Фијаско со коронавирусот како „нова нормалност“

833

Во вакви моменти на криза се открива сѐ што не чини и не функционира во општеството, честопати во форма на прогонувачки мали слики или приказни.
Во последните неколку недели вестите ни испорачаа безброј примери. Токму кризата фрли светлина да видиме јасно колку вредиме како држава и колку сме на вистинскиот пат

Заев повика дека е време за „нова нормалност“. Нашето општество мора да продолжи да функционира. Мерките се олабавуваат, надлежните институции потврдуваат дека епидемијата е под контрола. Вирусот ќе биде присутен подолго време и мора да научиме да живееме со него.
За жал, една работа што нема да се смени во неговата „нова нормалност“ е грдата политичка заднина на ваквите зборови. И нивната бескрајна празнина. Трендовски изречени зборови без содржина и значење. Преземени од главните наслови на медиумите во Европа и другите илјадници вакви и слични записи од речиси секој агол на светот на пребарувачите на интернетот. Некои луѓе можеби ќе се согласат со неговите зборови; некои ќе ги презираат и ќе ги однесат на социјалните медиуми за да ги исмеваат. Но без оглед на сѐ, колку реалноста да се менува работите секогаш остануваат непроменети со вакви политичари.

„Новата нормалност“, со други зборови, го менува она што не беше во ред досега, но го одржува она што беше во ред со старата нормалност. Но ако старата нормалност не беше во ред, тогаш зошто ја нарекуваме нормална? Слично на тоа, ако новата нормалност се разликува од старата, како можеме да се преправаме дека сè уште се справуваме со „нормалното“?
Затоа не ми е јасно како Заев ја замислува „новата нормалност“. Играње со човечки судбини за свесни краткорочни себични политички желби, за да ги вратат луѓето назад, точно таму каде што беа пред неколку месеци, со лажна насмевка, илузорна надеж и никаква промена. Напротив, она што го гледам е промена на полошо. Гледам разгорување на епидемијата, од кого ако не од следбениците на пророкот на „новата нормалност“. Дали е тоа нашата болна „нова нормалност“ на која доскорешниот премиер на државава повикува да се навикнам? И како да се навикнам на неа кога е животозагрозувачка. И дали воопшто сакам да живеам во неговата „нова нормалност“ е прашање што бара итен одговор. Или никој не ме прашува што јас сакам. Што сакаат граѓаните на оваа држава.

Кога станува збор за дефинирање што е нормално кај нас, многумина претпоставуваат дека започнуваме со идејата за тоа што е нормално, а потоа, само како последователно, дефинираме што е ненормално. Можеби започнуваме со сите оние работи што инстинктивно ги чувствуваме како „ненормални“ и што создаваат чувство на голема вознемиреност, а потоа се обидуваме да најдеме утеха во она претходното безгрижно време, пред да се вметнат овие чувства. За жал, кога се навраќаме во претходната нормалност на оваа власт, ја гледаме сета ненормалност со која сме живееле последниве години. Затоа се плашам од можно враќање на „старата нормалност“ обландирана во „нова“ и затоа треба да бидеме подготвени да се бориме против неа по сè што добивме досега и преживеавме со оваа власт.
Образецот на зборовите на Заев е очигледен, а таква е и неговата намера: да се инфузира надеж на новата армија невработени, осиромашени граѓани и, како до вчера, изолирани дома, додека шпекулантите, тендерашите и криминалните манипулатори си работат непречено.

Дали „новата нормалност“ е чин што треба да нѐ расположи и да ни даде надеж или е чин од кој треба да се плашиме и навистина да го сфатиме како закана? Новата нормалност на Заев е старата реалност во изменети услови. И тоа застрашува, еднакво како и конронавирусот. Не сакам да бидам дел од „новата нормалност“ што ми ја нуди оваа власт, која си дозволува она што претходно се сметаше дека е невозможно да изгледа остварливо. Затоа е и брзањето со изборите. Невозможното досега да стане остварливо.
Во вакви моменти на криза се открива сѐ што не чини и не функционира во општеството, честопати во форма на прогонувачки мали слики или приказни. Во последните неколку недели вестите ни испорачаа безброј примери. Токму кризата фрли светлина да видиме јасно колку вредиме како држава и колку сме на вистинскиот пат. Затоа не можам да видам во „новата нормалност“ на Заев можност да создадеме поинаков вид „нормалност“.

Онаа нормалност што може да помогне да се врати довербата во државата, здравството и во економијата. Онаа што тој и неговите следбеници не може да ја испорачаат. Зашто нормалноста кај нив никогаш не била природна состојба. Повеќе патолошка.
Новата нормалност стана ролеркостер на неспособноста и неодговорноста, на која нѐ вози власта во кризава со коронавирусот. Морам да признаам турбулентно. Затоа ново-старата деструктивна нормалност, која се обидува власта во заминување да ни ја наметне, треба итно да биде предизвикана од прогресивни политички гласови и, на крајот на краиштата, со прогресивни политики.

Скоро сè што се сметаше за „нормално“ вчера, треба да се сврти наопаку денес. Нема друг начин да се излекува лудилото во кое нѐ втурна оваа власт и сигурно нема „новата нормалност“ на Заев да нѐ изнесе од него.
Текстот го почнав со зборовите на Заев дека мерките се олабавуваат, надлежните институции потврдуваат дека епидемијата е под контрола. И веднаш „новата нормалност“ на Заев наместо вирусот, го стави народот под контрола. И повторно онаа карантинска, средновековна. Фијаското на власта е оригиналниот грев на пандемијата на Македонија, нашата „нова нормалност“, која сѐ повеќе изгледа е ненормалност, во која нѐ заробија без ниту трошка срам.