Филмови на стравови и ужаси

779

Се случи и Преспа-форумот. Властите го прогласија за колосален успех во нивните политики за трајно и совршено помирување со соседите, а никој од соседите не беше таму! Ама толку ли нѐ имаат за токмаци? М? Не знам како не им здосади да ја играат сѐ истата, па истата игра, според истото сценарио што веќе го научивме напамет, драги мои. Ова е стота реприза на филмот со пламен наслов „Како ве спасивме, уништувајќи ве“. Филмот што режисерите Рикер и Палмер го режираат навистина ги надминува сите колеги американски филмаџии, вклучувајќи го и Стенли Кјубрик, ако сакате. Ваква визуелна нарација, која американските и локалните уметници на политичкиот филм ја создаваат во Македонија за перцепција за опасноста по животите на сите нас, доколку не ги прифатиме и стриктно не се придржуваме кон договорите од Охрид, Преспа (би било добро да направат нов договор со Бугарите во Дојран, за да ни биде полесно да ги разликуваме еден од друг) ниту имало ниту ќе има во стариот и новиот Холивуд, сосе независните и растечкиот Нетфликс! Но кои се тие Американци и која е таа Америка, дајте да видиме? За да не им се случи во последен момент да им го растури планот, Палмер и Рикер издејствуваа наредба од американскиот претседател, во која му се заканија на Заев дека доколку не се придржува кон Преспа, ќе му го покажат крајот на владеењето и заминувањето во затвор низ долги и мачни судски процеси, во кои ќе бидат инволвирани тој и неговите најблиски. Гледате како по наредбата на Бајден се забрза процесот на менување имиња, пасоши, дури и нивото на извинувања за работи што не се ни дел од договорот, затоа што во таа иста наредба пишува дека доколку не си ја врши работата, ќе биде обвинет за корупција и трговија со дрога! Што мислите вие, драги мои?
Се сеќавате ли на оној лудак каубој од филмот на Стенли Кјубрик за стравот, кој седи на бомбата и ја јава како да е коњ! Тоа е. Нѐ плашат колегите американски политрежисери дека тие управуваат со бомбата, но и со човекот што дотолку е луд што таа бомба ќе ја насочи дури и кон својата земја и кон својот народ. Ова е сценарио од кое треба ние да се уплашиме и замолчиме, во спротивно ќе остават бомбата да патува кон нас. Толку е ова пропаганда, толку е ова филм. Да не мислите дека во прашање е дел од една голема геостратегија што се пишува во Пентагон и Стејт департментот или во американскиот Конгрес и Сенат. Многу е просто. И не е овој филм за првпат. Истото тоа се случи со Мануел Нориега, кого ЦИА го донесе на власт во Панама во оние клучни времиња на разместување на геостратегиските влијанија, горе-долу како и денес, за тој во неговата земја да ги брани американските интереси. И откако им ја заврши сета гнасна работа, Нориега беше обвинет за корупција, трговија со дрога и нелегално финансирање! Дури ѝ беше испорачан на Америка, каде што му се судеше! Зоране Заев, спиеш ли мирно? Тоа си е сценариото. Дотогаш, додека не дојде тој ден, без воопшто да се воздржуваат, недвосмислено и јасно кажуваат дека тие се оние што ќе ја казнат нашата непослушност со едно притиснување на копчето на бомбата со која управува Зоран Заев. Сѐ што ќе прават до изборите во ноември е создавање атмосфера на страв, агонија и болка, со крајна цел да ја засилат меланхолијата што ќе роди состојба на разочарување и, на крајот, неизлегување на избори. Тоа ќе биде целата стратегија. Нема ништо друго. Сѐ ќе биде подредено на тоа сите ние да влеземе во филмот дека што и да правиме, колку умни и убави нешта да предлагаме, на крајот ќе победи оној што Америка ќе го избере, а тоа во нашиот случај е Зоран Заев. И другпат сум пишувал за тоа дека нивната борба против корупцијата и владеењето на правото, за што преку различни програми на финансирање имаат потрошено неколку стотици милиони долари на американските граѓани, се само сеење ветер и магла, затоа што тие ги носат на власт и ги поддржуваат оние што во оваа земја ги измислија, усовршија и владеат со помош и единствено само на криминалот и корупцијата. И точка по прашањето. Кого лажат? Нас, себе си, американските институции што го финансираат тоа? Америка и Европа го растурија системот на владеење на правото во Македонија и тоталната недоверба во правниот систем со нивното селективно поддржување на системот на владеењето на правото.

Системот во кој малку го поддржуваш правораздавањето, а потоа малку применуваш балкански методи на владеење на правото, што на крајот води кон општо рушење на идејата за право и правда. Има право или нема право, толку е од правото. Понекогаш кога го гледам сето ова, мене ми е совршено јасно дека тие работат така, затоа што тоа е тој модел на контрола на моќта во империјален систем. Америка е само продолжување на британската империја со ново име. Нешто како преселување на империјалната администрација од Рим во Константинопол, односно преземање на доминацијата од Западен во Источен Рим. И точка. Тие само го продолжија започнатото на Далечниот Исток, Индија, Медитеранот, Арабија, Северна Африка и Јужна Европа, со ист начин на владеење во Чиле, Аргентина, Панама, Кореја и Виетнам, сосе Авганистан, и да не набројувам други земји по светот, оти списокот ќе биде доста долг. Земете ги луѓето што во тие земји формално беа претседатели и премиери што управуваат и ќе ги видите истите ликови. Нема тука ништо друго освен психолошки профили на потпросечни, од драгата ни заменичка Викторија Нуланд дефинирани како корисни идиоти, кои во име на личните животи, кариери и фрустрации ги ставаат во залог своите земји и народи. Но знаеме како завршија тие држави. Така ќе заврши и нашата, драги мои, во постојана и контролирана нестабилност. Ние мора да се соочиме со тој факт ако сакаме да преживееме. Ако сакаме да опстанеме. И мислам дека тука се крие нашето најсилно оружје.

Живеење и опстојување во постојан агон, нетрпеливост и жестина. Како мислите вие дека било во каурско, сиреч римско и подоцна во турско, а на крајот во новокаурско од крајот на деветнаесеттиот, па до почетокот на овој дваесет и први век?! Да не било поарно од 1878 година, па до крајот на Втората светска војна и воспоставувањето каков таков мир од 1949-та, па до распадот на Југославија во 1992 година? И, што, да не не сме опстанале? Ќе опстанеме и овој пат, само под еден услов: соочете се со вистината!
Ние мора да ја промениме перцепцијата дека ако дадеме нешто од историјата, од јазикот, од идентитетот, од духот или од нешто друго што нашиве го сметаат за безвредна нематеријална глупост, мирот, спокојството, идилата, развојот и благосостојбата ќе дојдат во истиот тој миг.
Мора да престанеме да веруваме дека дури и членувањето во Европската Унија, како полноправна држава, ќе ни донесе мир и спокојство. Тоа нема да се случи. Целиот овој систем што сега се создава со сите овие дополнителни рамки, договори, спогодби, анекси и патокази, е со една и единствена намера, системот на постојан притисок, контрола, уцени, прогони и секојдневни борби да продолжи и понатаму, не со крајна цел полноправно членство, туку продолжување на внатрешните конфликти помеѓу некогашните припадници на нацијата Македонци, предизвикување судири и дефинитивен распад на нацијата. Тоа е сѐ. Нема ништо друго. Ние мора да престанеме да се залажуваме во пријателските намери на Америка, Европа и соседните земји кон нас. Знаете ли кога Изразел тргнал кон развој и просперитет? Во моментот кога прифатија доктрина на општа загрозеност на државата Израел и еврејската нација од сите околни соседи. Ама од сите. До еден. Па, вие заборавате дека британските војници пукале во еврејските доселеници што по холокаустот од Втората светска војна доаѓале во тогашна Палестина?

Што мислите вие, дека така е направена таа држава? Со референдум, дали сте за ова, за она? Денот кога ќе прифатиме дека сме сами и дека можеме да сметаме единствено на самите себеси и дека никому нема да му веруваме за ништо на овој свет, дека нема безизлез и нерешливи проблеми, дека нема рај на Земјата, дека сме неспособни сами да се организираме и управуваме, дека сме глупав и необразован народ, дека Македонија не ни припаѓа нам туку на другите, дека што и да правиме нема да се поправиме, дека овој народ не заслужува пристојна сегашност и поубава утрешност, дека другите знаат подобро од нас што е добро за нас. Нема фајде од кукање и лелекање над жалната судбина. Треба да престанеме да плачеме над сопствените живи гробови. Тука и сега. Ние знаеме, ние можеме, ние сакаме! Колку сме, толку сме, токму сме. Нема, драги мои, овие или следните избори да го донесат просперитетот. Просперитетот не е во тие што управуваат со нас, туку со нашите умови. Ослободете си го умот од потребата да зависите од некого за сѐ и сешто. Да, човекот, луѓето се во земна врска на постојана размена на луѓе, идеи и капитал. Така си е тоа. Но немојте да се разменувате за ништо, бреј! Разменувајте се, но за нешто. Разменувајте се со луѓе, разменувајте се со идеи, разменувајте се со капитал, а не со лаги, празни муабети и ветувања. Од ветување куќа не се прави. Како не го разбравме тоа, не знам. Ете, оваа колумна нека биде мој мал прилог на денот кога ќе почнеме да се менуваме од плачковци и губитници во стамени и победници. Оти победата е зад аголот, стани, оди таму, аголот нема да дојде кај тебе, дури да си и Мухамед, а не си.

Авторот е режисер и универзитетски професор