Феномените руска вакцина и северна влада

1165

Деновиве, драг читателу, по подолго време пак го препрочитував Иполит Тен, кого некои го сметаат за застарен позитивист во естетиката, но мене неговата фасцинантна теорија за расата, средината и моментот како клучни фактори за дефинирање на карактерот на една уметност ми се многу блиски. А сметам дека таа Тенова теорија е во некоја смисла и претходница на теоријата на Јунг за архетиповите како архаично наследство на човековата душа. Сеедно, туку Тен, драг читателу, за тебе необично, заскита во нашата денешна колумна не за разглобување на неговата антрополошка естетика, туку едноставно со еден негов исказ за Сент Бев, а кој идеално се вклопува и во темата на погорниот наслов. Ќе видиш. Имено, Тен оддавајќи му постхумна почит на својот пријател во само една единствена реченица ја дефинира смислата на неговиот живот. Вели: „Тој (Сент Бев) живееше за да мисли; тоа беше, барем, неговата главна цел“.
Верувам дека веќе ти е јасно, драг читателу, што бара, макар и имплицитно, оваа Тенова дефиниција за Бев во нашава денешна колумна. Таа има компаративна цел за некои согледби особено кај нашите политичари, тргнувајќи од темелното прашање, не е ли всушност мислењето, како што би рекол и Кант, априорен императив за човекот како битие од Создателот обдарено со ум. За разлика од животните што поседуваат само инстинкти и чувства. Се чини, и подлабоки од нашите. И обично мислиме дека тој кантовски априорен императив за мислење (од кое извираат и етиката и моралот) е задолжителен само за луѓето од науката и пошироко интелектуалниот сој. Но, се разбира, и за политичарите што најчесто, парадоксално, не само во нашиот пример (особено во него) туку и пошироко не ѝ припаѓаат ни на едната група.

Како да решиле да го игнорираат homo sapiensot. Да деволуираат надвор од зоната на мислата и мислењето. Можат за тоа да се набројат еден куп примери кај нашите северни политичари, кои фасцинираат како литерарна тема за еден Гогољ, мајстор на гротеската, или за еден Гоја во сликарството за неговите сомнамбулни каприча. За илустрација сега/засега, за потребата на нашата колумна ние, драг читателу, се сосредоточуваме на две, неодамнешни изјави на министерот за економија Крешник Бектеши и на премиерот Зоран Заев, нашиот и (бело)светски гениј во политиката. Нешто слично како Тесла и Ајнштајн во науката. Тие изјави се поврзани со руската вакцина (имплицитно но и експлицитно) доживеана како еден вид страшило, кое можат да го опишат мајстори што се занимавале со оваа тема, како Е.А. По. Мери Шели или Х.Џ. Велс. Доволно. А тоа всушност значи страв од Русија што се шири како геополитичка чума од Америка кон Европа, а од која е страшно инфицирана и нашата северна влада.
Тоа. Туку еве ги изјавите на Бектеши и на Заев за кои станува збор, а поврзани со набавката на вакцини против коронавирусот додека сè уште, воден од политиката на северната македонска влада, целосно не умрел овој народ што е во интензивна фаза на изумирање. А и двете тие изјави, секоја посебно, се брилијантно апсурдни, иако го немаат квалитетот на поимот апсурд каков што е присутен тој во филозофијата на егзистенцијалистите од типот на Киркегард, Ками или Сартр, кои животот го посматраат со длабинска сонда како „мачнотија на постоењето“ (Сартр). А јас не би рекол дека по таа аналогија, како што може некој да сфати, и нашите политичари, врвни мајстори на апсурдот, го перципираат него. Не. Тие само произведуваат мачнотија за народот. Само за него. Не и за себе како политфилозофи. А тоа, е огромна разлика. Но, еве ги, конечно, мистериозните изјави за кои станува збор.

Првин изјавата на министерот Бектеши. Во своето ексклузивно обраќање на телевизија тој на прашањето на новинарот зошто кога доцнат вакцините на Ковакс не набавуваме вакцини од Русија и од Кина на кои ЕУ не ставила забрана, па Србија набавува, тој како од пушка одговара: „Србија набавува вакцини од Русија, а ние не, бидејќи како држава се стремиме кон ЕУ.“ Рекол, па останал жив. И фала му за стремежот. А еве ја на иста тема (политичкото музичко „Болеро“ на Равел) и изјавата на лукавиот (атрибут и на Сатаната во Библијата) од Муртино, кој сепак се одлучува под притисокот на јавноста да набави вакцини за северните страдалници. И тој својата историска изјава ја соопштува со вехементен тон како свое големо државничко и политичко достигнување. Вели: „Само да потврдам дека имавме разговори со нашите стратегиски партнери, со НАТО и Вашингтон и утврдивме дека набавката на вакцините од Кина не е геополитичко прашање, туку суверено право на секоја држава“. Навистина Колумбово, или коперниканско откритие, ама кое друг го открил за тебе! – Вашингтон, големиот брат и Инквизитор, како што би рекол Достоевски, а за оној што не поседува личност во смисла на она психолошко Јас-тво на Јунг и Индусите, што е услов за вертикална врска на Атман со Брахма, или на земното со небесното. Божественото на кое заборавил овој луд свет до бескрај тормозен од либералкапитализмот на лакомиот Запад. И тој Голем Инквизитор, кој го натера одамна Фауст да му ја продаде душата на Мефистофел (ѓаволот), иако Фауст во таа трампа добро се држеше, бара апсолутна покорност од поданиците. Што ќе рече апсолутна безличност, за што е потврда кај нас северниот премиер од Муртино. Тој ги прашал своите партнери НАТО и Вашингтон дали може да набави кинеска вакцина, нешто што нема баш многу врска барем со минимален капацитет на умот и интелигенцијата. Да не зборуваме, пак, за храброста и етиката. Оти по аналогија постапката на премиерот, драг читателу, е докрај во однос на зависноста од друг (а што значи отсуство на слободна волја) поклопувачка со она дете од некоја детска градинка што ја праша воспитувачката (аналогно на НАТО и САД во случајот) дали ќе му даде нокшир да моча, за да не се помоча.

Тоа е Заев, Наполеон од Муртино, кој, ако добро се сеќаваш, драг читателу, во Валандово рече дека кога тој и неговите ќе дојдат на власт ќе јадат живи луѓе. И не излажа. Со Преспанскиот договор, како Ирод на Јован Крстител, им ја отсече идентитетската глава на Македонците, а потоа несигурен дека е завршена работата го направи со таа цел и договорот со бугарската хиена, притоа и беневолентно пуштајќи ја во оптек како булдожер што го урива докрај македонскиот суверенитет и Тиранската платформа на нашите рамковни, изготвена од неговиот патолошки пријател ЦИА на САД. И тоа е горчливата вистина, драг читателу, која, според Ниче, можеби некако и може да се надмине, односно ублажи со уметност, но не и со религија и политика, двете идеологии што го трујат и внесуваат раздор во човештвото. Добро, а ти веќе сфаќаш драг читателу, зошто политичкиот гениј од Муртино во својата изјава ја спомнува само кинеската, но не и руската вакцина. Сфаќаш. Тука, рака на срце, Бектеши е поискрен, па според тоа и поморален од него, иако тој нема ни еден атом туку квант на морал во себе. Оти имплиците (а сепак експлицитно јасно) тој ја дефинира позицијата на Албанците кон Русите, кои тие, искрено речено, не ги доживуваат без психолошка стигма, за разлика од нивната нескриена екстаза кон Америте што ја бомбардираа Србија со НАТО за да им создадат на нејзина суверена територија втора држава, а потоа, божем на пософистициран начин, тоа го прават и со Македонија: терористичката 2001 г., Охридскиот рамковен, доведувањето на терористите во Владата и парламентот, тиранската платформа… И, оп, еве ја комплетна Големата Илирида на Призренската лига. Финито.

Оттука, имено, за Бектеши не е пожелна руската вакцина, која, веќе сфаќаш, драг читателу, во нашата колумна има значење и на метафора. Дури и стоотстотно сметано во проценти. А таа не е по сè изгледа пожелна ни за Заев, кој не може ни понадвор да оди без да ги праша Американците. Во една посериозна метафизичка перспектива, пак, и за него и за Бектеши тие се нешто до поклопување слично на Светскиот историски дух на Хегел. На неговото учење за духовната супстанција (во нашиот случај Америка м. з.), која претставува основна суштина и структура на светските процеси. Според тоа, како што го сфаќа тоа и премиерот од Муртино, и на актуелната ситуација со „спасоносната“ вакцина и вакцинација, како и со самиот коронавирус, кој по сè изгледа дека не е произведен во набедената Кина во Вухан, туку во некоја темна масонска лабораторија на Запад. Постојат доста јасни знаци за тоа. Меѓу другото на интернет се врти и едно видео на кое Бил Гејтс (масон или илуминат сеедно) дебатира со една група на ЦИА на темата: полезноста на вирусите и начинот на кој тие најубаво треба да се употребат. Тоа е во 2005 година. Имено, Гејтс ги запознава цијашите како еден тип вирус може да се употреби против тероризмот и терористите, а друг (тој е најфасцинантен) за бришење на религиозниот код кај луѓето, кој е генетски од самиот Создател втиснат во нив. Тоа, пак, значи нивно апсолутно оддалечување од Бог, идејата на екстрабогаташот, кој веројатно добро го прочитал Достоевски дека ако нема Бог сè е дозволено. Односно, дозволено е злото, кое сега најмногу во светот, имено, го извезуваат Американците. Притоа тие се и фабрика за производство во најголем дел на тероризам и терористи на планетата, премолчувајќи го нивниот државен тероризам за кој пишува цели книги и водечкиот американски интелектуалец Ноам Чомски. А тој нивен тип тероризам добро го сетија на Балканот и Србите во 1999 г., а потоа во помал обем и ние Македонците во терористичката 2001 г., во која Америте застанаа на страна на албанските терористи.
Тоа е тоа. Јенките се планетарна сила што создава милом или силом пријатели низ светот. Од првата категорија кај нас се Албанците, а од втората Македонците, кои треба и кога ги тепаат да викаат дека им е убаво. А тоа сега во нивно име генијално го прави, имено, премиерот од Муртино со неговата патолошка кучешка верност кон неговиот стратегиски партнер како што ги вика тој Америте.

Тоа, пак, ништо не е друго, освен манифестација на психолошката болест што е дефинирана со поимот стокхолмски синдром. Синдромот во кој жртвата е патолошки заљубена во џелатот. А ти оправдано сега прашуваш, драг читателу, укорувајќи ме, од кај, пак, Американците се инкарнација на нашиот џелат. Оттаму, одговарам, што тие беа главните стратези (стратегискиот партнер на Заев) за преименување на Македонците, а со тоа и на нивна идентитетска ликвидација. Елементарната, пак, логика од тоа е дека тие не ни се баш пријатели, освен ако и ние народот не го свиткаме како Заев до земи ᾽рбетот и не му се препуштиме како тој беневолентно на неговиот патолошки стокхолмски синдром. Друго, Јенките сакаат по секоја цена и да нè оддалечат од Русите. Еве ја пак темата на руската вакцина. Реално и метафорично. Па во таа смисла и не е случајно што Заев во вехементното обраќање до нацијата за кинеската не ја спомна и руската вакцина. Разбирливо. Оти како што не смее текот на рускиот гас од Турција преку Грција низ Македонија потоа да минува кон Средна Европа, не смее ни руската вакцина да стигне во Македонија.
Оти руската вакцина (читај руското влијание) е опасна. Таа е буквално метафора на фантомскиот страв од Русите, патолошки отсликан во американскиот макартизам во педесеттите години од минатиот век, а кого моќните мускулести Амери успеаја да ѝ го втиснат во свеста и на глупавата и импотентна бриселска Европа, а од таму и на северната македонска влада. Па нели, за да не бидеме покусо, како знак на патолошка кучешка верност кон Јенките пред неколку години и северниот министер Никола Димитров протера, демек како шпион, еден руски дипломат.

И така нема руска вакцина за Македонците, драг читателу, освен ако, по некое чудо, не ја донесе неа кај нас оваа наша колумна, додека Вашингтон и импотентниот, без трошка тестостерони за морална и етичка ерекција Брисел деноноќно се занимаваат со проблемот на Навални, а сè со намера со методот замена на тези да ги маскираат некои од своите морални валканици и злосторства, иако нив тие ги именуваат главно со поимот демократија. Оти што станува со прогонот на луѓето што ја откриваат вистината за тоа кај нив? Луѓето како Асанж кому дури му се заканува и смртна казна кај Америте. Па и нивната сè уште мимикриска демократија во однос на црнците, кои одвреме-навреме, тамам сме помислиле дека е сè во ред, ги убиваат како глинени гулаби.
И што да ти кажувам понатаму, драг читателу, освен како во една песна на мојот омилен поет Георг Тракл да крикнам: „Боже, како да се преболи сè ова“. До следната наша средба, не очекувај да биде поведра, моите бескрајни поздрави до тебе.