде свесен за сегашноста без да се затвораат очите пред неа. Десетици државници што стигнаа во Израел можеби се сеќаваат на минатото, но ја замаглуваат сегашноста. Во нивниот молк, одбегнување на реалноста со безусловно застанување на страната на Израел, тие не само што ги изневерија своите улоги туку го изневерија и сеќавањето на минатото во име на оние поради кои дојдоа тука. Да бидеш гостин на Израел без да ги споменеш неговите злосторства; да го комеморираш холокаустот а ги игнорираш неговите поуки; да го посетиш Ерусалим без да отпатуваш до гетото Газа…; не може да се замисли поголема хипокризија од оваа.“ Неверојатно е да замисли сличен собир во Ереван и да се комеморира ерменскиот холокауст, или во Кигали, за да се одбележи она што се случи во Руанда. Се смета дека холокаустот е најголемото злосторство против човечноста и навистина е потресно и да се помисли низ што сѐ минале жртвите и како е смртта усовршена како индустрија, но ова масовно злосторство, за жал, не е ниту единствено, па дури ни најголемо: темелите на САД не се во Уставот и неговите „татковци“, туку почиваат на геноцид на речиси 10 милиони домородни жители, а да не зборуваме за африканските робови, за Хирошима и Нагасаки, Никарагва, Чиле, Ирак, Јемен или Сирија.

Она на што мора да им се симне капа на Евреите, каде и да се, е начинот со кој го паметат и чествуваат страдањето на својот народ: не само во Израел туку секаде каде што живеат! И не само преку силното политичко лоби (во САД, на пример) туку и низ сите сфери на живеење и творење. Неодамна гледав филм базиран на вистинска приказна. Постара Американка со еврејско потекло ја тужи австриската влада за поседот врз портретот на нејзината тетка Адела, насликан од Густав Климт. Одземена насилно од семејството за време на нацизмот, по војната сликата не само што зазема значајно место во националниот музеј во Виена, туку станува симбол и љубена икона на Австрија, но под името „Жената во злато“. Битката на Марија не е поврзана со огромната вредност на уметничкото дело. Таа бара од австриските власти да го признаат темното петно од својата нацистичка историја и да ѝ го вратат идентитетот на „Жената во злато“, која била личност, се викала Адела, сакана и паметена од семејството. Битката беше за вадењето од заборав на нештата што не смеат да бидат заборавени. Mногу извонредни дела се однесуваат на овој дел од човечката историја, кога цивилизацијата ги досегнува дното и самракот на сѐ што е хумано. „Читачот“ е друго популарно дело, кое буди дилеми (ако веќе не одиме кон сериозните мисли на Хана Аренд или Карл Јаспер за баналноста на злото и вината и одговорноста на оние што дозволиле да се случи холокаустот). И ние имаме филм на оваа тема, но „Трето полувреме“ е заклучен во депоата, обвиен со тишина и мрак, т.е. цензуриран за да не ги вознемири бугарските соседи, кои живеат во својата разубавена верзија на историјата (и за Македонија и за Евреите).

Од друга страна, Македонија редовно го одбележува овој ден, уште пред Музејот на холокаустот, но ќе се најде некој полуук како Заев да каже дека холокаустот бил значајна еврејска традиција (наместо трагедија) или некоја активистка што во политички жар ќе ѝ ја спомене Давидовата ѕвезда на новата министерка Мизрахи.
Бројот на т.н. одрекувачи на холокаустот, и тоа во западните земји, расте, вклучувајќи и во Германија, каде што на прашањето на соочување со нацистичкото минато му се посветува најмногу внимание. Повеќе од половина Американци не знаат колкава била бројката на убиени во холокаустот, а три милиони Британци мислат дека тоа е мит или претерување. Една третина од Германците мислат дека треба да запре политиката на соочување со минатото. Политичкиот одраз на овие тенденции се гледа и во растот на крајната десница, но и индиферентноста кон настан што не бил продукт на налудничави фирери, туку на државно спонзорирано и организирано елиминирање/егзекутирање на цели популации затоа што се различни/неподобни и прикажани како „непријатели“. Куриозитет е судското барање на германски граѓанин со еврејско потекло за отстранување остаток од антисемитизмот од дамнешното минато, т.е. скулптура во вид на свиња поставена на црквата во Витенберг од 13/14 век – онаа во која служел Мартин Лутер (и самиот критикуван за неговите антисемитски ставови). Но малкумина се осмелуваат да укажат на друга крајност: секоја критика на ционизмот се етикетира како антисемитизам, и така се замолчуваат оние што гласно зборуваат за злосторствата врз Палестинците. Полесно е да се криминализира делото „одрекување на холокаустот“ на индивидуално ниво отколку да се спречи одрекувањето на злоделата на државната геноцидна политика. Леви вели дека ниту едно општество не живее во поголемо одрекување од израелското – но тоа не е единствено. Тука е апсурдот: ќе казните поединец што зборува бесмислици, ама држава што спроведува систематско уништување на еден народ ќе остане ценет член на меѓународното општество.

Резолуциите на ОН препорачуваат во училишните програми да се вклучат соодветни содржини и да се чествуваат местата на страдање на жртвите како начин на паметење и на превенција на идни геноциди и злосторства против човечноста. Многу години пред овие резолуции, во рамките на вообичаената екскурзија низ Југославија го посетивме Јасеновац. Додека шетавме по зелените патеки покрај реката беше невозможно да се замисли што се случувало, но по музејската поставка и особено документарниот филм, нешто во мене замре, се смрзна. Се вративме во автобусот, и седев молкум сѐ до моментот кога ги чув безгрижните шеги и песни на моите соученици. Плачев сѐ до наредната дестинација, а тоа чувство никогаш не го заборавив, дури и кога подоцна ги видов документарците за Аушвиц и другите логори. Минатата година минав во близина на Аушвиц, но не собрав сила да го посетам. Дури ни да ја видам онаа реченица: „Ако постои Бог, тој треба да ме моли да му простам.“ Ретко паметам соништа, но еден од пред 20 години ми е толку силно врежан во умот, небаре вистинско искуство: со ќерките се наоѓам во конц-логор, нѐ внесуваат во „бањата“ и бараат од нас да се слечеме. Девојчињата се туркаат во моите прегратки засрамени што треба да се разголат пред непознати, а јас ги „храбрам“ дека тоа не е ништо и прва почнувам да се слекувам, а во себе врескам зашто знам дека чекориме кон смрт. Немоќна (сите одат кротко како овци во кланица), се трудам барем тие последни моменти да ги поштедам од вистината и чувството на ужас. Се разбудив испотена и со крик в грло, знаев дека е кошмар, но долго не можев да се смирам. Тоа е моето „искуство“ со холокаустот. Но затоа со сите сетила и будна ги боледувам сите одрекувања на ужасите на луѓето на различните меридијани. Сѐ почесто одрекувањето на холокаустот станува кривично дело, но уште потешко дело е извршувањето на холокаустите во риал-тајм, иако во видоизменета форма. Одрекувања на злосторства против човештвото има на сите нивоа и на сите меридијани: Британците никогаш нема да ги признаат злосторствата во Индија и другите колонии, Белгија се преправа дека наследството на Леополд нема врска со неа како земја-домаќин на НАТО и ЕУ, САД се беневолентен џин што убива само не сакајќи (сега веќе и со дронови), Кина нема врска со системската тортура врз населението со муслиманска вероисповед итн.

Ние, пак, сме посебен случај: им го чистиме образот на оние што извршиле злосторства и врз македонското цивилно население, а кои го одрекуваат тоа. Ги рехабилитиравме и Бугарите и Грците и Албанците, а си наметнавме самоодрекување. Мижиме, фалсификуваме учебници, се (само)цензурираме, подложуваме на колективна метаморфоза – само за да бидеме дел на „семејството“, за кога ќе нѐ повика во експедиција, без размислување да побрзаме да им „помогнеме“.